• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Дијагностички постапки Печати
Индекс на артикл
Дијагностички постапки
Дополнителни дијагностички процедури
Сите страници

Дијагнозата се поставува со внимателно земена анамнеза, физикален преглед по системи, лабораториски испитувања, рендгенографски испитувања, инвазивни дијагностички процедури (за цитолошка и хистолошка дијагноза), радиоизотопски и ехотомографски испитувања.

Постојат првични и дополнителни дијагностички процедури.

Првични дијагностички процедури

Анамнеза и физикален преглед

При анамнезата, особено се обрнува внимание на присутните симптоми и знаци на болеста. Така податокот за присуство на жолтеникав вагинален исцедок (секрет), повремено со примеси на крв и на оскудни крварења после коитус, треба да го наведат лекарот да се посомнева за присуство на малигном. Секое посткоитусно крварење, како и ирегулано крварење, надвор од нормалниот менструален циклус, бара детално испитување, со цел да се постави точна дијагноза.

Лекарот зема детални податоци за евентуално присуство на инфекции со herpes simplex вирусот и human papilloma вирусот, како и за присуството на некои други фактори на ризик за ова малигно заболување.

По детално земената анамнеза следи физикалниот преглед.

Тој се состои од гинеколошки преглед под спекулум, колпоскопски преглед, дигитален ректален преглед. Сепак, дефинитивен хистопатолошка дијагноза се поставува со микроскопски преглед на материјалот земен со биопсија од сомнителната промена.

Гинеколошки преглед и ПАП тест

Гинеколошкиот преглед и ПАП тестот ќе му овозможат на лекарот да ги открие абнормалните промени на грлото на матката.

ПАП тестот е преглед при кој лекарот користи мала четкичка со која зема примерок од клетките на грлото на матката. Потоа земениот материјал се гледа под микроскоп. Овој едноставен тест помага при дијагноза на карциномот на грлото на матката. ПАП тестот има сензитивност од 80-90%, додека лажно позитивни резултати се јавуваат во 10-15%.

Ако овие прегледи покажат дека е присутна инфекција, тогаш лекарот прво ја лекува инфекцијата, а потоа се повторува ПАП тестот.

Доколку ПАП тестот покаже некои други промени, а не присуство на инфекција, потребно е да се направат дополнителни тестови, со цел да се разјасни проблемот.

Дигитален ректален преглед

По гинеколошкиот преглед се прави и дигитален ректален преглед при кој се палпираат параметриумите и се оценува евентуалната нивна зафатеност со туморот.

Колпоскопија

Колпоскопијата е дијагностичка метода со која се гледа грлото на матката со зголемување од 6 до 40 пати. Колпоскопијата е раширена метода на преглед на цервиксот, со која се бараат евентуално присутни лезии.

Колпоскопија е дијагностичка постапка која му овозможува на лекарот директена визуализација на слузницата на вагината и на грлото на матката со помош на колпоскоп, кој е еден вид на микроскоп со светло Лекарот прво го премачкува цервиксот со раствор на оцетна киселина, а потоа користи инструмент сличен на микроскоп т.н. колпоскоп со кој темелно го прегледува цервиксот. Лекарот може потоа да го премачка цервиксот со раствор на јод (постапката се нарекува Schiller тест). Здравите клетки изгледаат кафени, додека абнормалните се жолто пребоени. Оваа постапка може да се изведе во амбулански услови.. На тој начин се гледаат и промени кои не може да се забележат со „голо око“, т.е. без зголемување. Прегледот со колпоскоп може да биде непријатен, но не е болен и трае 5-10 минути.

Биопсија

Доколку при колпоскопијата се забележи сомнителна лезија на грлото на матката, треба да се земе материјал од таа промена (биопсија) со цел да се постави дефинитивна патохистолошка дијагноза.

Кај еден вид на биопсија, лекарот користи инструмент за откинување на мали парченца на цервикално ткиво.

Друга метода која се користи за биопсија е т.н. електрохируршка ексизиона постапка (LEEP). При оваа постапка лекарот користи електична жица за да земе тенок кружен дел од ткивото.

И двата вида на биопсија можат да се изведат во амбулантски услови, со користење на локална анестезија т.е. при самата биопсија, лекарот локално го анестезира грлото на матката. По постапката можно е слабо крварење.

Конизација

Конизацијата е дијагностичко-тераписка постапка при која во вид на конус се зема помал или поголем дел од грлото на матката и материјалот се испраќа на патохистолошка анализа. Конизацијата или конусната биопсија му овозможува на патологот да види дали абнормалните клетки го зафатиле и ткивото под површината на цервиксот. Конизацијата може да биде и дефинитивна терапија за преканцерозните лезии, доколку е отстранета целата абнормална лезија. Самата постапка бара локална или општа анестезија и може да се изведе во амбуланта или во болница.

Киретажа

Во мал број случаи може да биде нејасно дали се абнормалниот ПАП тест или симптомите на жената предизвикани од промени во цервиксот, или во ендометриумот (ендометриумот е внатрешниот слој на телото на матката).

Во тие случаи, лекарот може да направи проширување (дилатација) на грлото на матката и киретажа. Лекарот го шири цервикалниот отвор и со помош на специјален инструмент, кирета, го струга ткивото од површината на матката како и од цервикалниот канал.

Слично како и кај конизацијата и кај оваа постапка потребна е локална или општа анестезија и може да се изведе во амбуланта или во болница. Материјалот земен со киретажата се испраќа кај патолог за поставување на дефинитивна патохистолошка дијагноза.

Постапките за добивање на ткиво од матката можат да предизвикаат незначително крварење или вагинален исцедок, меѓутоа тие брзо исчезнуваат. Жената може да почувствува болка слична на онаа при менструално крварење, но таа може да се ублажи со лекови.