• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Следење по третман за рак на колон Печати

Следење на болните со карцином на дебелото црево

Завршувањето со терапијата не значи и прекинување на грижата кон болниот. Карциномот на дебелото црево бара доживотно следење (follow-up). Следењето на пациентот е од голема важност за рано откривање на рецидив или прогресија на болеста. Редовните рутински контроли овозможуваат рано и навремено откривање на рецидивите или прогресијата на болеста, со што се овозможува и навремено спроведување на адекватна терапија, при што и ефектот од спроведената терапија е подобар.

Контролните прегледи на пациентите со карцином на дебелото црево, по завршениот третман, имаат за цел дијагностицирање на релапс на болеста и идентификување на пациентите, кај кои ќе се спроведе понатамошно лекување со цел да се подобри квалитетот на живот.

При контролните прегледи се зема детална анамеза за евентуално присутни симптоми и знаци на болеста кај пациентот. Физикалниот преглед, исто така е задолжителен при контролните прегледи. Се прават и рутински лабораториски испитувања, како хематолошки статус и други биохемиски испитувања за одредување на функцијата на бубрезите и црниот дроб (уреа, креатини, алкална и кисела фосфатаза, хепатални ензими, електролити). Исто така, потребно е да се следат и туморските маркери во крвта (CEA, C 19-9). Секое нивно покачување во крвта треба да се внимателно следи. Наглиот пораст на тумор маркерите е индикација за дополнителни дијагностички испитувања.

Покрај анамнезата, физикалниот преглед и биохемиските испитувања, за следење на пациентите се потребни и следниве испитувања:

  • Ректосигмоидоскопија се прави на секои 6 месеци во текот на 2 години, за пациентите со карцином на дисталниот сигмоиден колон.
  • Колоноскопија се прави една година по третманот, а потоа на секои три години со цел да се утврди присуство на метахрони аденоми или карцином.
  • Ехотомографија на црниот дроб се прави на секои 6 месеци, во тек на три години, а потоа еднаш годишно.
  • Рендгенграфија на бели дробови се прави на секои 6 месеци, во тек на три години, а потоа еднаш годишно.