• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Дијагноза на рак на јајчник Печати

За жал, ракот на јајчникот најчесто се открива во понапреднатите стадиуми на болеста. Причина за тоа е што ова малигно заболување има подмукол ток и што, во почетните стадиуми, обично не дава или дава некарактеристични симптоми, кои можат да бидат занемарени од страна на пациентката.

Така, ракот на јајчникот, само во 30 до 35% од случаите се открива во раните стадиуми на болеста (стадиуми I и II). Во 60-65% од пациентките, ракот на јајчникот се открива во напреднатите стадиуми на болеста (стадиуми III и IV). Причина за тоа е непостоењето на рани симптоми и знаци на болеста.

Поставувањето на дијагнозата и одредувањето на проширеноста на болеста се утврдува врз основа на:

  • детална анамнеза со посебен осврт на фамилијарната анамнеза (рак на јајчник и дојка во фамилијата) и на факторите на ризик (репродукцијата, идукцијата на овулацијата, орални контрацептивни средства),
  • клинички преглед на абдоменот, палпација на препонските и вратните јами,
  • бимануелен (во двете раце) преглед на карлициата и анален ректален преглед,
  • колпоскопија и хистероскопија,
  • трансвагинален 3Д/4Д ултразвучен преглед, - оваа метода со интервентна пункција и доплер–метода може да дадат сигурни податоци за ракот на јајчникот,
  • цитолошка анализа на аспирационата пункција од овариумот и микроскопска анализа на евакуираната течност од абдоменот,
  • цистоскопија,
  • ректосигмоидоскопија,
  • дијагностичка лапароскопија,
  • експлоративна лапаратомија, кога е неопходна,
  • комплетна биохемиска анализа на крвта и мочката, испитување на комплетна крвна слика, електролитен и протеински статус, функционални проби на црниот дроб, серумски вредности на туморските маркери CA-125, CA-19-9, CA 15-3, CEA и CA72-4 и други,
  • рендгенска снимка на белите дробови,
  • мамографија, колоноскопија и/или иригографија за преглед на пасажата на цревата,
  • ехотомографски (ултразвучен) преглед на абдоменот,
  • компјутеризирана томографија и магнетна резонанца,
  • ПЕТ (позитронска емисиона томографија),
  • Интернистички преглед со ЕКГ во сите стадиуми на болеста.

Сепак, конечната, дефинитивна дијагноза се поставува исклучиво на основа на патохистолошкиот наод. Серозниот карцином на јајчникот се јавува во 51% од сите случаи на рак на јајчникот.