• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Новости од областа на канцерот
Најновиот тест на крвта би можел порано да го открие ракот на панкреасот од досегашните тестови!

Најновиот тест на крвта би можел порано да го открие ракот на панкреасот од досегашните тестови, а со самото тоа да им даде на пациентите и подобри шанси за преживување. Иако ракот на панкреасот не е често малигно заболување, тој е еден од најсмртоносните. Причината за тоа е што ракот на панкреасот доцна се открива, бидејќи долго време се развива асимптоматски т.е. без присутни симптоми или пак со некарактеристични симптоми.

„Оваа нова дијагностичка процедура е сигурна и едноставна метода која би можела да ја подобри прогнозата на пациентите со рак на панкреасот по пат на рано откривање. Една капка крв содржи многу податоци“објаснил Dr. Masaru Yoshida, професор на Катедрата за метаболомички истражувањa на Медицинскиот факултет на „Kobe University“ во Јапонија. Тој воедно е и водач на студијата.

Методата која ја развил неговиот тим се потпира на метаболомичка технологија – наука која се фокусира на малите молекули. Со тестирање се мерат метаболитите во крвта, нуспојави на метаболизмот. Анализирајќи ги разликите меѓу нивоата на метаболитите кај пациентите кои страдаат од рак на панкреасот и оние кои не се болни, истражувачите можат да ги идентификуваат оние кои имаат рак.

Раното откривање на ракот значи дека луѓето имаат поголеми изгледи хируршки да се отстрани туморот на време и да живеат подолго од повеќето пациенти со оваа болест. За жал, во 80 проценти од случаите на ракот на панкреасот, тој веќе е метастазиран уште за време на дијагностицирањето и со самото тоа, не може да се оперира.

„Конвенционалните тестови кои корисрат крв не се погодни за скрининг за ракот на панкреасот и за негова рана детекција, па затоа итно се потребни нови дијагностички методи за ракот на панкреасот“, изјавил главниот автор на студијата Prof. Yoshida.

Истражувачите ги проучувале биомаркерите на 43 пациенти со на рак на панкреасот и на 42 здрави лица. Тие откриле 18 метаболити кои се разликуваат помеѓу овие две групи на луѓе, а потоа се концентрирале на четири метаболити. Тестот се покажал 71 проценти успешен, а резултатите од оваа студија се објавени во научното списание „Cancer Epidemiology, Biomarkers & Prevention“.

Страсните пушачи склони кон алкохол добиваат рак на панкреас 10 години порано отколку општата популација. Просечната возраст кога ракот на панкреасот се дијагностицира кај луѓето е 72 години, но ако сте склони кон прекумерно консумирање на алкохол и цигари, тогаш оваа болест може да се јави веќе во 61-та година (за алкохоличарите), односно 62 - та година (за пушачите).

Најчестите фактори на ризик за рак на панкреасот се постара возраст, пушење, исхрана сиромашна со овошје и зеленчук, консумирање на храна богата со масти, прекумерна телесна тежина (дебелина), намалена физичка активност и болести како дијабетес, панкреатитис и цироза на црниот дроб.

Хемотерапевтските агенси кои се моментално достапни за третман на ракот на панкреасот не се покажаа премногу ефикасни.

 

Најчитани наслови