• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Симптоми и знаци Печати

Симптоми и знаци на ракот на дебелото црево

Карциномот на дебелото црево во својот ран стадиум може да биде асимптоматски,т.е. да не постојат никакви симптоми и знаци на болеста. Така, симптомите и знаците на овој малигном може да не се појават сé додека болеста не прогредира во напреднат сттадиум.

Како симптоми и знаци на карциномот на дебелото црево се наведуваат следниве:

Крварење - Присуство на крв во столицата

Ова е најчест симптом на карциномот на дебелото црево. Како што туморот станува поголем, минувањето на цревната содржина може да предизвика крварење од туморот. Крвта присутна во изметот може да биде темна и измешана со изметот, што е случај кога крварењето потекнува од проксимално локализирана лезија. Тоа е и разликата од крварењето при карциномот на задното црево, каде крвта е свежа и светла и на површината на изметот. Често е присуството на мукозен секрет.

Измени во „навиките“ на празнењето на цревото

Ова подразбира која било измена во однос на честотата на празнењето или во однос на конзистенцијата на столицата. Дефекациите се, во секој случај, нередовни, присутни се периоди на запек или проливи или, пак, тие наизменично се манифестираат. Можна е појава на зголемени гасови во цревата и/или фекална инконтиненција (неконтролирана дефекација).

Губиток на телесна тежина

Честите проливи и губитокот на апетит можат да доведат до нагло губење на телесната тежина. Пациентите за краток период губат и по 10 kg.

Абдоминална нелагодност

Присуството на тумор во дебелото црево може да предизвика различни симптоми на непријатно чувство во абдоменот, како болни грчеви во цревата, кркорења на цревата, чувство на надуваност и ситост, зголемена количина на гасови во дебелото црево.

Анемија (слабокрвност)

Постојаното губење на крв преку дебелото црево може да предизвика појава на слабокрвност. Особено, во случаите на лезии локализирани во горните делови на дебелото црево, крварењето може да е сосем незабележано, иако е присутно. Поради тоа, во случаите на анемија за која не е утврдена друга причина, потребно е да се направи иследување на дебелото црево, со цел да се утврди постоење на малигном чие присуство предизвикува крварење, кое иако незабележливо, создава анемија.

Општа слабост,малаксалост (јак замор)

Заморот е симптом кој се јавува кај многу малигноми. Исто така, ова е симптом кој може да се јави и при други состојби кои не се малигни. Но, за разлика од бенигните болести на дебелото црево, кај карциномот, заморот е многу јако изразен.

Абдоминална болка

Болката во абдоменот, исто така е чест симптом на карциномот на дебелото црево.таа се јавува обично во случаите која цревото е блокирано од туморот. Доколку туморот достигне големи димензии, може да се јават мачнина и повраќање.

Коликообразната абдоминална болка (болка во напади) е причинета од почетната опструкција на цревото, а болка се јавува и при инфилтрација на коскените структури и нервите, што е случај кај напреднат карцином.

Појавата на системски симтоми, како губење на телесна тежина, анорексија, е знак за локално напредната болест. Околу 30% од пациентите се јавуваат на лекар поради појава на витално загрозувачки манифестации: опструкции (запушување на цревото) или перфорација (прскање на цревото, поради инфилтрација на неговиот sид од туморот).

Симптоми од страна на метастатски зафатените органи и ткива

Доколку станува збор за метастатска болест, тогаш се јавуваат и најразлични симптоми и знаци, кој зависат од тоа кој орган или ткиво се зафатени.

Така доколку постојат коскени метастази, се јавуваат јаки коскени болки, ако постојат метастази во белите дробови, се јавуваат симптоми од страна на респираторниот систен, метастазите во црниот дроб доведуваат до појава на жолтица, до пореметување на бројни метаболни функции во организмот. Метастазите во мозокот може да дадат централна симптоматологија: како главоболка, вртоглавица, пореметена равнотежа, двојно гледање и друго.

Многу луѓе се срамат да зборуваат за симптомите и знаците со својот доктор, посебно жените. Не постои потреба од срам или страв. Доколку имате некој од наведените симптоми, неопходно е веднаш да се обратите на лекар. Подобро да бидете сигурни и заштитени, отколку срамежливи.