• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Дијагностички постапки кај вагиналниот карцином Печати
Индекс на артикл
Дијагностички постапки кај вагиналниот карцином
Дополнителни дијагностички процедури
Сите страници

Дијагнозата се поставува со внимателно земена анамнеза, физикален преглед по системи, лабораториски испитувања, рендгенографски испитувања, инвазивни дијагностички процедури (за цитолошка и хистолошка дијагноза), радиоизотопски и ехотомографски испитувања.

Постојат првични и дополнителни дијагностички процедури.

Првични дијагностички процедури

Анамнеза и физикален преглед

При анамнезата, особено се обрнува внимание на присутните симптоми и знаци на болеста. Карциномот на вагината се манифестира со два главни симптоми: вагинално крварење и/или вагинален исцедок со непријатен мирис. Присутно е и чувство на печење и жарење во предлот на гениталиите.

Според тоа, секој податок за вагинално крварење или исцедок, кај пациентки во понапредната возраст, кој се во постменопауза, треба да го наведе лекарот да се посомнева за евентуално постоење на малигном на гениталните органи.

Лекарот зема детални податоци за евентуално присуство на инфекции со herpes simplex вирусот и human papilloma вирусот, како и за присуството на некои други фактори на ризик за ова малигно заболување.

По детално земената анамнеза следи физикалниот преглед.

Тој се состои од гинеколошки преглед под спекулум, колпоскопски преглед, дигитален ректален преглед. Сепак, дефинитивен хистопатолошка дијагноза се поставува со микроскопски преглед на материјалот земен со биопсија од сомнителната промена.

Гинеколошки преглед под спекулум

Гинеколошкиот преглед под спекулум е првична дијагностичка постапка. Лекарот со помош на спекулум го шири вагиналниот sид и на тој начин може да се видат промените на слузницата и во горната третина на вагината.Исто така, при овој преглед може да се види и слузницата на грлото на матката. Спекулумот се ротира во повеќе правци за да не се превидат предно или задно sидните лезии.

Бимануелниот вагинален преглед под анестезија е важен за проценување на локалната раширеност на туморот, при што се оценува зафатеноста на параметриумите, на цервиксот на матката, евентуална инфилтрација на ректумот.

ПАПА тест

Со откривањето на ПАПА тестот направен е голем напредок во раното дијагностицирање на преканцерозните состојби и на карциномот на вагината и грлото на матката. Редовните брисеви се најефикасен начин за рано откривање на абнормалностите на клетките, кои можат да бидат прв знак на карциномот. Брисот нема да ја певенира инекцијата со вирусите, но ќе помогне во раното препознавање на знаците на болеста. Тоа овозможува лекувањето да започне брзо и успешно. Многу животи се спасени благодарение на тоа што е болеста „фатена“ во раната фаза, а како резултат на скрининг ПАПА тестот.

Доколку жените одат на редовни рутински гинеколошки прегледи и ПАПА тест, повеќето преканцерозни промени рано се откриваат и излекуваат, пред да дојде до развој на карцином. На тој начин може да се превенираат повеќето инвазивни карциноми. Секој инвазивен карцином кој веќе се развил, многу е веројатно дека со овие скрининг тестови ќе се открие во раните стадиуми, кога е и можно комплетно излекување.

При карличниот преглед, лекарот го прегледува утерусот, вагината, јајниците, јајцеводите, мочниот меур и ректумот. Лекарот со прегледот ги открива абнормалностите во формата или големината на тие органи. Спекулумот се користи за да се прошири вагината за да може лекарот да го види горниот дел од вагината и грлото на матката.

ПАПА тестот е метода која се користи за откривање на абнормални, за рак потенцијално опасни клетки на грлото на матката. Тоа е едноставен и безболен тест. Абнормални резултати добиени од ПАПА тестот често пати се прв знак за присуство на инфекција, воспаление или рак на вагината и грлото на матката. Ако се добијат абнормални резултати на ПАПА тестот, неопходно е да се изведат дополнителни тестови и испитувања за да се утврди дали навистина станува збор за преканцерозна состојба (постои само ризик за рак) или пак веќе станува збор за вистински карцином.

Тестот прв го развил Dr. George Papanicolau пред повеќе од 60 години и денес се уште претставува многу ефикасен тест за рано откривање на преканцерозните промени и карциномот на вагината и грлото на матката.

Денес ПАПА тестот рутински се изведува во склоп на гинеколошкиот преглед на жената.

Дигитален ректален преглед

По гинеколошкиот преглед се прави и дигитален ректален преглед при кој се палпираат параметриумите и се оценува евентуалната нивна зафатеност со туморот. Се напипува и ректумот и може да се утврди присуство на малиген инфилтрат во него.

Колпоскопија

Колпоскопијата е дијагностичка метода со која се гледа sидот на вагината и грлото на матката со зголемување од 6 до 40 пати. Колпоскопијата е раширена метода на преглед на вагината и цервиксот, со која се бараат евентуално присутни лезии.

Колпоскопија е дијагностичка постапка која му овозможува на лекарот директена визуализација на слузницата на вагината и на грлото на матката со помош на колпоскоп, кој е еден вид на микроскоп со светло Лекарот прво го премачкува цервиксот со раствор на оцетна киселина, а потоа користи инструмент сличен на микроскоп т.н. колпоскоп со кој темелно го прегледува цервиксот. Лекарот може потоа да го премачка цервиксот со раствор на јод (постапката се нарекува Schiller тест). Здравите клетки изгледаат кафени, додека абнормалните се жолто пребоени. Оваа постапка може да се изведе во амбулански услови.. На тој начин се гледаат и промени кои не може да се забележат со „голо око“, т.е. без зголемување. Прегледот со колпоскоп може да биде непријатен, но не е болен и трае 5-10 минути.

Биопсија

Доколку при колпоскопијата се забележи сомнителна лезија на вагината, треба да се земе материјал од таа промена (биопсија) со цел да се постави дефинитивна патохистолошка дијагноза.

Биопсијата може да се изведе во амбулантски услови, со користење на локална анестезија т.е. при самата биопсија, лекарот локално го анестезира sидот на вагината. По постапката можно е слабо крварење од местото од каде е земена биопсијата.

Претходно е потребно да се исклучи постоење на примарен карцином на матката или ректумот, кој со инфилтрацијата би можел да симулира примарен вагинален карцином, односно да се исклучи нивната можност, при постоење на примарни тумори на бубрегот, односно на јајникот, кои би можеле да дадат вагинални метастази.