• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Третмански опции Печати

За одредување на најадекватна тераписка опција за одреден пациент, се разгледуваат многу фактори, како на пример: големината, локализацијата и проширеноста на туморот, односно стадиумот на болеста, градусот на туморот, возраста на пациентот, неговата општа состојба и други фактори. Секој пациент треба да се разгледува одделно и да се избере најдобрата тераписка опција за него.

Расположиви тераписки опции за карциномот на дебелото црево се:

  • хируршки третман,
  • радиотерапија,
  • хемотерапија,
  • таргет (целна) терапија.

Која од овие тераписки опции, или нивна коминација, ќе се примени, зависи од сите претходно наведените фактори.

Хируршки третман

Хирургијата има важна улога во третманот на карциномот на дебелото црево. Ова е најчеста тераписка опција за карциномот на дебелото црево.

Целта на оперативното лекување е отстранување на целиот примарен тумор со дел од здравиот колон. При тоа се отстрануваат и лимфните јазли кои го дренираат тој дел од дебелото црево, а кои што ги следат крвните садови кои го снабдуваат со крв тој дел од цревото. Доколку се зафатени и соседните ткива и органи со малигниот процес, и тие оперативно се отстрануваат.

Истовремено, во тек на оперативниот зафат е неопходно да се воспостави континуитетот на цревото и да се овозможи негово нормално функционирање.

Неоходно е пред оперативниот третман да се направи внимателна проценка на проширеноста на болеста, како и на општата состојба на болниот, односно да се процени неговата можност да ја издржи операцијата.

Доколку болниот истовремено има и некои пропратни интернистички заболувања, како шеќерна болест, висок крвен пртисок, хронични заболувања на дишните органи, потребно е тие предоперативно да бидат соодветно лекувани и згрижени. Треба да се направи проценка дали тие интернистички болести може да бидат контраиндикација за реализирање на оперативен третман.

Во случаите кога при дијагностицирањето на болеста е утврдено и присуство на метастази во оддалечените органи и ткива, важно е предоперативно да се планира и да се одлучи за видот на оперативниот третман. Така на пример, доколку кај пациент во понапредната возраст се откријат и присутни метастази во црниот дроб, а примарниот карцином е релативно мал, подобар ефект ќе се постигне со оперативно отстранување само на примарниот тумор, отколку со радикален хируршки третман.

Дури и во оние случаи кога предоперативните иследувања покажуваат дека, и покрај сé, не е можно да се изведе радикална, куративна операција, потребно е да се направи локално отстранување на примарниот тумор. На овој начин ќе се спречи развој на цревна опструкција.

Предоперативната постапка подразбира и соодветна подготовка која вклучува „чистење“ на цревото, примена на антибиотска терапија, како и соодветни мерки кои ќе го превенираат настанувањето на длабока венска тромбоза.

Иако, комплетна стерилизација на цревото не може да се постигне, механичкото прочистување, кое се остварува со диета и пиење на магнезиум сулфат, е од голема корист.

Предоперативното профилактично давање на антибиотска терапија е од корист во спречувањето на развојот на сепса, компликацја која често се надоврзува при операциите на цревниот тракт. За постигнување на соодветен ефект,потребно е да се постигне адекватна концентрација на антибиотикот во крвта. Се избира антибиотик со широк спектар на делување, кој е ефикасен за повеќе групи на бактерии.

Пред да се пристапи кон операцијата, неопходно е пациентот и неговите блиски да бидат добро и точно информирани за оперативната процедура, што е посебно важно доколку се планира поставување на колостома. На кожата на стомачниот sид треба да се направи означување на планираното место за колостомата, за да може да се обезбеди позиција која е соодветна за пациентот и да може тој да е во состојба адекватно да ја одржува.

Хируршки техники

Оперативната техника зависи, пред сé, од локализацијата на туморот.

Малигномите кои се локализирани на десниот колон, се оперираат со десностана хемиколектомија, додека оние локализирани на левиот колон, се оперираат со левострана колектомија.

Ресекцијата на цревото не смее да биде направена на оддалеченост помала од 5 cm од макроскопската граница на туморот, поради можното проширување на туморските клетки долж лимфните садови на цревниот sид.

