• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Што е бенигна хиперплазија на простата (БПХ) и како се лекува? Печати

Бенигната хиперплазија на простатата е најчесто заболување на простатата кај мажите постари од 50 години. Честотата расте со возраста.

Причините за настанувањето на БПХ сеуште не се доволно разјаснети.

Зголемувањето на простатата започнува помеѓу 40 и 45-годишна возраст. Зголеменото ниво на ДХТ (дихидротестостерон), кој се создава од тестостеронот, се смета како главна причина за зголемувањето на простатата. Последица на тоа е растење на ново простатично ткиво кое го притиска мочниот канал и доведува до негово деформирање и стеснување. Тоа е и причината за појавата на симптомите на БПХ:

  • често мочање, особено ноќе,
  • ургентно мочање (итна потреба за мочање),
  • инконтиненција (неволно и неконтролирано мочање),
  • тешко отпочнување на мочањето,
  • слаб млаз на мочта,
  • потреба за напнување при мочање и испрекинато мочање,
  • чувство на нецелосно празнење на мочниот меур,
  • акутна уринарна ретенција - АУР (неможност за мочање).

Последици од развојот на болеста се АУР и операција.

Лекување на БПХ

Лекувањето на БПХ може да биде конзервативно и хируршко.

Конзервативното лекување се спроведува со медикаментозна терапија. Се применува кај пациенти со поизразени симптоми, кои го нарушуваат квалитетот на животот на пациентот. Се спроведува со: алфа блокатори и 5 алфа редуктаза инхибитори.

Алфа-блокаторите селективно ги блокираат алфа рецепторите, со што се постигнува релаксација на мускулите на мочниот меур и на простатата, а тоа доведува до олеснување на симптомите предизвикани од БПХ.

Актуелни алфа-блокатори, кои денес се користат во лекувањето на БПХ се: Празосин, Теразосин, Доксазосин и Тамсулозин.

5 алфа редуктаза инхибиторите (5-АРИ) се лекови кои го инхибираат ензимот 5-алфа-редуктаза, кој го трансформира тестостеронот во дихидротестостерон (ДХТ). ДХТ е директно одговорен за растот на простатата. Со намалување на нивото на ДХТ се намалува и волуменот на простатата, со што се повлекуваат и симптомите на болеста. Дополнително 5-АРИ го намалуваат ризикот од АУР и хируршки зафат.

Претставници од групата на 5-АРИ се: Финастериде и Дутастериде.

Најчесто се применува комбинирана терапија (5-алфа-редуктаза инхибитор и алфа-1 блокатор).

Хируршкото лекување се применува кај пациенти со интензивни тегоби или со уринарна ретенција, како и кај оние, кај кои медикаментозната терапија не дала успех.