• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Дознајте сè за гастритисот Печати

Што е желудникот и која е неговата функција?

Желудникот е дел од системот на варење. Има форма на вреќа, долг е околу 25 cm, а широк од 10-20cm. Неговиот капацитет изнесува околу 1200 до 1500 cm3.

Сместен е во горниот абдомен, под ребрата. Неговиот горен дел е споен со хранопроводникот, а долниот дел е споен со почетниот дел на тенкото црево т.н. дуоденум.

Желудникот се состои од два дела:

  • хоризонтален или пилоричен дел (pars pylorica), кој ја означува границата према дванаестопалачното црево,
  • тело на желудникот (corpus ventriculi) или кардијален дел, кој ја означува границата каде хранопроводникот се спојува со желудникот.

Желудникот е орган кој служи за варење на храната. Кога храната влегува желудникот, неговата мускулатура почнува да се создава брановидни движења кои ја мешаат и ситнат храната. Во исто време, соковите кои ги лачат жлездите во желудниковиот sид, помагаат во варењето, односно раградувањето на храната. По околу 3 часа, храната станува течна и минува во дуоденумот, каде продожува процесот на варењето на храната.

Желудечни сокови се: ензимот пепсин, хлороводородната киселина и слузта. Ензимот пепсин служи за разградување на белковините во пептиди, додека желудечната хлороводородна киселина ги разградува мастите. Слузта има заштитна функција и ја разредува желудечната хлороводородна киселина, со што ја штити слузницата од оштетување.

Што е гастритис?

Гастритис е воспаление на слузницата на желудникот. Тој може да се јави одненадеж (акутен гастритис) и да трае кратко време или може да се развива постепено со тек на време (хроничен гастритис) и да трае подолго.

Гастритисот е најчесто предизвикан од бактеријата Helicobacter pylori, додека други поретки причинители се други бактерии, вирусите, паразитите и габите. Може да се јави и поради иритација, автоимуни пореметувања, долготрајно и прекумерно земање на нестероидни антивоспалителни лекови, претерано консумирање на алкохол или враќање на жолчка во желудникот.

За повеќето луѓе гастритисот не е тешка болест и со адекватна терапија, состојбата може брзо да се подобри.

Што може да предизвика гастритис?

Гастритисот обично настанува кога заштитниот слој во желудникот ќе ослаби или ќе се оштети. Овој заштитен слој го штити sидот на желудникот од желудечната киселина, која помага во варењето на храната. Ослабениот или оштетениот заштитен слој им овозможува на дигестивните сокови да ја оштетат желудечната слузница и да предизвикаат нејзино воспаление.

Причинители на воспалението на слузницата на желудникот се:

  • Бактериска инфекција – Лицата заразени со бактеријата Helicobacter pylori најчесто добиваат хроничен гастритис. Се смета дека половина од жителите во светот се заразени со оваа бактерија, бидејќи таа се пренесува од човек на човек. Но, повеќето заразени лица немаат компликации од инфекцијата со Helicobacter pylori. Кај некои лица може да се оштети внатрешниот заштитен слој на желудникот и да доведе до промени на слузницата на желудникот. Не е јасно зошто некои луѓе имаат компликации кои ги предизвикува инфекцијата со H. Pylori, додека пак други немаат. Лекарите сметаат дека осетливоста спрема бактеријата е наследна или е последица на стилот на живеење, меѓу другото на пушењето и големиот стрес.
  • Редовна примена на лекови против болка – Нестероидните антивоспалителни лекови (NSAID) како што се ацетилсалицилна киселина, ибруфен и напроксен, може да предизвикаат и акутен и хроничен гастритис. Редовната и долготрајна примена на овие лекови може да го оштети заштитниот слој на желудникот. Проблемите со желудникот поретко се јавуваат кај лицата кои само повремено земаат нестероидни антивоспалителни лекови.
  • Претерана консумација на алкохол – Алкохолот може да ја надразни и нагризе слузницата на желудникот и таа да стане осетлива на дигестивните сокови. Прекумерното консумирање на алкохол најчесто предизвикува акутен гастритис.
  • Стрес – Јакиот физиолошки стрес предизвикан од опсежни операции, трауматски повреди, изгореници или тешки инфекции може да предизвика акутен гастритис.
  • Жолчен рефлукс – Поради ослабено функционирање на пилоричниот сфинктер (стегач), жолчката од дванаестпалачното црево (дуоденум) може да навлезе во желудникот и да предизвика воспаление и хроничен гастритис.
  • Автоимун гастритис – Ова е ретко автоимуно заболување. Почесто се јавува кај лица кои имаат и други автоимуни боести како што се Hashimoto-ва болест, Addison -ова болест и дијабет тип1. Автоимуниот гастритис може да биде поврзан и со недостатокот на витаминот Б12.
  • Други болести и состојби – Гастритисот може да биде поврзан и со други медицински состојки како што се HIV/AIDS, Crohn-ова болест, инфекција предизвикана од паразити, пореметување на сврзното ткиво, слабост на црниот дроб или бубрезите.

