• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Терапија кај карцином на вагина Печати

Карциномот на вагината е заболување кое се лекува со радиотерапија, а во поретки случаи со хируршки третман, или со комбинација на овие два тераписки модалитети.

Хируршки третман

Хируршкиот третман е редок, резервиран за млади пациентки под 40 годишна возраст, со лезија не поголема од 1 cm, локализирана во горната третина на вагината.

Хируршкиот зафат кој се изведува е парцијална колпектомија (делумно отстранување на вагината) со тотална хистеректомија (целосно отстранување на матката) и регионална лимфаденектомија (оперативно отстранување на регионалните лимфни јазли) и со транспозиција на јајниците.

Пациентките со стадиум I тумори, кои се локализирани во средната и горна третина на вагината, можат хируршки да се лекуваат и тоа со реализирање на радикална хистеровагинектомија (отстранување на целата матка и вагина) со карлична лимфаденектомија (отстранување на лимфните јазли во малата карлица).

Лезиите кои се локализирани во предниот sид а вагината може да бидат тешки за целосно отстранување на туморот и со адекватни сигурносни граници во здравото ткиво, без да се повреди мочниот меур или уретрата (надворешниот мочен канал). Додека пак, при лезиите локализирани во задниот sид на вагината, при хируршкиот третман треба да се внимава да не дојде до повреда на предниот sид на ректумот.

За лезиите во долната третина на вагината, кои може да се прошират и да ја зафатат и вулвата, треба да се направи радикална вулвовагинектомија (оперативно отстранување на вулвата и вагината) и обострана ингвинална лимфо-нодална дисекција (отстранување на препонските лимфни јазли од двете страни).

Хирургијата може да биде резервирана како третман кај зрачните неуспеси кај неепителните тумори, како и за стадиум I на јасно-клеточните аденокарциноми кај младите жени.

Сепак, радиотерапијата е терапија на избор за повеќето карциноми на вагината.

Радиотерапија

Радиотерапијата на карциномот на вагината може да биде спроведена како брахитерапија со интракавитарна апликација на радиоактивен елемент, или со интерстициелна имплантација на радиоактивен елемент.

Која од овие радиотераписки техники ќе се примени зависи од локализацијата на промената и нејзината достапност.

Брахитерапијата како единствена радиотераписка метода се користи само во раните стадиуми на болеста и со неа се остварува вкупна зрачна доза од 50-60 Gy во пределот на туморот.

Кај понапреднати стадиуми на карциномот на вагината обично се користи комбинирана радиотерапија, односно надворешна радиотерапија и брахитерапија.

Надворешната радиотерапија на карличната регија се спроведува со линеарен акцелератор со користење на високоенергетски фотони. Најчесто се спроведува со техника на две спротивни, паралелни зрачни полиња (предно и задно) и се остварува доза од 45-50 Gy, а потоа се додава дополнителна доза од 10 Gy со брахитерапија (брахитераписки „ boost“).

При надворешната радиотерапија, зрачните полиња се така дизајнирани да го опфатат целиот тумор и карличниот лимфен базен (лимфните јазли во малата карлица).

Ингвиналните лимфни јазли се вклучени во зрачното поле само во случаи на нивна зафатеност, или кога постои инфилтрација на долната третина на вагината.

Во одредени случаи, кога не е можно да се спроведе интракавитарен „boost“, се продолжува со надворешната радиотерапија и се додава уште доза од 10 Gy.

Најчести компликации од радиотерапијата се вагиналната стеноза (стеснување на вагината) и улцерациите на вагиналната слузница.

Како посериозни компликации, кои за среќа се ретки, се везико-вагиналните и ректо-вагиналните фистули, кои се почести при третман на напреднат вагинален карцином, кога се применува комбинирана техника на зрачење (надворешна радиотерапија и брахитерапија).