• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Терапија по стадиуми Печати

План за третман по стадиуми

Локализирана болест

Стадиум I

  • Тотална абдоминална хистеректомија, со обострана аднексектомија и селективно отстранување на регионалните лимфните јазли, е третман на избор. Понатаму третманот се планира во зависност од патохистолошкиот извештај.
  • Кај пациентки со патохистолошки верификуван карцином на ендометриумот стадиум I, градус 1 или 2, адјувантен третман не е потребен, опција е вагинален апликатор за брахитерапија на оперативниот цикатрикс (лузна).
  • Постоперативната радиотерапија, особено во случаи со позитивни пелвични лимфни јазли, придонесува за подобрување на локалната контрола, но со поизразити токсични ефекти.
  • За пациентки коишто се неоперабилни поради коморбидни состојби, дефинитивниот зрачен третман е опција што нуди нешто пониска стапка на курабилност (излечивост).

Стадиум II

  • Операција што вклучува хистеректомија, билатерална аднексектомија и селективна дисекција на пелвичните лимфатици и евентуална биопсија на парааортални лимфатици, е стандарден третман за пациентки со ендометријален карцином во втор стадиум.
  • Сите се подложни на постоперативен јонизантен третман, било само надворешна, било во комбинација со брахитерапија.

Стадиум III

  • Пациентките во трет стадиум се третираат оперативно и со радиотерапија.
  • Неоперабилните случаи се третираат главно со комбинација на надворена радиотерапија и брахитерапија. Оние што не се кандидатки за оперативен или зрачен третман можат да се подложат на терапија со прогестациски агенси. Статистички, кај голем процент од овие пациентки се најдени дистантни метастази, дури и на екстра абдоминални локации, што ја оправдува употребата и на цитостатската терапија. Цитостатски режими на избор се: cisplatin со doxorubicin; или cisplatin, doxorubicin и paclitaxel.
  • Комбинираната хемотерапија се претпочита во однос на единечната, поради повисоките стапки на одговор.
  • Paclitaxel во комбинација со cisplatin /doxorubicin (со фактор на стимулација на гранулоцитните колонии) се супериорни во однос на комбинацијата cisplatin /doxorubicin, но сепак, употребата на оваа тројна комбинација е поврзана со зголемена токсичност.
  • Хормонската терапија може да биде терапевтска опција за пациентките со минимални симптоми или животно незагрозувачки форми на напреднат или рекурентен ендометријален канцер

Метастатска и рецидивантна болест

Стадиум IV

  • Третманот на метастатската болест, во голема мера, е дефиниран од местото на метастазирање и од симптомите предизвикани од метастазите.
  • За масивна карлична болест, палијативната радиотерапија во вид на комбинирана надворешна и интракавитарна терапија е метод на избор.
  • Кога се присутни дистантни, особено пулмонални метастази, прогестациските агенси можат да бидат корисни со антитуморски одговор во околу 15-30% случаите, особено оние кај кои е изразено присуството на прогестеронски и естрогенски рецептори на клетките од ендометријалниот карцином, кои се и добро диференцирани. Најчесто користени се: хидроксипрогестерон, медроксипрогестерон и мегестрол.

Рецидивантна болест

  • Кај изолирани вагинални рецидиви, постоперативно нетретирани, карличната ирадијација комбинирана со брахитерапија е куративна.
  • Во зависност од рецидивот, или метастазата и нејзината локализација, радиотерапијата може да даде добри палијативни резултати.
  • Прогестините, во ситуација каде што се проверени и позитивни хормонските рецептори, претставуваат ефикасна терапија, наспроти случаите кај кои хормонските рецептори се негативни и кај кои се очекува подобар одговор од цитостатската терапија. Околу 20%, од пациентките што не одговараат на прогестинска терапија ќе дадат одговор на терапија со тамоксифен.
  • Цитостатската терапија е еднаква како кај напреднатата и метастатска болест.

Радиотерапија

  • Препораките за надворешната зрачна терапија, било постоперативна, било дефинитивна, кај неоперираните пациентки се исти како наведените за зрачење на цервикалниот карцином.
  • Разликата е во брахитерапискиот пристап. Оптимизацијата на дозата од брахитерапијата се врши со цел да се добие изодозен распоред, кој ќе ја следи целата дебелина на миометриумот, сè до серозата. За реферирање на дозата се користи точка My (Myometrium), која се наоѓа на два сантиметри дистално и два сантиметри латерално од врвот на интраутериниот апликатор. Вкупните дози се еднакви како кај третманот на цервикалниот карцином.