Некои хирурзи сметаат дека, за малигните тумори на левиот колон е потребна порадикална ресекција, при која се отстранува целиот лев колон и се прави анастомоза помеѓу трансверзалиот колон и ректумот (задното црево).

Сепак, ретроспективните анализи не покажуваат разлика во преживувањето помеѓу оваа т.н.проширена лева хемиколектомија и сегменталната ресекција.

Тотална колектомија (целосно отстранување на дебелото црево) и анастомоза помеѓу тенкото црево (илеум) и ректумот е индицирана при присуство на мултипни малигноми, или кога една карциномска промена е придружена со попипозни промени.

Околу 10% од карциномите на дебелото црево се прилепени за соседните органи, било поради постоење на придружна воспалителна реакција, било поради малигна инфилтрација.

Ресекцијата на зафатените соседни органи дава слично преживување како и при отстранување само на примарниот тумор.

Во случаите на неоперабилна болест, секогаш кога постои можност, треба да се направи палијативна ресекција. Таа го смалува ризикот од настанување на компликации како што се цревната опструкција и појавата на илеус (преплет на цревата).

Хируршкото лекување има одредена улоа и во третманот на метастатските промени од карциномот на дебелото црево.

При постоење на 1-4 метастатски промени во црниот дроб, кога нивната ресекција е можна (земајќи ги во предвид големината и локализацијата на метастатските промени), оперативниот третман резултира со 25-30% петгодишно преживување.

Радиотерапија

Улогата на радиотерапијата во третманото на карциномот на дебелото црево не е сосема утврдена.

Постојат податоци дека постоперативната радиотерапија го намалува ризикот од појава на локален рецидив во случаите каде постои голем ризик, меѓутоа тие податоци се резултат само на поединечни студии.

Главен проблем при спроведувањето на зрачната терапија претставува осетливоста на соседните органи и структури на зрачењето.

Со примена на прецизни техники на планирање и позиционирање, овој проблем би можел донекаде да се ублажи.

Сепак, рутинска постоперативна радиотерапија кај карциномот на дебелото црево не се препорачува.

Единствена индикација за примена на радиотерапија во третманот на карциномот на дебелото црево е како палијативна терапија во случаите на иноперабилна болест и при појава на локален рецидив.

Хемотерапија

Хемотерапијата има мошне ограничена улога во третманот на карциномот на дебелото црево.

Општо земено, одговорот на цитостатската терапија е мал, иако кај поедини случаи може да се постигне добар симптоматски одговор.

Најдолго и најчесто применуван цитостатик е 5-fluorouracil.

Постоперативната (адјувантна) хемотерапија не дала задоволителни резултати.

Во случаите на локално напреднат и метастатски карцином, ниту еден цитостатик, или комбинација од повеќе, не дале задоволителен одговор.

Примената на цитостатици од новата генерација (Irinotecan) самостојно, или во комбинација со 5-fluorouracil дава значително подобри резултати.

Новите студии објавиле дека комбинираната примена на irinotecan и 5-fluorouracil дава сигнификантно повисок одговор на терапијата и продолжување на животот на пациентот.

Таргет (целна) терапија – нова ера во третманот на напреднатите и метастатски карциноми

Како што истражувачите открија повеќе за генетските промени во клетките коишто го предизвикуваат ракот, така тоа им овозможи да развијат нови лекови кои делуваат конкретно на некој од овие промени.

Овие строго целни лекови делуваат на подруг начин од стандардните хемотераписки лекови и имаат различни пропратни несакани ефекти.

Целните терапии вклучуваат лекови кои го запираат создавањето на нови крвни садови кои го хранат ракот и лекови кои го запираат растењето на канцерските клетки. Тие често се користат како прва или втора линија на третман кај локално напреднатите и метастазирани карциноми. Додека тие може да го намалат или забават растот на ракот, сеуште не е јасно дали било кој од овие лекови може да го излечат ракот.

Што е ангиогенеза?

Поимот ангиогенеза означува создавање на нови крвни садови. Името произлегува од двата грчки збора: angio, во превод „крвни садови“ и genesis што значи „почеток, создавање“.

