• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Причини и фактори на ризик за настанување на бубрежни каменчиња Печати

Не постои една одредена причина за настанувањето на бубрежните каменчиња.

Комбинацијата на повеќе фактори создава услови за настанување на бубрежни каменчиња кај луѓето склони кон ова заболување.

Бубрежните каменчиња настануваат кога ќе се поремети соодносот на компонентите во урината - течноста и разните минерали и киселини.

Кога тоа се случи, во урината има поголема концентрација на супстанции, како на пример калциум, оксалати и урична киселина, отколку што може течноста да ги разреди. Од овие супстанции се формираат кристали, кои подоцна можат да се спојат и да формираат помали или поголеми каменчиња.

Истовремено, во урината има помалку материи кои го спречуваат спојувањето на кристалите во каменчиња. Ова создава совршена средина за создавање на камења во бубрезите.

Постојат одредени фктори кои го зголемуваат ризикот за настанување на бубрежните каменчиња. Тие фактори на ризик се:

  • Фамилијарна и лична историја – Ако некој член од вашето семејството има бубрежен камен, тогаш вие имате поголем ризик за настанување на бубрежен камен во однос на оние лица кои ја немаат оваа болест во своето семејство. Доколку веќе сте имале еден камен во бубрегот, се зголемуваат шансите за развој на други бубрежни камења.
  • Возраст – Бубрежните каменчиња најчесто настануваат кај лицата на возраст од 40 години и повеќе, но бубрежните каменчиња можат да се појават во било која возраст.
  • Машки пол - Кај мажите почесто се јавуваат бубрежните каменчиња во однос на жените.
  • Бела раса – Припадниците на белата раса се со поголем ризик во однос на другите раси.
  • Недостаток на течности - Доколку не земаме доволни количини на течности, особено вода, во урината се зголемува концентрацијата на супстанците кои можат да формираат камења. Тоа е причината зошто бубрежните камења почесто се јавуваат во области со топла клима, при работа во топла средина или при напорна работа без надокнадување на течности.
  • Високопротеинска исхрана – Ако јадете храна богата со белковини (месо, пилешко, риба), повеќе сол или шеќер, вашиот ризик за стварање на некои видови на бубрежни каменчиња е поголем.
  • Дебелина - Високиот индекс на телесна маса, зголемениот обем на струкот и зголемената телесна тежина се поврзани со зголемениот ризик за настанување на бубрежни каменчиња.
  • Одредени лекови - Лековите можат да имат различен ефект на формирањето на камења, на пример диуретиците го зголемуваат ризикот од формирање на бубрежни камења во одредени ситуации и го намалуваат во други ситуации.
  • Болести на органите за варење и хируршки зафати - Гастричниот бајпас, воспалителните заболувања на цревата или хроничниот пролив можат да предизвикаат промени во процесот на варењето на храната и да влијаат на апсорпцијата на карциумот, па на тој начин да во урината ја зголемат концентрацијата на материите кои ствараат каменчиња.
  • Други медицински состојби - Ретки, наследни болести како ренална тубуларна ацидоза или цистинурија, болести како гихт, хронична уринарна инфекција или хипертироидизам се причина за развој нa бубрежни камења.
  • Физичка неактивност – Физичката неактивност и претежно седечкиот начин на живеење ги зголемува шансите за развој на бубрежни камења. Особено висок ризк имаат пациентите кои се неподвижни (кај нив намалената активност допринесува коските да испуштаат повеќе калциум).