• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Септември – Светски месец на ракот на јајчникот Печати

Септември е Светски месец за подигање на свеста за ракот на јајчникот.

На 31 август 2010 година, председателот на САД, Барак Обама, повторно го прогласи овој месец за месец на ракот на јајчникот.

Во текот на овој месец, во многу земји во светот, ќе се одржат бројни активности кои ќе имаат за цел да ја подигнат свеста кај секоја жена за важноста на превенцијата и редовните контролни прегледи во спречувањето и раното откривање на ракот на јајчникот.

Ракот на јајчникот сочинува 5% од сите малигни тумори кај жената, 23% од сите гинеколошки тумори. Дури 47% смртни случаи од гинеколошките карциноми, се последица на ракот на јајникот.

Малигните тумори на јајчникот (овариум) се на 3-то место по честота меѓу малигните тумори на женските генитални органи, веднаш по ракот на грлото на матката и ракот на ендометриумот (тело на матка).

Помалку од 10% од пациентките со рак на јајник се помлади од 40 години. Инциденцата на ракот на јајникот расте нагло над 40-тата година од животот. Така, помеѓу 40 – 44 години од животот заболуваат околу 15 жени на 100 000 жени, а од 70 – 74 години од животот заболуваат дури 57 жени на 100 000 жени.

Во однос на сите останати малигноми (рак на дојка, на дебело црево, на грло на матка, на тело на матка, на бели дробови), ракот на јајчникот сеуште има најлоша прогноза.

Се смета дека 1-2% од сите жени ќе заболат од рак на јајчник.

Ракот на јајчникот претставува голем предизвик за лекарите. Тој обично во раните стадиуми не дава карактеристични симптоми. Тоа е и една од причините што овој вид на малигном често се открива во напреднатите стадиуми на болеста.

Иако ракот на јајчниците вообичаено се открива во доцните фази, кога е најмалку излечив, неколку студии сугерираат дека постојат некои рани знаци на предупредување.

Повеќе од 20 симптоми се поврзуваат со ракот на јајчниците во рана фаза, како, замор, болки во грбот, тврда столица, често и ургентно мочање и многу други. Тие симптоми се толку вообичаени и нејасни што многу жени и лекари често пати ги занемаруваат или ги сметат за неважни.

Меѓутоа, истражувачите почнуваат да го стеснуваат списокот на симптомите, откривајќи ги оние кои, се чини, дека се најважни. Истражувачите од Центарот за истражување на рак „Фред Хачинсон“ од Сиетл покажаа дека само шест клучни симптоми, заедно со испитување на крвта, помагаат да се подобри раното откривање на ракот на јајчникот за околу 20 %, покажуваат податоците објавени во електронскиот часопис Cancer.

Тие 6 симптоми се следниве:

  • карлична болка;
  • стомачна болка;
  • надуеност;
  • зголемен стомак;
  • тешкотии при јадење;
  • брзо чувство на заситеност.