• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Стереотактична радиотерапија Печати

Стереотактичната радиотерапија е еден вид на конформална радиотерапија (зрачна терапија), која наоѓа сè поголема примена во клиничката практика, благодарејќи на новите технолошки достигнувања. Овој вид на радиотерапија особено се применува во третманот на примарните и метастатските тумори на мозокот.

Основно во оваа терапија е постигнување а максимална техничка и анатомска прецизност поради што главата на пациентот се позиционира за време на компјутерската томографија и за време на биопсијата.

Одредениот интракранијален целен волумен (волуменот кој треба да биде озрачен) потоа се озрачува со бројни, мали кружни полиња со дијаметар од 20-30 mm.

Ова метода уште се вика и радиохирургија, бидејќи со помош на високи дози на зрачење, концентрирани на мал волумен, се врши деструкција на патолошкиот процес, слично како да е извршена хируршка интервенција.

Доколку се користат зраци на радиоактивен кобалт (Co-60), се употребува и терминот gamma knife (гама нож).

Освен гама зраци, може да се користат и протони, хелиумски јони, неутрони или X-зраци добиени од линеарен акцелератор, модифициран и адаптиран за стереотактична радиотерапија.

За изведување на оваа техника на зрачење неопходна е претходна компјутерска томографија на мозокот, магнетна резонанца на мозокот, ангиографија, а во некои случаи и томографија со позитронска емисија (ПЕТ-скен). Со нивна помош се одредува прецизно целниот волумен. Потоа на главата на пациентот се фиксира стереотактична рамка којашто овозможува точно центрирање на зрачниот сноп преку X,Y и Z координантниот систем. Овој систем се користи и за време на локализирањето и дефинирањето на целиот волумен кој треба да биде озрачен.

„Gamma Knife“ радиохурургијата се користи во третманот на тумори и лезии во мозокот.