• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Новости од областа на канцерот
Април 2012 – Месец за подигање на свеста за ракот на хранопроводникот

Април е месец посветен на подигање на свеста за ракот на хранопроводникот. Во текот на овој месец во многу земји ширум светот се говори за овој вид на рак и за начините на превенцијата и раното откривање.

 

Ракот на хранопроводникот е застапен со 1% од вкупниот број на малигни заболувања. Честотата на овој карцином, во однос на сите малигни тумори на системот за варење, го завзема четвртото место.

Ракот на хранопроводникот најчесто се јавува кај мажите и тоа во нивната напредна возраст, меѓу 55 и 65 години.

Во споредба со сите малигни заболувања, кариномот на хранопроводникот се одликува со најголеми варијации во географската дистрибуција.

Според податоците од Светската здравствена организација (СЗО), инциденцата на ракот на хранопроводникот е највисока во Кина, Порторико, Сингапур, Северен Иран и Русија.

Како и за другите видови на рак, така и за ракот на хранопроводникот, причините за негово јавување не се познати. Но, постојат одредени фактори на ризик, кои ја зголемуваат можноста за појава на ова малигно заболување кај одредени лица.

Сепак, присуството на еден или повеќе фактори на ризик, не значи и сигурно заболување од овој малигном.

Исто така, заболуваат и лица, кои немаат ниту еден фактор на ризик.

Како докажани фактори на ризик за карциномот на хранопроводникот се:

Пушење и ексцесивно консумирање на алкохол

Пушењето и преголемото консумирање на алкохол се доминантни фактори на ризик за настанување на карциномот на хранопроводникот, бидејќи и пушењето и алкохолот предизвикуваат хронична иритација и инфламација на езофагеалната мукоза.

Во една клиничка студија е докажано дека ризикот од настанување на овој карцином се зголемува со бројот на испушените цигари.

Се смета дека дури до 90% од карциномите на хранопроводникот, се асоцирани со пушењето и пиењето на алкохол.

Но, ризикот за развој на аденокарциномот на хранопроводникот кај пушачи е помал, отколку за карциномот на плочестите клетки (планоцелуларен карцином).

Ексцесивното консумирање на алкохол е главен ризик фактор за развој на планоцелуларниот карцином на хранопроводникот., но не е докажан и потврден ризик фактор за аденокарциномот.

Кога преголемото консумирање на алкохол ќе се комбинира со пушењето, ризикот за настанување на езофагеалниот карцином се зголемува експоненцијално.

Зголемената инциденца на аденокарциномот во изминативе три децении, сугерира на нов етиолошки фактор за езофагеалниот аденокарцином, а тоа е гојазноста. Утврдено е дека како што расте инциденцата на гојазноста, така расте и инциденцата на аденокарциномот на хранопроводникот.

Спротивно на ова, лицата со прекумерна телесна тежина имаат помал ризик да заболат од планоцелуларен карцином.

Исхрана

Бројни клинички студии покажале дека исхраната има улога во настанувањето на карциномот на хранопроводникот. Увидено е дека оние лица кои со исхраната внесуваат повеќе масти од животинско потекло, а помалку свежо овошје и зеленчук, се со поголем ризик за настанување на карцином на хранопроводникот.

Лица кои, поради начинот на исхраната, внесуваат поголемо количество на нитрозоамини, нитрозоамиди и други нитрозо соединенија, имаат поголем ризик за развој на карцином на хранопроводникот.

Состојби на хранопроводникот

Инциденцата на карциномот на хранопроводникот, исто така, е повисока кај оние лица кај кои се присутни предиспонирачки состојби како што се: тилоза, ахалазија на кардија, Barret-ов хранопроводник, прусутни дивертикули (проширувања) на хранопроводникот, каустични (со киселини) повреди и Plummer-Vinson синдром.

Карциномот на хранопроводникот може да се јави како втор примарен тумор, кај 2 до 4% од пациентите, со карцином на горните дишни патишта или со карцином на горните делови од системот за варење.

Дознајте повеќе за ракот на хранопроводникот!