Ангиогенезата е нормален процес во организмот на човекот. Како што човечкото тело расте и се развива, тоа има потреба да создава и нови крвни садови за да може крвта да пристигне до секоја клетка во организмот. Како возрасни, нашиот организам нема така голема потреба за создавање на нови крвни садови, но постои време кога ангиогенезата е сеуште важен процес.

Новите крвни садови, на пример, му помагаат на телото да ги залечи раните и ги репарира оштетувањата на ткивата во организмот.

Но, кај пациенти со карцином, истиот процес создава нови, многу мали крвни садови кои го снабдуваат туморот со свој сопствен крвен систем преку кој крвта го храни туморот и на тој начин му овозможуваат на туморот побрзо да расте и да се шири.

Што се ангиогенезни инхибитори (моноклонални антитела)?

Ангиогенезните инхибитори се лекови кои го спречуваат туморот да создава нови крвни садови. Со спречувањето на стварање нови крвни садови на туморот, како и со уништувањето на веќе постоечките, се намалува снабденоста на туморот со крв, а со тоа се намалува и неговата снабденост со кислород и хранливи материи. На тој начин туморот ги нема потребните супстанции за растење и развивање, па постепено престанува да расте и полека почнува да се намалува.

ВЕГФ е клучен медијатор во формирањето на нови крвни садови со негова евидентна прекумерна експресија кај повеќе тумори

Прекумерната експресија на ВЕГФ е поврзана со прогредирањето на болеста.

Анти ВЕГФ терапијата (моноклонални антитела), во клиничките студии, го контролира растот на туморот.

Моноклоналните антитела се антитела кои се произведуваат во лабораторија и можат да се врзат за специфичен дел од штетната супстанција (антиген). Поради селективното врзување за одредени делови на штетните агенси, тие може да бидат многу поефикасни од стандардната хемотерапија, а пратени со помалку придружни несакани ефекти.

Ова е нов вид на терапија кој дава надеж во лекувањето на напреднатите форми на карциноми.

Процесот на ангиогенеза - основа за раст на примарните и метастатските тумори.

Ангиогенезата игра главна улога во патофизиолошкиот развиток на малигномите.

ВЕГФ е клучен медијатор во формирањето на нови крвни садови (ангиогенезата) со негова евидентна прекумерна експресија кај повеќе тумори

Прекумерната експресија на ВЕГФ е поврзана со прогредирање на болеста.

Потенцијални ефекти од инхибицијата на ВЕГФ

  1. Инхибиција на растот и умножувањето на ендотелијалните клетки со што се намалува продукцијата на нови крвни садови.
  2. Намалување на способност за преживување на ендотелијалните клетки во незрелите крвни садови што доведува до регресија на новоформираните крвни садови.
  3. Намалување на пермеабилноста/пропустливоста на крвите садови што доведува до:
    • Намалување на ризикот од навлегување на туморските клетки во циркулацијата,
    • Намалување на интратуморскиот притисок и подобрување на доставата на макромолекули и кислород, со што се зголемува ефикасноста на хемотерапијата и радиотерапијата.
  4. Ендотелијалните клетки стануваат фрагилни, лесно руптурираат што резултира со крвавење, намалување на протокот на крв и регресија на крвните садови.

Антиангиогенезните лекови во третманот на напреднат колоректален карцином (рак на дебело црево и ректум)

Антиангиогенезните лекови се користат како прва линија на третман кај метастатскиот колоректален карцином. Тие се даваат во комбинација со хемотерапискиот протокол познат како IFL-протокол, кој ги содржи: irinotecan, 5-fluorouracil (5-FU), и leucovorin.

Антиангиогенезните лекови доведуваат до „нормализација“ на туморската васкулатура, до подобрување на дистрибуцијата на цитостатиците и даваат синергистички тераписки ефект.

Терапијата доведува до спречување на растот на нови туморски крвни садови со инхибиција на примарниот и метастаскиот туморски раст, регресија на васкулатурата на туморот и негово мирување.

Анти-ангиогените агенси го подобруваат преживувањето кај напреднатиот колоректален карцином.

Во тек се бројни развојни програми поврзани со колоректален карцином и со останатите малигни тумори.