• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Новости од областа на канцерот
Истражувачите докажале дека лекот rosuvastatin го забавува растот на клетките на ракот на простата

Резултатите од најновото канадско истражување покажале дека лекот rosuvastatin, кој е наменет за лицата со висок холестерол во крвта, може да биде ефикасен и во лекувањето на ракот на простата. Научниците тврдат дека статинот - rosuvastatin го забавува растот на човечките клетки на ракот на простатата трансплантирани во глувците.

„Нашите податоци даваат цврст предклинички доказ и јак повод за клинички испитувања на статините во лекувањето на ракот на простата“, изјавил Dr. Wen Xiao-Yan, научник од канадската болница „ St. Michaels Hospital“.

Ракот на простата е најчест дијагностициран рак кај мажите во западните земји и е втора причина за смрт на мажите од малигни заболувања. Но, за сложеноста на ова малигно заболување најдобро говори фактот што голем број мажи не умираат „од“ рак на простата, туку „со“ рак на простата.

Стандарден третман на ракот на простатата, кој е ограничен само на жлездата е радикалната простатектомија (оперативно отстранување на простатата) или радикалната радиотерапија со или без хормонска терапија.

Кај локално напреднатите карциноми на простата, со зголемени лимфни јазли или со метастатски промени на коските, стандардна терапија е комплетна андрогена блокада со лекови, т.н. антиандрогени и ЛХРХ аналози, со кои се успорува прогресијата на болеста.

Ако клиничките истражувања на луѓето потврдат дека статините можат да ја оптимизираат ефикасноста на зрачењето, најновото откритие ќе им помогне на лекарите да одредат најефективен, помалку токсичен и попристапен начин на лекување на пациентите со рак на простата.

Резултатите од ова најново истражување биле објавени во научниот часопис „European Urology“.

 

Најчитани наслови