• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Причини и фактори на ризик за карциномот на дебелото црево Печати

Како и за другите карциноми, така и за карциномот на дебелото црево, причините за неговото јавување не се познати. Но, постојат одредени фактори на ризик, кои ја зголемуваат можноста за појава на ова малигно заболување кај одредени лица.

Сепак, присуството на еден или повеќе фактори на ризик, не значи и сигурно заболување од овој малигном.

Исто така, заболуваат и лица, кои немаат ниту еден фактор на ризик.

Како докажани фактори на ризик за карциномот на дебелото црево се:

Возраст

Староста е еден од факторите на ризик за карциномот на дебелото црево. Колку што е лицето во понапредната возраст, толку е поголем и ризикот за настанување на ова малигно заболување. Карциномот на дебелото црево најчесто се манифестира во седмата деценија (60-69години)

Сепак, карциномот на дебелото црево може да се јави и порано, доколку постојат еден или повеќе фактори на ризик за овој малигном.

Особено внимание привлекува појавата и текот на болеста кај помлади пациенти, кои се на возраст до 40 години, најчесто од 20 до 40 годишна возраст.

Влијание на надворешните фактори и исхраната

Инциденцата на карциномот на дебелото црево е различна во различни популации. Највисока е во земјите на Западна Европа и Северна Америка, а најниска во Азија, Африка и Јужна Америка, со исклучок на Аргентина. Популацијата во земјите од Источна Европа има средно висока инциденца.

Се смета дека надворешните фактори имаат мошне важна улога во појавата на карциномот на дебелото црево. Студиите на мигрантите покажуваат дека инциденцата на карциномот на дебелото црево во мигрантската популација се менува, здобивајќи ја вредноста која ја има популацијата во регионот во кој мигрантите се доселиле, без оглед на тоа дали е инциденцата повисока или пониска од подрачјето од кое потекнуваат.

Во прилог на ова се податоците за измена на инциденцата во популациите кои мигрирале од подрачја со ниска, во региони со висока инциденца. На пример, во првата и во втората генерација на јапонски емигранти во Калифорнија се манифестира повисока инциденца.

Слична појава е забележена и во популациите на порторикански и полски емигранти во САД и Австралија. Тие стекнуват повисок ризик да заболат од карцином на дебелото црево од оној кој постои во земјата од која потекнуваат. Ризикот што го стекнуваат емигрантите е идентичен со оној на регионот во кој се доселиле.

Овие наоди, заедно со податоците за разликите ви инциденцата во различни региони, укажуваат на силното влијание на факторите на средината, пред сé, на влијанието на исхраната.

Преку внесената храна, цревото е изложено да дејството на низа канцерогени, мутагени и антиканцерогени агенси, чија концентрација зависи, пред сé, од видот на исхраната.

Ефектот на секој од овие поединечни фактори се изразува зависно од траењето на контактот со слузницата на цревото, што зависи, пред сé, од времето на минување низ цревото и од количеството на фекалната маса.

Најпопуларната теорија во врска со диеталните фактори се однесува на малата количина на растителни влакна во храната застапена во земјите на западниот свет, каде што ризикот за појавување на карциномот на дебелото црево е висок. Спротивно на ова, инциденцата на карциномите на дебелото црево во популацијата на јужноафричките Банту е мошне ниска, а забележено е дека нивната храна е богата со растителни влакна.

Burkitt (1971 год) поставил една едноставна и логична теорија според која големата количина на целулозни влакна која се внесува со храната, го скратува времето на поминување во цревата и на тој начин го намалува времето на изложеноста на цревната слузница на дејството на потенцијалните канцерогени. Исто така, се намалува можноста цревните бактерии да продуцираат карциногени, бидејќи зголемената количина на измет има разредувачки ефект.

Се смета дека внесувањето на поголеми количини на зеленчук со храната, го намалува ризикот за настанувањето на карциномот на дебелото црево. Високо количество на целулозна содржина и покусо време на минувањето на цревната содржина низ цревото, се забележани во групите со низок ризик.

И покрај поткрепувачките факти, постои и критика на оваа теорија, пред сé, поради тоа што во овие студии не се земени во предвид и другите аспекти на разликите помеѓу популациите, кои, исто така, би можеле да влијаат на раликата во инциденцата на малигномот.

Само една опсежна епидемиолошка студија со адекватни контролни податоци покажала низок ризик со внесување на поголема количина на растителни влакна во исхраната, додека неколку интернационални иследувања не го потврдиле овој наод.

