• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Рутински ПСА скрининг за рак на простата: да или не? Печати

Ракот на простатата е еден од водечките карциноми кај мажите. Се јавува претежно кај мажите постари од 50 години, а инциденцата расте со возраста. Ракот на простатата се јавува во жлезденото ткиво на простатата и обично бавно расте.

Простатичниот специфичен антиген (ПСА) го произведуваат желездените клетки на простатата. Тој е протеин и е дел од семената течност (сперма). Поголемиот дел од ПСА, настанат во простатата, излегува со семената течност во текот на ејакулацијата, а само мал дел влегува во крвотокот.

ПСА во крвта се наоѓа како самостоен т.н. слободен ПСА или во комбинација со другите состојки на крвта т.н. врзан или комплексен ПСА. Збирот на слободниот и врзаниот ПСА се нарекува вкупен ПСА. Вкупниот ПСА се мери со крвен тест, кој се нарекува стандарден ПСА тест.

Зголемувањето на ПСА може да биде предизвикано од ракот на простатата, но и од некои други заболувања на простатата, како што се: воспалението на простатата (простатит) и бенигната хиперплазија на простатата (БПХ), која често се јавува кај повозрасните мажи. Процедурите кои ја иритираат простатата, како што се воведувањето на катетер или цистоскоп, како и биопсијата на простатата, исто така, можат да го зголемат нивото на ПСА во крвта.

Вообичаено се смета за највисока нормална вредност на ПСА тестот - 4 ng /ml (нанограми на милилитар). Кога вредностите на ПСА тестот се помеѓу 4 и 10 ng/ml треба да се посомнева за присуство на рак на простата. Вредностите на ПСА над 10 ng/ml, значително ја зголемуваат веројатноста дека лицето боледува од рак на простата.

Самиот ПСА тест не дава доволно информации за разликување на бенигните од малигните состојби, но вредноста на ПСА му помага на докторот да одлучи дали треба да продолжи да бара и други знаци за рак на простата. Затоа, при зголемени ведности на ПСА најважно е да се посоветувате со вашиот лекар за потребата од понатамошни дијагностички постапки.

Кај лицата со рак на простата, ПСА тестот е одобрен туморски маркер за следење на болеста и за откривање на рецидивот (повторно враќање)на болеста.

Кај лицата за кои не се знае дали имааат рак на простата, ПСА тестот е одобрен како помошна метода при откривањето на болеста, заедно со дигиталниот ректален преглед.

При дигиталниот ректален преглед, урологот може да ја напипа простатата влегувајќи со прст преку аналниот отвор. Бидејќи аналниот отвор е непосредно под простатата, а ракот најчесто расте на таа страна од жлездата, лекарот може да открие неправилности во нејзината големина, облик и конзистенцијата. Обично со овој преглед може да се разграничат промените кај ракот на простатата од оние при бенигната хиперплазија (БПХ).

ПСА тестот често се користи и за скрининг (контролен преглед на здрави лица) кај мажите постари од 50 години, кои немаат никакви симптоми и тегоби. Употребта на ПСА тестот како скрининг метода во секој случај значително помага за откривање на ракот во неговата најрана фаза, кога е можно и целосно излекување.

Сепак скринингот може да доведе и до прекумерно дијагностицирање. Тоа, на пример, се случува кога ПСА тестот ќе открие многу мал рак на простатата, кој не би го загрозол животот на мажот, а лицето може да биде изложено на ризик од компликации од непотребните понатамошни постапки.

Според тоа, препораките за рутинскиот скрининг варираат. Некои од лекарите препорачуваат годишно ПСА тестирање за мажите над 50 години, додека другите не. Допрва е потребно да се одреди оптималниот метод на скрининг, возрасната група која од тој скрининг ќе има најголема корист, како и зачестеноста на скринингот.