Кои се фактори на ризик за гастритис?

Фактори кои го зголемуваат ризикот од гастритис се следниве:

  • Инфекција предизвикана од бактеријата Helicobacter pylori - Најважниот фактор на ризик за гастритис е инфекцијата предизвикана од бактеријата H. pylori. Иако се смета дека се јавува кај половина од светската популација, сепак инфекцијата предизвикана од H. pylori најчеста е во земјите во развој. Повеќето луѓе немаат знаци и симптоми на инфекција предизвикана од H. pylori.
  • Редовна примена на нестероидни антивоспалителни лекови (NSAID) - Лицата кои редовно земаат ацетилсалицилна киселина за да го превенираат срцевиот или мозочниот удар имаат поголем ризик од појава на гастритис. Исто така и антивоспалителните лекови кои се користат за ублажување на болката при артритисот или другите хронични заболуваања на коските и зголобовите го зголемуваат ризикот од развој на гастритис. Долготрајната примена на ацетсалицилната киселина и другите нестероидни антивоспалителни лекови може да предизвика надразнување на желудникот и крварење.
  • Понапредна возраст – Постарите лица во однос на помладите имаат поголем ризик за појава на гастритис, бидејќи желудечната слузница со стареењето се истенчува и постои поголема можност од инфекција со бактеријата H. pylori или други автоимуни пореметувања.

Симптоми и знаци на гастритис

Најчести симптоми и знаци на гастритисот се:

  • тапа или жаречка болка во горниот дел на абдоменот,
  • подригнување и надуваност,
  • мачнина,
  • повраќање,
  • губиток на апетит,
  • чувство на ситост и тежина во горниот дел на абдоменот по земање на храна,
  • губиток на тежина.

Акутниот гастритис се јавува одненадеж и може да предизвика мачнина и болка во вид на жарење или непријатност во горниот дел на абдоменот.

Хроничниот гастритис се развива постепено и почесто предизвикува тапа болка и чувство на ситост или губиток на апетит по неколку залаци на храна. Но, многу од пациентите со хроничен гастритис немаат никакви симптоми и знаци на болеста.

Понекогаш гастритисот може да предизвика крварење во желудникот, но ретко тоа е обилно. Ако настане крварење во желудникот може да се јави повраќање на крв и темна (црна) столица. Ова се алармантни знаци кои бараат итен лекарски преглед.

Кои се можни компликации на гастритисот?

Ако не се лекува, гастритисот може да доведе до појава на улкус (чир) на желудникот и до желудечно крварење.

Некои видови на гастритис можат да го зголемат ризикот од појава на рак на желудникот.

Како се дијагностицира гастритисот?

За клиничко поставување на дијагнозата на гастритисот важни се анамнезата и физикалниот преглед. Пациентот дава податоци за историјата на болеста, за тоа од кога почнала и со кои симптоми и знаци. Физикалниот преглед, исто така, може да даде сомнеж за присуство на гастритис.

