• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Хемотерапијата во третманот на акутната миелоидна леукемија Печати

Акутната миелоидна леукемија скоро секогаш бара итно лекување. Лекувањето се спроведува со комбинирана хемотерапија, т.е. со примена на повеќе цитостатици. Постојат повеќе цитостатски протоколи за АМЛ.

Како се спроведува терапијата?

Индуктивна терапија (induction therapy)

Терапијата на акутната миелоидна леукемија започнува со т.н. индуктивна терапија. Целта на лекувањето е да се искоренат што поголем број на абнормални малигни клетки и да им се овозможи на нормалните клетки повторно да ја наполнат коскената срцевина.

Во почетокот на т.н. индуктивна терапија можеби ќе биде потребна хоспитализација на пациентот, од 3 до 6 недели, поради почетната хемотерапија, но покасно, хемотерапијата може да се дава и во амбулантски услови т.е. во дневна болница.

Покрај тоа, можно е да биде потребна и изолација на болниот, доколку бројот на лимфоцитите во крвта е многу низок. Ова се прави со цел да се заштити болниот од можна инфекција, со оглед на тоа што има намален имунитет, поради падот на лимфоцитите во крвта. Хемотерапијата, обично, се состои од комбинација на 3 до 8 цитостатици.

Кога по примањето на хемотерапијата ќе дојде до нормален наод на крвта и на коскената срцевина, и кога пациентот добро се чувствува и нема симптоми и знаци на болеста, тогаш се вели дека дошло до комплетна ремисија (повлекување) на болеста.

Важно е да се свати дека комплетната ремисија не значи и искоренување на леукемијата. Бројни истражувања се посветени на тоа да се развијат се подобри техники за откривање на помалиот број на заостанати малигни клетки во коскената срцевина.

Консолидирачка терапија (consolidation therapy)

По примената на индуктивната терапија следува консилидирачката терапија. Консолидирачката терапија (consolidation therapy) се применува кога болеста веќе не е видлива, како резултат на претходно применетата индукциона хемотерапија, но сепак се знае дека болеста е сеуште присутна. При консолидирачката терапија се даваат повторувани цитостатски протоколи со намалени дози, со цел да се уште повеќе намали бројот на абнормални клетки.

Во многу случаи, иако неможат да се откријат сите абнормални клетки, сепак, мал број од нив сеуште се присутни во коскената срцевина. Ако се работи за таков случај, леукемијата може повторно да се појави. Тоа се нарекува рецидив или повторно враќање на болеста. Повторното лекување може, но и не мора да да доведе до повторна комплетна ремисија на болеста.

Хемотерапија на одржување (maintenance chemotherapy)

Хемотерапија на одржување (maintenance chemotherapy) следува по спроведувањето на индуктивната и консолидирачката терапија.

Во обидите да уште повеќе се намали заостанатата болест, може да се даваат лекови со ниски дози (цитостатици). Ова се нарекува хемотерапија на одржување (maintenance chemotherapy). Во тие случаи, индукционата и консолидирачката хемотерапија го намалила бројот на малигните клетки на минимум, а целта на повторуваните циклуси на хемотерапијата на одржување е да ја држат болеста под контрола, со надеж дека болеста ќе помине или ќе ја унишни природниот одбрамен механизам (имуниот систем) на болниот.