• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Тераписки опции кај карцином на грло на матка Печати

Расположиви тераписки опции за карциномот на грлото на матката се:

  • хируршки третман,
  • радиотерапија,
  • хемотерапија.

Засега единствени третмански модалитети кои можат да доведат до излекување се хирургијата и радиотерапијата, кои најчесто се комбинираат и тоа по овој редослед.

Терапијата зависи од стадиумот на болеста.

Хируршки третман

Така во стадиум 0 (carcinoma in situ) хируршкиот третман е метода на избор. Видот на операцијата зависи од возраста на пациентката, па така, доколку се работи за помлада жена кај која сеуште не завршил фертилниот период, се применува: конизација (отстранување на дел од грлото на матката, во вид на конус), ампутација на цервиксот или ласерска терапија. Кај овие пациентки потребни се редовни контролни прегледи, поради постоењето на опасност од рецидив.

Кај постари пациентки во овој стадиум (стадиум 0), кај кои завршил фертилниот период, посигурна хируршка интервенција е тоталната хистеректомија (целосно отстранување на матката).

Кај стадиум I и IIa се изведува радикална хируршка интервенција по Wertheim, која претставува доминантен хируршки метод во лекувањето на инвазивниот цервикален карцином. Овој оперативен третман се состои од тотална хистеректомија со обострана аднексектомија, отстранување на горната третина на вагината и голем дел од ткивото на параметриумите со лимфните јазли (оперативно отстранување на илијакалните лимфни јазли).

Радикалниот хируршки третман се изведува сé до стадиум II B на болеста.

Во стадиум IVa на болеста, исто така, може да се примени екстензивна операција, егзентерација, при што се отстранува целиот генитален систем, заедно со мочниот меур и задното црево, кои се инфилтрирани со туморот. Но, бидејќи оваа операција е многу опсежна, тешка за изведување и придужена со голем морбидитет, се изведува само во одредени високо специјализирани центри. Многу почесто овие случаи се третираат со радиотерапија.

Радиотерапија

Дефинтивна радиотерапија

Иноперабилниот инвазивен цервикален карцином (IIb, III и IV стадиум) се третира со комбинирана надворешна радиотерапија и интракавитарна радиотерапија.

При интракавитарната терапија се аплицираат радиоактивни извори -сонди (цезиум137, иридиум 192, кобалт 60) во цервикалниот канал и во вагината. Тие обезбедуваат тераписка доза од 60 до 80Gy во туморот и неговата непосредна околина. Бидејќи при интракавитарната радиотерапија дозата нагло опаѓа со растојанието, лимфните садови и параметриумите во малата карлица остануваат субдозирани, поради што се применува надворешна радиотерапија.

Планирањето на надворешната зрачна терапија се остварува со примена на четири зрачни полиња, т.н. „box“ техника (предно, задно и две странични полиња). Горната граница на зрачното поле се наоѓа помеѓу 4 от и 5 от слабински прешлен, долната граница е на средината на оптураторните отвори на карличната коска, а страничните граници се најмалку 1.5 до 2 см на надвор од најширокото место на карличниот отвор. На овој начин, во зрачното поле е опфатена целата матка, но и карличниот лимфен базен (лимфните јазли во малата карлица). Радиотерапијата се спорведува со линеарен акцелератор со примена на високоенергетски фотони (X-зраци со енергија од 8-15-25 МV. Дневните дози на зрачење се од 1.7-2 Gy, а вкупната туморска доза изнесува 45-50 Gy, а се остварува во тек на 5-5.5 недели.

Радиотерапијата може да се применува и во комбинација со хируршкиот третман. Таа може да биде предоперативна или постоперативна.

Предоперативната радиотерапија

Предоперативната радиотерапија се спроведува кај бачваста форма на тумор, како и кај тумор со голема површина (стадиум Ib, IIa) со големина од 5-6 cm дијаметар. Предоперативната радиотерапија се користи за стерилизација на супклиничките инфилтрати како и за намалување на туморскиот волумен, со што се овозможува посигурен оперативен третман. Предоперативната радиотерапија се состои од надворешна радиотерапија, со која се постигнува доза од 30 Gy, брахитерапија од 20 Gy. Потоа следува оперативниот третман.

Постоперативната радиотерапија

Постоперативната радиотерапија се спроведува кај пациентки кај кои болеста се наоѓа во стадиум Ib, IIa. Се спроведува со надворешно зрачење со примена на високоенергетски фотони произведени со линеарен акцелератор. Вкупната доза е 45-50 Gy. Со овој третман се овозможува локална контрола на болеста и превенција на далечните метастази.

Палијативна радиотерапија

Се применува кај болни со цервикален карцином кои се класифицирани во стадиум IV, кај рекурентен и метастазиран цервикален карцином. Може да се користи надворешна радиотерапија, интракавитарна и интерстициелна радиотерапија.

Хемотерапија

Денес е мошне јасно дека постои потреба за ефикасна хемотерапија кај пациенти со ран стадиум и висок ризик на цервикален карцином, како и кај оние со напредната болест. Преживувањето на пациентките со „голем волумен“ (стадиум Ib и II, III и IV) на цервикален карцином се уште не е задоволително.

Системската хемотерапија сега се препорачува како прв третман т.е. како неоадјувантна хемотерапија. Целта на неодјувантната хемотерапија е да го намали волуменот на туморот и да го доведе во границите погодни за радикална операција или радикална радиотерапија, како и да го намали ризикот од локален рецидив и далечни метастази.

Хемотерапијата може да се применува и истовремено со радиотерапијата, а целите на оваа т.н конкурентна хеморадиотерапија се исти. Некои цитостатици покажуваат евидентен радиосензибилизирачки ефект, а тоа значи дека го засилуваат дејството на радиотерапијата.

Од лековите кои досега покажале најголема ефикасност се издвојува Cisplatin-от, било да се применува како монотерапија (самостојно) или во комбинација со други цитостатици.