• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Дијагностички постапки кај вагиналниот карцином - Лист 2 Печати
Индекс на артикл
Дијагностички постапки кај вагиналниот карцином
Дополнителни дијагностички процедури
Сите страници

Дополнителни дијагностички процедури

Откога ќе се добие хистолошка дијагноза за инвазивен карцином, потребно е да се одреди клиничкиот стадиум на болеста, т.е. да се утврди дали карциномот е ограничен само на цервиксот, или ги зафаќа и околните структури и соседни органи како параметриумите, вагината, телото на матката, мочниот меур и ректумот.

За проценка на стадиумот потребно е да се направат дополнителни иследувања како:

  • пиелографија,
  • цистоскопија,
  • ректоскопија,
  • ехотомографскиот преглед на абдомен,
  • компјутеризирана томографија на абдоменот,
  • магнетна резонанца на абдоменот,
  • рендгенграфија на граден кош,
  • сцинтиграфски преглед (скен) на скелетот.

Пиелографија

Тоа е дијагностичка метода при која се прават повеќе серии на рендгенски филмови на целиот уринарен тракт кои се прават со вбризгување на специјален контраст во вена (интравенска пиелографија-ИВП) или со вбризгување на контраст во уретрата (ретроградна пиелографија).

Со ова метода се визуелизираат сите органи на уринарниот систем и може да се откријат одредени абнормалности. Со оваа метода се одредува и евентуалната зафатеност на уринарниот систем со директното ширење на туморот.

Цистоскопија

При цистоскопија, лекарот го испитува мочниот меур и надворешниот мочен канал (уретра), користејќи цевчест инструмент со вградена ламбичка и оптички леќи. Цистоскопијата се изведува така што овој цевчест инструмент т.н. цистоскоп се внесува преку надворешниот мочен канал дирекно во внатрешноста на мочниот меур. На тој начин, докторот има увид во состојбата на слузницата која го обложува од внатре мочниот меур. Лекарот директно гледа во внатрешноста на овие органи. Цистоскопијата треба по правило да се изведува со локална или општа анестезија.

Оваа дијагностичка метода помага да се открие евентуално зафатеноста на мочниот меур со директното ширење на вагиналниот тумор. Можно е на овој начин да се откријат и евентуално присутните фистули (везиковагинални)..

Ендоскопски методи (аноскопија и ректоскопија)

Ендоскопските методи овозможуваат визуелно иследување во подрачјето на целиот анален канал и задното црево. Тоа е најсигурниот, најдеталниот преглед на слузницата на анусот и на делот од дебелото црево и со овој преглед можат да се утврдат и ситни абнормалности. Оваа дијагностичка метода е многу попрецизна од рендгенграфското испитување со двоен контраст.

Оваа дијагностичка метода е од голема корист за клиничкото одредување на стадиумот на вагиналниот карцином.

Вагиналниот карцином може со своето директно ширење да ја зафати и слузницата на задното црево и дури да доведе до појава на фистула, т.е. комуникација меѓу вагината и ректумот.

Ехотомографскиот преглед на абдомен

Ехотомографскиот преглед на абдоменот ни дава преглед на сите органи и структури во абдоменот, а посебно е корисна дијагностичка метода за откривање на метастази во црниот дроб и лимфните јазли.

Оваа метода се користи кај цервикалниот карцином, со цел да се откријат присутни метастази во абдоменот, со што помага во одредувањето на стадиумот на болеста.

Компјутеризирана томографија на абдоменот (КТ)

Компјутеризирана томографија се препорачува кај сите пациентки со високо градусни тумори (G3) и кај локално напреднати карциноми, бидејќи со оваа метода може прецизно да се одреди нодалната зафатеност т.е. зголемувањето на регионалните и оддалечените лимфни јазли, како и екстравагиналната (надвор од вагината) проширеност на болеста.

Оваа дијагностичка процедура е безболна и не дава несакани ефекти.

Магнетна резонанца на абдоменот (МРИ)

Ова е дијагностичка процедура каде се употребуваат магнетни радиобранови и компјутер за да се добие серија на детални слики на одредено заболено поле во телото. И ова е прецизна дијагностичка процедура која помага во поставувањето на дијагнозата и во одредувањето на локалната проширеност на туморот и одредувањето на стадиумот на болеста.

МРИ во последно време често се користи за евалуација на пациентките со тумори на вагината.

Chang и соработниците ги објавиле резултатите од МРИ на карлицата нправена кај 87 жени, вклучувајќи 51 со нормален наод на вагината, 2 со бенигни цисти, и 34 со вагинални карциноми и ги споредувале со резултатите добиени од хируршко-патолошките наоди. Позитивната предвидлива вредност на овој тест за примарните и метастатските тумори била 84%, а негативната предвидлива вредност била 97%.

Точноста на МРИ во откривањето на рекурентните вагинални карциноми била 82%, споредена со клиничките или хируршките наоди. Лекарите веруваат дека ЛРИ може ефикасно да направи разлика помеѓу фиброзно ткиво и голем рекурентен тумор.

ПЕТ скен (Positron Emission Tomography Scan)

Во оваа дијагностичка процедура се инјектира мала количина на радиоактивна гликоза во вените. Скенерот ротира околу телото на пациентот и прави серија од слики. Малигните клетки имаат најголем афинитет кон радиоактивната гликоза, ја врзуваат за себе и на тој начин туморот станува видлив при ова снимање.

Сцинтиграфски преглед (скен) на скелетот

Вагиналниот карцином може да даде коскени метастази кои настануваат со расејување на карциномските клетки од вагината по крвен пат. Може да биде зафатена која било коска од телото, но најчесто промените се во ‘рбетот и на карлицата.

Со сцинтиграфскиот преглед на скелетот се откриваат овие промени во целиот скелет. Методата е безболна и не дава никакви несакани ефекти. Многу е прецизна и со неа може да се откријат и најмали промени.

Рендгенграфија на граден кош

Рендгенграфска снимка на градниот кош се прави со цел да се исклучат или докажат присутни метастази во белите дробови.