• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Поставување на дијагноза кај малигниот мезотелиом Печати

Дијагнозата се поставува со внимателно земена анамнеза, физикален преглед по системи, лабораториски испитувања, испитување на функцијата на белите дробови, рендгенографски испитувања, инвазивни дијагностички процедури (за цитолошка и хистолошка дијагноза) и ехотомографски испитувања.

При анамнезата, особено треба да се обрне внимание на присутните најчести симптоми на мезотелиомот, а тоа се: отежнато дишење, присутна кашлица и градна болка. Исто така, од анамнестички податоци особено треба да се обрне внимание на изложеноста на пациентите на азбест.

Секоја упорна кашлица, отежнато дишење и градна болка, се сомнителни симптоми за малиген мезотелиом.

Затоа, по земање на добра и детална анамнеза, искусниот лекар може да се посомнева за постоење на малиген мезотелиом и да назначи и други, дополнителни испитувања, со цел да се постави точна и рана дијагноза.

Од физикалните иследувања се обрнува внимание на општата состојба на пациентот, губење на апетитот, губење на телесна тежина и нерасположеност.

Потоа да се внимава дали постојат занци за Хорнеров синдром (птоза, миоза и еднофталмус.

Доколку постои парализа на гласните жици, ке се јави и засипнатост на гласот, која се јавува како последица на зафатеноста на рекурентниот нерв од страна на туморот.

Треба детално да се прегледа вратот, за да се откријат евентуално зголемени лимфни јазли.

Преглед на градниот кош е од големо значење. Се обрнува внимание на квалитетот на дишењето, присуствотот на отежнато дишење како и откривање на присутен плеврален излив.

Се испитува и функцијата на срцето, со цел да се открие евентуално присутен излив во перикардната (срцева) обвивка и симптоми и знаци на срцева тампонада.

Физикалниот преглед опфаќа и преглед на абдоменот. Во ретки случаи може да се напипаат туморски маси (метастази) во црниот дроб.

Лабораториски испитувања

Во рутински испитувања спаѓаат: крвна слика и седиментација. Покрај рутинските испитувања, потребно е да се испитаат и хепаталните ензими, алкалната и киселата фосфатаза, уреата, креатиннот и електролитите. Исто така, треба да се испитаат белодробните функционални тестови.

Радиографски испитувања

Рендгенграфија на бели дробови

Нативната снимка на белите дробови е значајна и едноставна метода која дава корисни информации за сомневање на малигниот мезотелиом. На рендгенграфијата може да се види присутен плеврален излив и задебелување на плеврата.

Исто така, при напредната болест, може да се приметат и други промени, како подигната дијафрагма при парализа на нервот френикус, деструкција на ребра или прешлени, воспалителни процеси и друго.

Рендгенграфијата на белите дробови е почетна и основна метода во дијагнозата на малигниот мезотелиом.

Компјутеризирана томографија на белите дробови

Компјутерската томографија (КТ) користи посебна опрема со рендген зраци за добивање на слики од телото од различни агли. Податоците се анализираат и се обработуваат со помош на компјутер. Така се добиваат дигитални слики кои прикажуваат пресеци на телото низ органите и ткивата. На тој начин се овозможува тродимензионален детален приказ на надолжни и на напречни пресеци на сите ткива и органи. КТ е најпрецизна дијагностичка метода.

КТ на градниот кош се прави за да се открие раната контракција на хемитораксот, ирегуларното задебелување на плеврата, присуство на плаки (флеки) во белите дробови, што укажува во 50% од случаите на изложеност на азбест.

Со КТ на градниот кош може да се открие и инфилтрација на градниот sид од страна на туморот и продор во абдоминалната шуплина, доколку се направи КТ и на горниот дел на абдоменот, со цел да се исклучат или докажат метастази во црниот дроб, бубрезите и надбубрежните жлезди.

Оваа дијагностичка процедура е безболна и не дава несакани ефекти.

Ехотомографскиот преглед на абдомен

Ехотомографскиот преглед (ултразвук) користи звуци со висока фрекфенција, кои преку сонда се насочуваат кон телото на пациентот. Преку истата сонда се регистрираат одбиените зрачни бранови и врз основа на разликата од влезниот сноп на ултразвучните зраци и одбиените зраци се добива слика за внатрешните органи и структури на телото. Таа слика се гледа на монитор.

Ехотомографскиот преглед на абдоменот ни дава преглед на сите органи и структури во абдоменот, а посебно е корисна дијагностичка метода за откривање на метастази во црниот дроб и лимфните јазли.

Оваа метода се користи кај малигниот мезотелиом за откривање на евентуално присутни метастази во абдоменот, со што помага во одредувањето на стадиумот на болеста.

Инвазивни дијагностички процедури

Инвазивните процедури се применуваат за да се добие хистолошка потврда за малигниот мезотелиом.

Цитолошкиот наод од плевралната течност може да биде позитивен од 0% до 77% од пациентите и во ретки случаи може да се добие крајна дијагноза.

Тенкоиглената аспирациона цитологија, слично како и при цитолошкиот преглед на плевралната течност, во реки случаи може да придонесе за утврдување на дефинитивната дијагноза.

Торакоскопијата е добра метода со која може да се определи проширеноста на туморот и да се земе биопсија од него. Тоа е инвазивна дијагностичка метода, но е важна за поставување на дефинитивна дијагноза на малигниот мезотелиом. Позитивен хистолошки наод се добива кај 57% од пациентите со торакоскопија и биопсија.

Отворена хируршка биопсија од плеврата

Со оваа метода, доколку биопсичкиот материјал веднаш хистолошки се прегледа и покаже дека се работи за малиген мезотелиом, хируршкиот пристап може да продолжи со ресекција на туморот.

Сцинтиграфски преглед (скен) на скелетот

Малигниот мезотелиом може да даде коскени метастази, кои настануваат со расејување на карциномските клетки по крвен пат.

Со сцинтиграфскиот преглед на скелетот се откриваат овие промени во целиот скелет.

Овој преглед се изведува со претходно вбризгување на раствор со радиоактивен технициум кој се аплицира во вена. По 90 минути од аплицирањето се прави сцин¬тиграфскиот преглед. Радиоактивниот технициум се депонира во метастатските промени во сите коски од скелетот и на тој начин се добива снимка на која се гледаат метастазите како темни зони.

Методата е безболна и не дава никакви несакани ефекти.

Многу е прецизна и со неа може да се откријат и најмали промени во коските, кои не се гледаат на обична рендгенска снимка.