Експерименталните студии, исто така, не даваат идентични наоди. На тој начин, концептот за влијанието на количината на растителните влакна во исхраната останува само во теоретски рамки, бидејќи за него нема сеуште сигурна научна потврда.

Делување на жолчните киселини

Жолчните киселини имаат директно токсично дејство врз слузницата на дебелото црево.

Експериментално е докажано дека администрирањето на жолчни киселини преку задното црево доведува до развој на карцином. Исто така, докажано е мутагено дејство на секундарните жолчни киселини – деоксихоличната и литохоличната киселина. Во околу една третина од карциномите на дебелото црево утврдено е постоење на рецептори за деоксихоличната киселина, а исто така и присуство на рецептори за литохоличните киселини во овие тумори.

Некои автори утврдиле значително зголемување на ризикот од појава на карцином на десниот колон кај пациенти, кај кои била направена холецистектомија (оперативно отстранување на жолчната кеса). Овој ризик бил подеднаков и кај двата пола.

Друга студија покажала дека во периодот од 10 години од направената холецистектомија не било забележено зголемување на појавата на карциноми, но, по изминат период од 10 години, и кај пациенти во понапредната возраст, над 60 години, зголемувањето на појавата на карциноми е сигнификантно.

Делување на микроелементите

Некои студии укажуваат на делувањето на микроелементите. Диета со ниски вредности не дејствува на малигнизирање на полипите, а промени на слузницата може да бидат причинети и при недостиг на селен, или калциум, или, пак, при зголемено внесување на цинк и флуориди со храната, кои се антагонисти на селенот.

Воспалителни заболувања на дебелото црево

Воспалителните заболувања на дебелото црево го зголемуваат ризикот за појава на карцином на дебелото црево.

При улцерозниот колит, цревната слузница претрпува диспластични промени, а нивното постоење го зголемува ризикот за 5.7 пати.

Ризикот е поголем доколку улцерозниот колит е подолготраен (на пример, се јавил уште во детска возраст). Исто така, и болеста Мorbus Chrohn e фактор на ризик за подоцнежен развој на карцином на дебелото црево.

Низа други заболувања на дебелото црево, како што се дивертикулозата (повеќе вреќести проширувања на дебелото црево), амебијазни грануломи и туберкулозата може погрешно да се оценат како карциномски промени, но, ниту едно од овие заболувања не доведува до развој на малигном.

Генетски фактори и позитивна фамилијарна анамнеза

Генетските фактори, несомнено, имаат улога во појавата на кациномот на дебелото црево. Покрај фамилијарната аденоматозна полипоза (ФАП) и нејзините варијанти, постои и друга група на т.н. вродени наследни неполипозни карциноми. Оваа група опфаќа два главни синдрома означени како Lunch тип 1 и Lunch тип 2, кои се наследни заболувања.

Причината за настанување на ФАП, кое е наследно заболувење, претставува инактивацијата на тумор супресивниот ген на хромозомите 5, 9 и 21. Клинички, синдромот се манифестира со појава на мултипни полипи, кои покасно малигнизираат. Се развиваат стотина полипи во слузницата на дебелото црево, кои ако не се лекуваат, најверојатно ќе предизвикаат појава на рак на дебелото црево.

Појавата на карцином на дебелото црево е поверојатна кај лица чии блиски роднини (родители, браќа, сестри, деца) имале или имат карцином на дебелото црево, посебно ако го имале во младоста.

Ризикот е поголем доколку повеќе членови од семејството имаат карцином на дебелото црево.

Претходно постоење на малигно заболување

Жените кои имале рак на јајникот, матката или на дојката, имаат големен ризик за настанување и на рак на дебелото црево.

Исто така, лица кои претходно веќе имале карцином на дебелото црево, имаат поголема веројатност да по втор пат заболат од оваа малигна болест.

Зрачење на карличната регија

Зрачењето на карличната регија претставува, исто така, фактор на ризик.

Во една студија на пациентки кои биле зрачени поради гинеколошки тумори, пресметан е фактор на ризик за појава на карцином на дебелото црево кој изнесува 2.0-3.6 во однос на другата популација.

Карциномот на дебелото црево се смета дека е причинет од претходно спроведената зрачна терапија ако се исполнети некои услови, а тоа се:

  • помеѓу завршеното зрачење и појавата на малигном да е изминат период од најмалку десет години,
  • при зрачењето да е остварена висока доза, при што била причинета и реакција на околните здрави структури.