• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Рани симптоми на рак на јајчник Печати

Ракот на јајчникот е болест која ги плаши жените. Доволно е само да се слушнат статистичките податоци за сè поголемиот број на заболени од оваа малигна болест, па стравот да биде уште поголем. Допонителен страв влева и фактот што, до неодамна, се сметало дека ракот на јајчникот не дава никакви рани симптоми.

Сепак, се работи за малигни заболувања, кои доколку се откријат рано, т.е. во почетната фаза на болеста, имаат добри шанси да се излечат и да не доведат до смртен исход.

Малигните тумори на јајчникот, по честота се на 3-то место меѓу малигните тумори на женските генитални органи, веднаш по ракот на грлото на матката и ракот на ендометриумот (телото на матката).

Американското здружение за канцер (ACS - The American Cancer Society) објавило дека во 2006 година во САД биле регистрирани 20 180 новодијагностицирани случаи на рак на јајчник, а 15 310 умреле од рак на јајчник.

Но, што да се прави кога некои видови на рак немаат рани симптоми? Нема многу смисол да се постојано земаат биопсии за анализа, ниту пак тоа би било изводливо. Поради тоа, ракот на јајчникот делувал толку застрашувачки. За неговото постоење, обично се дознавало во стадиум кога шансите да и се помогне на пациентката биле мали, а тоа е кога болеста се открива во напреднатите стадиуми.

Ракот на јајчникот претставува голем предизвик за лекарите. Тој обично во раните стадиуми не дава карактеристични симптоми, па тоа е и една од причините што се открива во напреднатите стадиуми на болеста.

Но, се чини дека ова тешко заболување, сепак, има некои рани симптоми.

Иако ракот на јајчниците вообичаено се открива во доцните фази, кога е најмалку излечив, неколку студии сега сугерираат дека постојат некои рани знаци на предупредување.
Раните симптоми не се специфични и, често пати, се слични со некои други заболувања и состојби во организмот. Затоа, доколку не ги игнорирате раните симптоми и знаци, можно е и рано откривање на ракот на јајчникот.

Постојат повеќе од 20 симптоми кои се поврзуваат со ракот на јајчниците во ранатa фаза, како: замор, болки во грбот, тврда столица, често и ургентно мочање и многу други. Тие симптоми се толку вообичаени и нејасни што многу жени и лекари често пати ги занемаруваат или ги сметат за неважни.

Меѓутоа, истражувачите почнуваат да го стеснуваат списокот на симптомите, откривајќи ги оние кои, се чини, дека се најважни. Истражувачите од Центарот за истражување на рак „Фред Хачинсон“ од Сиетл покажаа дека само шест клучни симптоми, заедно со испитувањето на крвта, помагаат да се подобри раното откривање на ракот на јајчникот за околу 20 %, покажуваат податоците објавени во електронскиот часопис Cancer.

Тие 6 симптоми се следниве:

  • карлична,стомачна болка и хронични грчеви;
  • чест нагон за мочање,
  • надуеност;
  • зголемен стомак;
  • тешкотии при јадење;
  • брзо чувство на заситеност.

Во студијата на „Фред Хачинсон“, според списокот на шест симптоми се идентификувани 50 % жени со рак на јајчниците во рана фаза кои немале позитивен резултат на испитувањето на крвта.

„Ако жената ги има овие симптоми и тие се нови и чести за неа, би било добро да отиде на лекар, кој ќе направи одредени испитувања на крвта и ултразвучен преглед на гениталните органи, со цел да се исклучи рак на јајчниците како можен извор на тие симптоми“, вели водечкиот автор на студијата, М.Робин Андерсен, помошен член на Научниот оддел за јавно здравство во центарот „Хачинсон“.

Три симптоми, сепак се најзначајни. Тоа се:

  • хронични грчеви и болка во абдоменот,
  • постојан нагон за мочање (треба да се исклучи инфекција на мочните патишта, бременост и периодот на опоравување по породувањето),
  • нагло губење на контролата на мочањето, кое не е предизвикано од долготрајни инфекции на мочните патишта, ниту од пораѓање.

Некои статистики покажуваат дека само 12% од пациентките со рак на јајчник се помлади од 40 години. Но, бидејќи статистиката не функционира на мал примерок, како што е тоа едно лице (што всушност значи дека е можно ракот на јајчникот да се јави и на возраст пред 40 години), доколку забележите било кој од наведените симптоми и доколку тие траат постојано и подолг временски период, потребно е да се јавите на преглед кај својот гинеколог.

Доколку со години имате карлични болки, надуеност или кој било од другите симптоми, постојат шанси тие да се знаци за други здравствени проблеми. Но, ако сте ги забележале тие промени во изминатите 12 месеци, консултирајте се со својот лекар. Тој може да предложи испитување на крвта, т.е. испитување на туморските маркери за ракот на јајчник (СА-125 и други) и трансвагинално снимање со ултразвук за да се исклучи рак на јајчниците.

Ако ракот на јајчникот се открие на време, т.е. во почените стадиуми на развој, шансите за илекување се околу 90%.