• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Живеј здраво, храни се правилно!
Како по природен пат да го нормализираме холестеролот во крвта?

Нормалната концентрација на холестеролот во крвта на возрасните треба да биде до 5 милимоли по литар, а на триглицеридите до 1,7 милимоли по литар. Лицата кои имаат концентации поголеми од горенаведениве, имаат поголем ризик за развој на атеросклероза и кардиоваскуларни заболувања. Тие имаат и поголем ризик за смрт од срцев и мозочен удар во споредба со лицата кои имаат нормални вредности на холестрол во крвта.

Еден од факторите кој допринесува за појавата на хиперхолестеролемијата (покачено ниво на холестерол во крвта) е неправилната исхрана т.е. исхраната богата со масти, особено до животинско потекло, а сиромашна со овошје, зеленчук и интегрални житарици. Неправилната исхрана, физичката неактивност (седечки начин на живот) и дебелината се главните виновници за хиперхолестеролемијата.

Сепак, со практикување на здрава избалансирана исхрана можеме да го намалиме холестеролот во крвта по природен пат.

Намирници кои воопшто не би требало да ги јадат лицата со покачен холестерол се: мозок (содржи 1.200 mg холестерол на 100g намирница), жолчка од јајце (1.500 mg), кавијар, путер, бубрези, павлака, кајмак, масно сирење, млеко, морски плодови. Доколку не можете без месо, изберете риба или живина, а избегнувајте ги црвеното месо и сувомеснатите производи.

Иако говедското и свинското месо, рибата и повеќето морски плодови содржат подеднакво холестерол (околу 70 mg/100g), се гледа и количината на заситените масни киселини. Свинското, говедското месо и воопшто црвеното месо содржи многу заситени масни киселини, додека живината содржи значително помалку. Рибите пак содржат многу малку холестерол, а се богати со многу здрави масни киселини, како што се омега-3 масните киселини.

Што треба да јадеме?

Храната богата со несварливи влакна, особено оние кои се растворливи во вода, е многу важна во борбата против холестеролот, бидејќи влакната го врзуваат холестеролот и така помагаат тој да се елиминира од телото.

Месото, јајцата, млекото и млечните производи не содржат влакна, додека овошјето, зеленчукот, житариците и јатчестите плодови обилуваат со влакна. Кога зборуваме за јатчестите плодови, треба да се нагласи дека тие заедно со житариците и мешункастиот зеленчук спаѓаат во најздрави намирници. Единствена мана на јатчестите плодови е што се релативно богати со калории, па затоа треба да се консумираат во умерени количини.

Индустриските грицки како чипсот замените ги со јатчести плодови и пуканки без масло (или приготвени на намала можна количина масло). Ако на сето ова ги додадеме овошјето и зеленчукот, ќе добиеме идеална исхрана, во која месото би требало да биде што поретка намирница, а не главна намирница.

Не е сеедно ни како ја приготвуваме храната. Приготвувајте ја храната на пареа или варете ја во вода, наместо да ја печете во рерна или, уште полошо, да ја пржите во многу масло.

Јатчестите плодови, особено бадемите, се скапоцено оружје во борбата против холестеролот. Секој ден слушаме за слободните радикали и антиоксидансите. Сето ова лесно може да им се објасни на лаиците: Како што железото`рѓосува во допир со воздухот, така и сите намирници во контакт со воздухот оксидираат. Целата храна која ја внесуваме, повеќе или помалку е оксидирана, а оксидираниот холестерол е најопасен холестерол.

Декларациите на производите можат да не збунат

На некои маргарини пишува дека содржат исклучиво здрави масти, но никој не ни кажува дека тие масти во телото лесно се трансформираат во штетни форми. Затоа, многу лекари и нутриционисти на дилемата: путер или маргарин, ќе оговорат: ниту едното од нив. Путерот обилува со холестерол, додека маргаринот содржи масни киселини кои во организмот лесно се претвараат во опасни трансмасни киселини. И путерот и маргаринот се штетни кога ќе се загреат, па затоа е добро да се заменат со маслиново масло или се масло од јатчести плодови.

Најпогодни намирници во борбата против холестеролот и, воопшто, за здрава исхрана се: грав, грашок, леќа и другиот мешункаст зеленчук, малините, капинките и другите бобинки, компирот, брокулата, интегралните житарици, лимонот, портокалот и останатите агруми, јаболката и другите видови на овошје и зеленчук. Особено се здрави лукот и кромидот, кои би требало да се консумираат почесто, како и сојата и сојините продукти.

Јајцата, млекото и млечните производи консумирајте ги во помали количини. Не се препорачуваат преработените, готови иднустриски јадења, а особено треба да се избегнуваат намирници во прав како што се пудинзите, готовите смеси за колачи, креми и сладоледи, масното сирење, пармезанот, мајонезот, кечапот и готовите преливи за салата.

Алкохолот и цигарите, исто така, треба да се избегнуваат, а телесната тежина треба да се одржува во нормални граници (индекс на телесна маса до 25). Од голема корист е и физичката активност.

Сепак, во ништо не треба да се претерува. Доколку сте здрави и имате нормални крвни наоди, повремено може да си дозволите мали количини на сувомеснати производи, масни сирења и морски плодови.

 

Прочитајте и: