• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Дијагностички постапки - Дополнителни дијагностички процедури Печати
Индекс на артикл
Дијагностички постапки
Дополнителни дијагностички процедури
Сите страници

Дополнителни дијагностички процедури

Откога ќе се добие хистолошка дијагноза за инвазивен цервикален карцином, потребно е да се одреди клиничкиот стадиум на болеста, т.е. да се утврди дали карциномот е ограничен само на цервиксот, или ги зафаќа и околните структури и соседни органи како параметриумите, вагината, телото на матката, мочниот меур и ректумот.

За проценка на стадиумот потребно е да се направат дополнителни иследувања како:

  • пиелографија,
  • цистоскопија,
  • ректоскопија,
  • колпоскопски преглед на вагината,
  • ехотомографскиот преглед на абдомен,
  • компјутеризирана томографија на абдоменот,
  • магнетна резонанца на абдоменот,
  • рендгенграфија на граден кош,
  • сцинтиграфски преглед (скен) на скелетот.

Пиелографија

Тоа е дијагностичка метода при која се прават повеќе серии на рендгенски филмови на целиот уринарен тракт кои се прават со вбризгување на специјален контраст во вена (интравенска пиелографија-ИВП) или со вбризгување на контраст во уретрата (ретроградна пиелографија).

Со ова метода се визуелизираат сите органи на уринарниот систем и може да се откријат одредени абнормалности. Со оваа метода се одредува и евентуалната зафатеност на уринарниот систем со директното ширење на туморот.

Цистоскопија

При цистоскопија, лекарот го испитува мочниот меур и надворешниот мочен канал (уретра), користејќи цевчест инструмент со вградена ламбичка и оптички леќи. Цистоскопијата се изведува така што овој цевчест инструмент т.н. цистоскоп се внесува преку надворешниот мочен канал дирекно во внатрешноста на мочниот меур. На тој начин, докторот има увид во состојбата на слузницата која го обложува од внатре мочниот меур. Лекарот директно гледа во внатрешноста на овие органи. Цистоскопијата треба по правило да се изведува со локална или општа анестезија.

Оваа дијагностичка метода помага да се открие евентуално зафатеноста на мочниот меур со директното ширење на цервикалниот тумор. Можно е на овој начин да се откријат и евентуално присутните фистули.

Ендоскопски методи (аноскопија и ректоскопија)

Ендоскопските методи овозможуваат визуелно иследување во подрачјето на целиот анален канал и задното црево. Тоа е најсигурниот, најдеталниот преглед на слузницата на анусот и на делот од дебелото црево и со овој преглед можат да се утврдат и ситни абнормалности. Оваа дијагностичка метода е многу попрецизна од рендгенграфското испитување со двоен контраст.

Оваа дијагностичка метода е од голема корист за клиничкото одредување на стадиумот на цервикалниот карцином.

Цервикалниот карцином може со своето директно ширење да ја зафати и слузницата на задното црево и дури да доведе до појава на фистула, т.е. комуникација меѓу матката и ректумот.

Колпоскопски преглед на вагината

Колпоскопскиот преглед на вагината е многу важен за одредувањето на клиничкиот стадиум на цервикалниот карцином. Доколку се забележи лезија во слузницата на вагината, потребно е да се земе биопсија од промената, со цел да се добие хистопатолошка дијагноза т.е. доказ за проширеност на цервикалниот карцином и на sидот на вагината.

Ехотомографскиот преглед на абдомен

Ехотомографскиот преглед на абдоменот ни дава преглед на сите органи и структури во абдоменот, а посебно е корисна дијагностичка метода за откривање на метастази во црниот дроб и лимфните јазли.

Оваа метода се користи кај цервикалниот карцином, со цел да се откријат присутни метастази во абдоменот, со што помага во одредувањето на стадиумот на болеста.

Компјутеризирана томографија на абдоменот

Компјутеризирана томографија се препорачува кај сите пациентки со високо градусни тумори (G3) или со стадиум II на болеста, бидејќи со оваа метода може прецизно да се одреди нодалната зафатеност т.е. зголемувањето на регионалните и оддалечените лимфни јазли, како и екстраутерината (надвор од матката) проширеност на болеста.

Оваа дијагностичка процедура е безболна и не дава несакани ефекти.

Лимфните јазли до 1 cm се сметаат за негативни (без метастази).

Лимфните јазли со големина од 1 до 2 cm се сметаат за суспектни, а лимфните јазли поголеми од 2 cm се сметаат за метастатски.

Со преглед на горниот дел од абдоменот се евалуираат лимфните јазли во таа регија како и црниот дроб.

КТ се користи за прецизно водење на биопсијата и на другите минимално инвазивни процедури, како и за планирање на хируршкиот третман и за утврдување на операбилноста на туморот.

КТ се користи и за планирање и за соодветно администрирање на радиотерапијата со помош на КТ симулатор.

Магнетна резонанца на абдоменот

Ова е дијагностичка процедура каде се употребуваат магнетни радиобранови и компјутер за да се добие серија на детални слики на одредено заболено поле во телото. И ова е прецизна дијагностичка процедура која помага во поставувањето на дијагнозата и во одредувањето на локалната проширеност на туморот и одредувањето на стадиумот на болеста.

Рендгенграфија на граден кош

Рендгенграфска снимка на градниот кош се прави со цел да се исклучат или докажат присутни метастази во белите дробови.

Сцинтиграфски преглед (скен) на скелетот

Карциномот на грлото на матката може да даде коскени метастази, кои настануваат со расејување на карциномските клетки по крвен пат. Може да биде зафатена која било коска од телото, но најчесто промените се во ‘рбетот и на карлицата.

Со сцинтиграфскиот преглед на скелетот се откриваат овие промени во целиот скелет.

Методата е безболна и не дава никакви несакани ефекти.

Многу е прецизна и со неа може да се откријат и најмали промени во коските, кои не се гледаат на обична рендгенска снимка.

Првичните и дополнителните дијагностички процедури овозможуваат да се одреди прецизно клиничкиот стадиум на болеста, да се утврди дали станува збор за операбилен или неоперабилен тумор, и да се одреди адекватен третман, според стадиумот, кај секоја пациентка одделно.