• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Живеј здраво, храни се правилно!
Грашокот ги прави коските појаки и поздрави со што го спречува настанувањето на остеопорозата

Грашокот е мешункаст зеленчук кој е достапен во текот на целата година, ако не во свежа, тогаш во замрзната или сушена форма. Овој мешункаст зеленчук, во последно време, го привлече вниманието на нутриционистите. Тој е одличен сојузник во борбата против болестите, бидејќи е богат со хранливи и корисни материи.

100 грама грашок содржи само 81 килокалории, а изобилува со јаглеродни хидрати, растителни влакна, глукуронска киселина, фруктоза и гликоза. Освен протеини, грашокот содржи и масти и лецитин, материи важни за нервниот систем.

Грашокот е одличен извор на витамините Ц и Е, а ги содржи и витамините Б1, Б2 и БЗ, кои учествуваат во метаболизмот на јаглеродните хидрати, на протеините и на мастите. Грашокот ја одржува енергијата во клетките на организмот, па затоа е одлична храна за намалување на хроничниот замор.

Благодарение на бројните корисни состојки, грашокот ги прави коските појаки и поздрави, што го спречува настанувањето на остеопорозата. Грашокот е одличен извор на витамин К, чиј еден дел човечкиот организам го претвара во К2. Витаминот К2 го активира остеокалцинот (еден од основните протеини на коските), што помага при вградување на калциумот во коските.

Со помош на овој неколагенски протеин, молекулите на калциумот остануваат во внатрешноста на коските. Затоа оптмалното ниво на витаминот К2 е многу важно во организмот и без него е загрозена минерализацијата на коските.

Грашокот е одличен извор на фолна киселина и витамин Б6, кои влијаат на намалувањето на нивото на хомоцистеинот, супстанција која настанува во процесот на метаболизмот и која го отежнува нормалното врзување на колагенот и структурата на коските, па создава услови за развој на остеопороза.

Резултатите од една студија покажале дека кај жените во постменопауза кај кои не е забележан недостаток на фолна киселина, нивото на хомоцистеинот може да се намали со едноставен внес на намирници богати со оваа важна киселина. Бидејќи грашокот го намалува нивото на хомоцистеинот, нутриционистите како превенција од остеопороза препорачуваат да се консумира барем еднаш неделно грашок во текот на сезоната.

Грашокот го штити и крвниот систем, бидејќи го одржува нормалното згрутчување на крвта. Добар извор е на фолна киселина и на витамин Б6, кои се сојузници во борбата со остеопорозата, но и на атеросклерозата.

Бета-каротенот и витаминот А од грашокот помагаат во заштита од срцеви болести, а растителните влакна во него го спречуваат ракот на дебелото црево. Грашокот содржи и железо, кое е потребно во изградбата на крвните клетки, а недостаток предизвикува анемија, намален имунитет и замор.

Лушпата на грашокот содржи тешко сварливи материи, како што се влакната и пектинските материи, па затоа се препорачува сувиот плод да се користи во облик на брашно. Лицата што имаат проблеми со желудникот и со цревата треба да го избегнуваат сувиот грашок бидејќи тој предизвикува несакано создавање желудочни киселини.

Сувиот грашок треба да го избегнуваат и оние што имаат проблеми со бубрезите поради големото количество протеини. Во народната медицина брашното од грашок се користи за лекување на исип и чиреви.

 

Прочитајте и: