• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Причини и фактори на ризик за ракот на грлото на матката Печати

Како и за сите други карциноми кои се јавуваат кај луѓето, така и за ракот на грлото на матката причините за неговото јавување не се познати.

Иако основниот етиолошки фактор не е познат, сепак утврдено е дека постои голема поврзаност помеѓу појавата на ракот на грлото на матката и некои надворешни фактори.

Како главен фактор на ризик се смета раниот коитус (рано започнување со полови односи), бидејќи надворешниот епител на цервиксот во тој период од животот е поосетлив на сеуште непознати (онкогени) фактори, кои ја активираат ненормалната делба на клетките во вид на малигна трансформација. Најверојатно се работи за инфективни фактори, но не се исклучуваат и сперматогените фактори.

Така, утврдено е дека овој вид на тумор значително е почест кај жени кои:

  • рано стапиле во брак,
  • менувале повеќе сексуални партери (на пример над 6 сексуални партнери),
  • родиле повеќе деца (мултипаритет),
  • имале повеќе абортуси,
  • живеат во лоши социо-економски услови.

Во сите наведени случаи се смета дека честите поведи на цервиксот доведуваат до воспаление, хиперплазија и метаплазија на епителните клетки.

Инфекција со Herpes simplex вирус - HSV и Human papiloma вирус - HPV

Последните епидемиолошки студии во прв ред ги издвојуваат Herpes simplex вирусот тип 2, 14 и 15 (HSV) и Human papilloma вирусот (HPV), кои има 70 типа.

HPV инфекцијата на цервиксот на матката, која се пренесува по сексуален пат, најчесто е во субклиничка форма, и е присутна кај 7-17% од женската популација. Оваа инфекција има улога на промотор во канцерогенезата, додека иницирачката улога се препишува на други агенси (на пример на HSV-тип 2 вирусот, на пушењето).

При тоа, од вкупно 70 типови на HPV, посебно некои одредени типови се објавуваат како високо ризични.

HPV е изолиран во 99.7% од сите цервикални карциноми. Се смета дека овој вирус трансформирајќи ги клеточните протеини кои се енкодирани со вирусните гени Е6 и Е7 можат да ги блокираат продуктите на тумор-супресорните гени p53 i pRb во клетката и на тој начин да доведат до нејзина неконтролирана, абнормална делба.

HPV се класифицира во група на високоризични генотипови (HPV 16, 18, 31 i 45) и група на нискоризични генотипови (HPV 6 i 11).

HPV 16 предизвикува околу 50%, а HPV 16 и 18, околу 70% од сите цервикални карциноми. Помеѓу 18 и 24 годишна возраст, со високоризичните HPV типови се инфицирани 8-12% од жените, а по 35 годишна возрат, 2-5%.

Според најновите сознанија, нискоризичните генотипови (HPV 6 i 11) не можат да предизвикаат инвазивен карцином, туку само бенигни промени како што се гениталните кондиломи.

Инфекцијата со високоризичните (онкогени) HPV типови е силно поврзана со настанувањето на цервикалниот карцином. Тие се обвинуваат како високо розични, бидејќи нивната поврзаност со CIN III (тешка дисплазија) и со Ca in situ е извонредно честа (50-93%). Затоа, од голема вредност е HPV типизацијата во одредувањето на ризикот за настануавањето на цервикалниот карцином.

Во прилог на ова оди и фактот што ова малигно заболување е поретко во одредени религии, каде од верски причини се прави циркумцизија (обрежување) кај мажите. Така, од цервикалниот карцином поретко заболуваат жените еврејќи, односно муслиманките. Односот на инциденцата помеѓу еврејките и христијанките е 1:5. Се смета дека смегмата со придружните бактерии и вируси плус повредите на цервиксот ја потенцираат инфекцијата и создаваат услови за метаплазија и малигна трансформација на клетките.

Инфекција со HIV (Human Immunodeficiency Virus)

HIV е вирус кој предизвикува СИДА. Жените со HIV имаат ослабнет имунитет и поради тоа полесно го прифаќаат HPV вирусот кој од своја страна е одговорен за појавата на рак на грлото на матката. Научниците сметаат дека имуниот систем е одговорен за елиминацијата и забавување на прогресијата на канцерските клетки. Поради тоа, ракот на грлото на матката кај жени со истовремена HIV инфекција напредува многу побрзо од истиот кај жена со нормален имунитет. Покрај HIV и други состојби кои доведуваат до слабеење на имуниот систем, исто така се проследени со зголемен ризик за појава на рак на грлото на матката.

Инфекција со хламидија (Chlamydia).

Хламидија е една од најчестите сексуално преносливи болести во развиените земји во светот. Оваа бактериска инфекција се пренесува со сексуален контакт и повеќето жени не се свесни дека се инфицирани затоа што немаат никакви тегоби. Неодамнешните студии со тестирање на крвта покажаа дека жените со мината или сегашна хламидија инфекција имаат поголем ризик да развијат рак на грлото на матката од жените кои никогаш немале таква инфекција.

Пушење

Инциденцата на цервикалниот карцином е повисока кај жените кои пушат. Тие имаат релативен ризик за заболување од 3.0.

Орални контрацептивни средства

И жените кои 5 или повеќе години користат орални контрацептивни средства имаат поголем ризик за појава на овој малигном (релативен ризик 1.5), но повеќето научници тој ризик не го доведуваат во врска со директното делување на контрацептивните сретства, туку со пореткото користење на презервативи при сексуалниот однос, со што се зголемува ризикот од инфекција со HPV и HSV вирусите.