• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Превенција и скрининг кај карциномот на грлото на матката - Лист 2 Печати
Индекс на артикл
Превенција и скрининг кај карциномот на грлото на матката
ПАПА тест
Тестови за идентификација на HPV вирусот
Препораки
Сите страници

ПАП тест

Со откривањето на ПАП тестот направен е голем напредок во раното дијагностицирање на преканцерозните состојби и на карциномот на грлото на матката. Редовните брисеви се најефикасен начин за рано откривање на абнормалностите на клетките на грлото на матката, кои можат да бидат прв знак на карциномот. Брисот нема да ја певенира инекцијата со вирусите, но ќе помогне во раното препознавање на знаците на болеста. Тоа овозможува лекувањето да започне брзо и успешно. Многу животи се спасени благодарение на тоа што е болеста „фатена“ во раната фаза, а како резултат на скрининг ПАП тестот.

Доколку жените одат на редовни рутински гинеколошки прегледи и ПАП тест, повеќето преканцерозни промени рано се откриваат и излекуваат, пред да дојде до развој на карцином. На тој начин може да се превенираат повеќето инвазивни карциноми. Секој инвазивен карцином кој веќе се развил, многу е веројатно дека со овие скрининг тестови ќе се открие во раните стадиуми, кога е и можно комплетно излекување.

При карличниот преглед, лекарот го прегледува утерусот, вагината, јајниците, јајцеводите, мочниот меур и ректумот. Лекарот со прегледот ги открива абнормалностите во формата или големината на тие органи. Спекулумот се користи за да се прошири вагината за да може лекарот да го види горниот дел од вагината и грлото на матката.

ПАП тестот е метода која се користи за откривање на абнормални, за рак потенцијално опасни клетки на грлото на матката. Тоа е едноставен и безболен тест. Абнормални резултати добиени од ПАП тестот често пати се прв знак за присуство на инфекција, воспаление или рак на грлото на матката. Ако се добијат абнормални резултати на ПАП тестот, неопходно е да се изведат дополнителни тестови и испитувања за да се утврди дали навистина станува збор за преканцерозна состојба (постои само ризик за рак) или пак веќе станува збор за вистински рак на маткиното грло.

Тестот прв го развил Dr. George Papanicolau пред повеќе од 60 години и денес се уште претставува многу ефикасен тест за рано откривање на преканцерозните промени и карциномот на грлото на матката.

Денес ПАП тестот рутински се изведува во склоп на гинеколошкиот преглед на жената.

Според препораките на Американската асоцијација за рак првиот ПАП тест треба да се спроведе кај секоја жена 3 години по нејзиното прво сексуално искуство или штом наполни 21 година, без разлика на тоа дали дотогаш имала или не сексуално искуство.

По 21 година од животот, се препорачува ПАП тестовите да се изведуваат според следниот распоред:

Честота на тестирања со ПАП тест според возраста

Пациентки од 21 до 29 години: Еднаш годишно тестирање со ПАПА тест.

Пациентки од 30 до 69 години: Ако на три последователни ПАПА тестови се добијат нормални резултати, тестот може да се изведува по еднаш на секои две или три години.

Пациентки од 70 години или повеќе: Ако ПАП тестовите покажале нормални резултати во последните 10 години и ако последните три последователни тестови биле нормални, може да се прекине со ПАП тестирање во иднина.

ПАП тестот е безболен, иако некои жени даваат податок дека почувствувале слаба нелагодност за време на процедурата.