По овие првични дијагностички постапки се спроведуваат и други испитувања со цел да се постави точната дијагноза. Тие испитувања се следниве:

  • Испитување на крвта - Во крвта се проверува присутноста на антитела за бактеријата H. pylori. Присуството на антитела значи дека лицето во текот на животот дошол во контакт со оваа бактерија, но не значи дека и во моментот е заразен со неа. Со тестирањето на крвта може да се открие и анемијата, која може да се јави поради крварењето предизвикано од гастритисот.
  • Тест на издишаниот воздух – се докажува активноста на бактеријата H. pylori во издишаниот воздух. Со овој едноставен тест може да се утврди дали лицето е заразено со бактеријата H. pylori.
  • Испитување на изметот - Со овој тест се испитува дали во примерокот од изметот е присутна бактеријата H. Pylori. Позитивниот резултат укажува на присуство на инфекција. Лекарот, исто така, ја проверува и присутноста на крвта во изметот, што е знак на крварење од желудникот предизвикано од гастритисот.
  • Рендгенско снимање на горниот гастроинтестинален тракт - Тоа е рендгенско снимање на желудникот со користење на бариумска каша. Пациентот пие бариумска каша, а потоа се прави рендгенска снимка на која се гледа желудникот исполнет со контраст (бариумска каша).
    Контрастното рентген снимање со бариумова каша на желудникот дава податоци за присуство на гаститис, улкуси (чир), полипи, тумори и други абнормалности. Снимањето е безболно и не бара седација.
    Примената на двоен контраст при рендгенграфското испитување е посупериорна метода во однос на користењето на едно контрастно сретство.
    Ренгенското снимање на желудникот може да открие промени во структурата на желудникот. Се откриваат и дефекти во полнењето, губење на моталитетот, односно растегливоста на желудникот, нарушување на релјефот на желудечната слузница, со или без улцерации.
  • Ендоскопски преглед на горниот гастроинтестинален тракт - гастроскопија - Гастроскопијата е често изведувана процедура со која се овозможува директна визуелизација на внатрешноста на гастро-интестиналниот тракт (хранопроводник, желудник и дванаесетпалачно црево). Гастроскопијата се изведува со помош на гастроскоп, кој е флексибилен, совитилив инструмент.
    Денешните гастроскопи ги пренесуваат сликите електронски, додека постарите типови на гастроскопи ги пренесуваат сликите со помош на фибер-оптички систем.
    Гастроскопија е иницијална процедура за потврдување на рефлуксен езофагит (рефлуксна болест), гастритис и чир на желудникот и дуоденумот, но и за откривање на карцином на желудникот и хранопроводот.
    Прегледот се изведува со ендоскоп, во случајов наречен гастроскоп.
    Гастроскопот е во форма на цевка, со должина од околу 100 cm, а со дијаметар од 9 mm. Во внатрешноста на гастроскопот се наоѓа оптичкиот системи и рaботниот канал, преку кој по потреба се зема биопсија или се сопира крварење во хранопроводот или желудникот. На врвот се наоѓа камера и светло со што се овозможува директна виуелизација на слузницата на хранопроводникот, желудникот и дванаестопалачното црево.

Како се лекува гастритисот?

Лекувањето зависи од причината на гастритисот. Акутниот гастритис предизвикан од нестероидните антивоспалителни лекови или од алкохолот може да се ублажи со престанок на нивното земање.

Хроничниот гастритис предизвикан од бактеријата H. Pylori се лекува со лекови за искоренување на бактеријата. Во третманот на гастритисот често се вкучуваат и лекови кои ги ублажуваат постоечките симптоми и знаци на болеста.

