• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Ширење на карциномот на телото на матката Печати

Растот, т.е. ширењето на карциномот на телото на матката може да настане на три начина: со директен, локален, инфилтративен раст на туморот, со лимфогена и со хематогена дисеминација.

Директно ширење на туморот

Туморот се развива од ендометриумот со растење на полипозна, вулнерабилна маса која расте и се шири во шуплината на матката. Туморот најчесто се развива на претходна атипична хиперплазија на ендометриумот и во многу случаи диференцијалната дијагноза е тешка, бидејќи се присутни и двата патолошки процеси.

Како што туморот расте, тој постепено директно ги зафаќа подлабоките слоеви на матката и постепено го инфилтрира миометриумот (мускулниот слој на sидот на матката) и се шири кон цервикалниот канал (грлото на матката), со конечна инфилтрација на грлото (цервиксот) на матката и горниот дел на вагината.

Ова е поседица на директното ширење на туморот (per continuitatem).

Лимфогено ширење на туморот

Во подоцнешните етапи можно е лимфогено ширење на туморот и тоа во регионалните лимфни јазли.

Така, туморот од фундусот (горниот дел, базата на матката, кој е на спротивниот крај од грлото на матката) на матката се дренира во парааорталните лимфни јазли (околу големата артерија - аорта).

Туморот кој се наоѓа во средните и долните делови од телото на матката се дренира во карличните лимфни јазли, па сé до површинските ингвинални (препонски) лимфни јазли, каде се дренираат некои од лимфните садови на телото на матката.

При постоење на метастатски пакети од лимфни јазли, можно е да се јават некои симптоми и знаци, кои се последица од компресијата на овие пакети на околните структури и органи.

Хематогено ширење на туморот

Хематогеното дисеминирање е ретко, посебно за време на дијагностицирањето на болеста. Затоа симптомите и знаците од далечните метастази ретко се јавуваат за време на дијагностицирањето на болеста.

Сепак, во напреднатите стадиуми на болеста може да дојде до ширење на туморот преку крвта во оддалечените ткива и органи.

При тоа, може да биде зафатен било кој орган и ткиво. Сепак, како најчести места на метастазирање на карциномот на телото на матката се: белите дробови, црниот дроб, коските и мозокот.