• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Следење по третман PDF Печати
Среда, 09 Јули 2008 11:42

Следење на болните со карцином на анус

Завршувањето со терапијата не значи и прекинување на грижата кон болниот. Карциномот на анусот бара доживотно следење (follow-up). Следењето на пациентот е од голема важност за рано откривање на рецидив или прогресија на болеста. Редовните рутински контроли овозможуваат рано и навремено откривање на рецидивите или прогресијата на болеста, со што се овозможува и навремено спроведување на адекватна терапија, при што и ефектот од спроведената терапија е подобар.

Во текот на првите три години, контролните прегледи се прават на секои три месеци, следните две години во интервали од шест месеци, а понатамошното следење се спроведува еднаш годишно.

Контролните прегледи се состојат од детална анамнеза и физикален преглед по системи. Со инспекција се гледа аналната регија, а со аналниот дигитален преглед се утврдува евентуално постоење на локален рецидив. Исто така, треба да се прегледаат и ингвиналните регии, бидејќи често овој карцином може да метастазира во ингвиналните регионални лимфни јазли.

Покрај анамнезата и физикалниот преглед, се прават и контролни лабораториски испитувања на крвта (хематолошки и ензимски статус).

Рендгенграфија на белите дробови, аноскопија и компјутерска томографија на абдоменот се прават на секои 6 , односно, подоцна на секои 12 месеци.