Лекови кои се применуваат во терапијата на гастритисот се:

  • Антациди – ја неутрализираат желудечната киселина и брзо ја ублажуваат болката.
  • Препарати за намалување на желудечната киселина:
  • Инхибитори на протонската пумпа (IPP) - omeprazol, pantoprazol, rabeprazol, lansoprazol, esomeprazol.
  • Антагонисти на H2 рецепторите - cimetidin, ranitidin, famotidin, nizatidin.
  • Лекови за искоренување на бактеријата H. pylori - Според европскиот консензус за лекување на инфекцијата со Heliobacter pylori, лекувањето трае една седмица, а според американскиот консензус лекувањето трае 10 дена.

Терапијата за третман на оваа бактерија може да биде двојна, тројна или четворна. Тројната терапија е прифатена и кај нас, во Р. Македонија, во протоколот за лекување на оваа бактерија.

Се даваат два антибиотици и инхибитор на протонската пумпа (на пример. klaritromicin и amoksicilin или metronidazol плус pantoprazol). Антибиотиците помагаат при искоренувањето на бактеријата, а инхибиторите на протонската пумпа ги ублажуваат болките и мачнината, го лекуваат воспалението и го појачуваат дејството и ефектот на антибиотиците. По завршувањето на терапијата се прават повторно лабораториски тестови за да се види дали е успешно искоренета бактеријата.

Како да го спречиме или намалиме ризикот од гастритис?

Иако инфекцијата со H. pylori не може секогаш да се спречи, овие совети можат да ви го намалат ризикот од појава на гастритис.

Јадете паметно - елиминирајте ја храната и пијалиците кои му штетат на желудникот

Ако често имате проблеми со желудникот, јадете помали оброци почесто на ден. На тој начин ќе го намалите ефектот на желудечната киселина. Треба да избегнувате пржена, сило зачинета и претерано масна храна, алкохол, газирани пијалоци, кафе, чај (особено на празен желудник), готови индустриски јадења, брза храна („fast food“).

Водете дневник на исхраната. Кога ќе се јават желудечни тегоби, потсетете се што сте јаделе за да оцените дали постои нешто што посебно му штети на вашиот желудник.

Природниот мед и екстра девственото маслиново масло делуваат антивоспалително. На лицата со чувствителен желудник им се препорачува соја и намирници од соја.

Консумирајте мали и чести оброци, за да не се лачи во преголеми количини желудечна киселина и за да биде желудникот во текот на целиот ден заштитен. Уживајте во храната, јадете полека и во пријатна атмосфера, свесно џвакајте ја храната што подолго. Доколку имате вишок килограми, време е сериозно да размислите за нивно намалување.

Не пушите

Престанете со пушење, а ако не можете да се откажите од пушењето, барем намалете го. Никогаш, ама баш никогаш, не пушете на празен желудник.

Пушењето ја надразнува слузницата на желудникот и тој станува почувствителен на појавата на гастритисот и чирот (улкус). Пушењето, исто така, го зголемува лачењето на желудниковата киселина, го успорува залечувањето на желудникот и е водечки фактор на ризик за појава на рак на желудникот.

Ограничете или избегнувајте внес на алкохол

Прекумерното консумирање на алкохол може да доведе до надразнување и ерозија на слузницата на желудникот што може да предизвика воспаление и крварење.

Намалете го стресот

Обидете се да практикувате медитација, автоген тренинг, антистресни програми. Разговарајте со вашите пријатели и со стручњаците за се она што ве мачи. Обидете се да имате оптимистички поглед на животот, бидете физички активни, најдете време за спорт и рекреација.

Земајте што помалку лекови или заменете ги лековите со други

Земајте што помалку лекови, а ако некои лекови ви се неоходни, земајте ги според препораките на лекарот. Информирајте го вашиот лекар за проблемите со желудникот. Можно е да постои замена за некој лек или да се прилагодат дозите и начинот на земање на лекот.

Придржувајте се на лекарските совети – лекарот може да ви препорача да земате некој антацид или антагонист на H2 рецепторите, за да се спречи повторната појава на гастритисот.