• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Три главни патишта на ширење на ракот на хранопроводникот Печати

Ракот на хранопроводникот е малигно заболување кое започнува со малигна трансформација на клетките на слузницата. Овој вид на малигно заболување има подмолен ток и често пати се открива во неговиот понапреднат стадиум. Причина за тоа е неговиот брз раст и ширење.

Ракот на хранопроводникот се шири по три главни механизми:

Директно ширење

Бидејќи хранопроводникот нема серозна обвивка, туморот лесно може да ги зафати и околните ткива и органи. Многу често, уште при поставувањето на дијагнозата или во текот на хируршкиот зафат, може да се утврди проширеност на туморот во душникот (трахеа), левиот главен бронх, каротидната артерија, аортата и нервот рекуренс.

Лимфогено ширење (метастазирање во регионалните лимфни јазли)

Хранопроводнико се карактеризира со богата и разгранета лимфно-садовна мрежа. Тој поседува екстензивна мрежа од лимфни садови, претставена со двоен надолжен систем на меѓусебно поврзани лимфни садови. Поради тоа, целиот хранопроводник е со висок ризик од лимфогено метастазирање во вид на субмукозно ширење на болеста долж 4 до 8 cm периферно од границите на примарниот тумор (нагоре и надоле од примарниот тумор).

Лимфната дренажа за вратниот дел на хранопроводникот се остварува во југуларните (вратни) и супраклавикуларните (над клучната коска) лимфни јазли.

Лимфната дренажа за горната и средна третина на езофагусот се остварува во перитрахеалните (околу душникот), парезофагеалните (околу езофагусот) и паракардијалните (околу срцето) лимфни јазли и во лимфните јазли долж малата кривина на желудникот.

Лимфната дренажа за долната третина на хранопроводникот се остварува во желудечните и целијачните лимфни јазли.

Хематогено ширење на карциномот на хранопроводникот

Карциномот на хранопроводникот може, по крвен пат, да се расее во одалечените ткива и органи во телото. Може да биде зафатен било кој орган или ткиво.

Сепак, најчести се метастазите во црниот дроб, белите дробови и коските.