Резултатите од ПАП тестот обично се готови за неколку недели. За тоа време, примерокот земен при гинеколошкиот преглед се праќа во посебна лабораторија, каде ќе биде анализиран од страна на посебно стручно лице-цитотехнолог, обучено за препознавање на абнормални клетки. Цитотехнологот во соработка со лекар специјалист-патолог ги анализира клетките под микроскоп. На крај, патологот ја поставува дијагнозата зависно од најдените клетки како нормален наод, преканцерозна состојба или канцерозна состојба. Резултатите се толкуваат според повеќе класификации. Кај нас најчесто се користи класичната цитолошка класификација според Папаниколау и нејзината последна модификација-системот на Bethesda. Според тие системи на класификација можен е еден од следните наоди:

  • Нормален наод. Тестот е негативен и не се најдени абнормални клетки. Не се потребни дополнителни третмани и испитувања до следниот гинеколошки преглед.
  • Атипични сквамозни клетки (Atypical squamous cells - ASC). Плочестите или сквамозни клетки се тенките, рамни клетки кои растат на површината на грлото на матката. Оваа дијагноза укажува на присуство на помалку абнормални клетки кои може да бидат резултат на инфекција, воспаление или на некоја преканцерозна промена (цервикална дисплазија). Втор ПАПА тест или некој друг тест може да се изведе за утврди точната причина за абнормалните клетки.
  • Атипични жлездени клетки (Atypic glandular cells - AGC). Жлездените клетки создаваат слуз и растат во каналот на грлото на матката, како и во внатрешната слузница на матката. При ваков наод потребни се дополителни испитувања со цел да се утврди дали станува збор за канцерски клетки.
  • Ендоцервикален аденокарцином in situ (Adenocarcinoma in situ - AIS). Клетките кои се со голема веројатност за канцерозни се наоѓаат во жлезденото ткиво во внатрешната половина на маткиното грло-ендоцервикс. При наод на ендоцервикален аденокарцином in situ потребни се дополнителни тестови.
  • Сквамозна интраепителна лезија (Squamous intraepithelial lesion-SIL). Ваквиот наод покажува дека клетките видени на ПАП тестот укажуваат на преканцерозна состојба, позната како цервикална дисплазија. По ваквиот резултат препорачливи се дополнителни дијагностички тестови. Сквамозна интраепителна промена од низок градус се смета за почетна преканцерозна абнормалност. Доколку истата е окарактеризирана како висок градус промена, абнормалностите во големината и формата на клетките се поизразени и веројатноста за рак на грлото на матката е поголема.

Според таканаречената CIN (Cervical intraepithelial neoplasia) класификација, резултатите се поделени во следните групи:

  • Група 1 - нормален наод
  • Група 2 - инфекција
  • Група 3
    • CIN 1 - низок степен на интраепителијална промена, лесна дисплазија само во долната третина на епителот. Овој резултат покажува можност за преканцерозна промена и бара повторување на тестот за неколку месеци.
    • CIN 2 - висок степен на интраепителна промена, дисплазија во долната и средната третина на епителот. Наодот покажува потреба од дополително испитување или повторување на ПАПА тестот за точно прецизирање на промената. Постои поголема веројатност за преканцерозна промена или вистински рак.
    • CIN 3 - тешка дисплазија со абнормални клетки по целата висина на епителот. Наодот покажува карцином ограничен на слузницата или Carcinoma in situ. Неопходна е биопсија на промената.

Во сите случаи со негативен резултат, абнормални клетки не се присутни. Позитивен резултат значи дека абнормални клетки се присутни, но не мора да значи дека постои рак. Единствен начин да се утврди дали се работи за вистински рак на грлото на матката или пак само за преканцерозна промена е да се земе парче ткиво од грлото на матката-биопсија и да се испрати во лабораторија за анализа.

Важно е да спомнеме дека абнормални клетки, покрај од преканцерозни и канцерозни промени, можат да бидат резултат и на воспаление предизвикано од инфекција со HPV-хуман папиломавирус, херпес вирус, кандида или некоја друга инфекција. Само дополнителни микробиолошки и специјални тестови за идентификација на HPV можат точно да потврдат дали е во прашање некоја од овие инфекции на гениталиите.

Конечно, резултатите од ПАП тестот треба да ви ги протолкува вашиот лекар. Тој ќе ве посоветува дали треба да направите дополнителни испитувања или доколку резултатот е нормален, ќе ви го одреди датумот кога треба да го направите следниот систематски ПАП тест.