• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Медикаментозна терапија на бенигната хиперплазија на простатата (БПХ) Печати

Бенигна простатична хиперплазија (БПХ) е најчесто заболување на простатата кај мажите постари од 50 години. Честотата на ова заболување расте со возраста, почнувајќи со 8% во четвртата деценија од животот и достигнувајќи дури 90% во деветтата деценија.

БПХ е најчеста причина за нарушеното празнење на мочниот меур. Може да биде асимптоматска, а нејзините клинички симптоми се манифестираат кај 30% - 40% од мажите.

Иако медикаментозната терапија не дава така добри ефекти како хируршкиот третман, често пати таа е доволна за намалување или за олеснување на симптомите.

Меѓу уролозите постојат дилеми за типот, времето и должината на медикаментозното лекување на БПХ.

Медикаментозното лекување се спроведува со примена на:

  • фитотерапија
  • терапија со алфа блокатори
  • хормонска терапија

Фитотерапија

Резултатите од лекувањето со фито терапија покажале дека овие препарати имаат само плацебо ефект и денес се помалку се применуваат во третманот на БПХ.

Терапија со алфа блокатори

Со алфа блокаторите се лекуваат почетните симптоми на БПХ, како што се итна потреба за мочање, болка при мочање (дизурија), неможност за запирање на мочањето, често ноќно мочање и тешкотии при започнување на мочањето.

Првата генерација на алфа блокаторите е празосин (вазофлекс). Овој лек во почетокот бил употребуван за лекување на зголемен крвен притисок (хипертензија), а од 1991 година се применува и за лекување на БПХ. Со постојано зголемување на дозата на алфа-блокаторите се дејствува врз адренергичните алфа-1 рецептори, кои ги има во простатичниот дел од уретрата (надворешниот мочен канал), во задниот дел на вратот на мочниот меур и во простатичната обвивка (капсула). Бидејќи при БПХ постои перманентна стимулација на алфа рецепторите, нивната хиперстимулација предизвикува пречки во празнењето на мочниот меур, од што и произлегуваат присутните иритациски симптоми.

Овие рецептори селективно се блокираат со неурофармаколошкото дејствување на алфа-блокаторите, со што се намалува мускулниот тонус на простатичниот регион, а со тоа се повлекуваат и иритативните симптми во 75% од случаите.

Актуелни алфа-блокатори кои денес се користат во лекувањето на БПХ се: празосин (вазофлекс), теразосин (корнам), доксазосин ХЛ (кардула ХЛ) и тамсулозин (јозир, омник, омиџ, фломакс).

Последната генерација на алфа блокатори (теразосин, доксазосин ХЛ и тамсулозин) е селективна и дејствува само на андрогените рецептори на долниот уринарен тракт. На тој начин се избегнува несаканото намалување на крвниот притисок (хипотензија).

Ефектот од терапијата со алфа блокатори е брз и се манифестира уште во првата недела по третманот.

Хормонска терапија

Растот и развојот на простатичната жлезда, како и создавањето на БПХ по педесеттата година од живот, се во тесна врска со андрогените ефекти. Со овој ефект се стопира ензимот 5-алфа-редуктаза, со што се прекинува трансформирањето на тестостеронот во дихидротестостерон (ДХТ) во тестисите. Дихидротестостеронот е директно задолжен за растот на простатата. Со намалувањето на неговото ниво се намалува и волуменот на простатата кај БПХ, со што се повлекуваат и иритациските симптоми.

Во хормонската терапија се применува финастериде (проскар) кој е синтетски инхибитор на 5-алфа редуктазата. Со оваа терапија се намалува волуменот на простатата во 24% од случаите, иритациските симптоми се повлекуваат во 80% од случаите и се подобрува млазот при мочањето.

Како несакани ефекти од примената на хормонската терапија се наведуваат: намалено либидо ( 1,2%), намален ејакулат (0.8%) и намалена ерекција и импотенција (1,6%).

Ефектот од применетата хормонска терапија се манифестира по три месеци.

Пациентите кои се на медикаментозен третман, треба редовно да се контролираат на секои 6 до 12 месеци за да се избегнат компликациите од евентуална опструкција на надворешниот мочен канал.

За видот и за должината на медикаментозната терапија (алфа блокатори и хормонска терапија) одлучува урологот, по направените клинички, ултразвучни, рендгенолошки и лабораториски испитувања на пациентот.

Големината на простатата и вкупниот серумски ПСА го одредува изборот на терапијата:

  • Ако при дигитален ректален преглед и на ултрасонографија простатата не е значително зголемена (< 40g) и ако ПСА е < 1.5ng/ml, првиот избор се алфа-1-блокаторите (на пример: тамосулосин или алфузосин).
  • Ако простатата е значително зголемена и ПСА е >1.5 ng/ml, тогаш може да се употреби инхибитор на 5-алфа-редуктаза (финастериде или дутастериде) или алфа-1-блокатор. Комбинацијата на инхибитор на 5-алфа-редуктаза и алфа-1 блокатор ги намалува симптомите подобро и побрзо отколку секој од овие два лека даден одделно.

Несакани ефекти од медикаментозната терапија

Како несакани ефекти од примената на алфа блокаторите се вртоглавица, постурална хипотезнија и ретроградна ејакулација (изливање на спермата во мочниот меур, наместо преку пенисот). Со примена на селективните алфа блокатори, како што се тамсулозин и алфозосин, ризикот за хипотензија се намалува.

Како несакан ефект од инхибиторите на 5-алфа-редуктазата е можната импотенција.