• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Развој на туморот Печати

Патологија на белодробниот карцином

Белодробниот карцином почесто потекнува од десното белодробно крило, отколку од левото. Почесто е зафатен горниот резен од долниот резен.

Туморите според локализацијата ги делиме на: централни и периферни.

Централни карциноми се оние кои потекнуваат од главниот бронх, лобарните, сегменталните и супсегменталните бронхи.

Постојат 4 главни хистолошки типа на белодробен карцином. Тие се поделени во две групи и тоа на: немикроцелуларен и микроцелуларен белодробен карцином.

Во немикроцелуларната група спаѓаат: планоцелуларниот карцином, аденокарциномот и ларџ цел карциномот. Микроцелуларниот карцином се нарекува ситноклеточен карцино¬м (oat cell carcinoma или small cell carcinoma).

Планоцелуларниот белодробен карцином е застапен од 33 до 64% од сите хистолошки типови. Најчесто расте централно и предизвикува опструкција на бронхот. Mетастазира подоцна, во споредба со другите хистолошки типови.

Аденокарциномот е застапен од 15 до 35% од сите хистолошки типови. Најчесто е со периферна локализација и е со цврста сиво-бела структура и има афинитет да ја зафаќа плеврата. Во аденокарциномите спаѓа и „скар“ карциномот, застапен во 5-15% од случаите и се развива на лузна на белите дробови. Хематогените метастази (по крвен пат) се јавуваат порано, додека лимфогените (по лимфен пат) метастази се јавуваат подоцна.

Large cell carcinoma е застепен во 5-20% од сите хистолошки типови. Тој се состои од лошо диференциран планоцелуларен карцином и аденокарцином и е подеднакво локализиран – централно и периферно.

Микроцелуларен (small cell или oat cell carcinoma) е приближно застапен во 19-35% од сите хистолошки типови на белодробниот карцином. Опишани се три видови на микроцелуларен карцином, и тоа: лимфоцитен, среден и комбиниран со планоцелуларен или аденокарциномот. Карциномот расте претежно централно, рано и опсежно метастазира во оддалечените ткива и органи во телото. За него се вели дека е системско заболување.

Ширење на белодробниот карцином

Белодробниот карцином се шири по три главни механизми:

Директно ширење

Со директното растење на туморот, тој доведува до зафаќање на плеврата, големите крвни садови, срцевата обвивка (перикард), градниот sид, градните прешлени и дијафрагмата.

Лимфогено ширење (метастазирање)

Почетните лимфогени метастази се во бронхијалните, а потоа во хиларните лимфни јазли.

Туморите со потекло од десното белодробно крило последователно метастазираат во супкариналните, трахеобронхијалните и паратрахеалните лимфни јазли.

Туморите со потекло од левото белодробно крило метастазираат во трахеобронхијалните, околу аортата, предните медијастинални лимфни јазли и 10% од туморите од потекло од горниот лев резен и 25% со потекло од долниот лев резен, метастазираат низ медијастинумот во супкариналните и десните паратрахеални лимфни јазли.

Хематогени метастази

Ширењето на малигните клетки кај белодробниот карцином низ крвните садови се случува рано, при што ниту еден орган не е поштеден. Најчести места на хематогено метастазирање се: коските, црниот дроб, белите дробови, панкреасот, бубрегот, кожата и поткожното ткиво, цревата, тестисите, овариумите итн.