• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Дијагноза кај карцином на дебелото црево Печати
Индекс на артикл
Дијагноза кај карцином на дебелото црево
Ендоскопски испитувања
Дополнителни испитувања
Сите страници

Дијагнозата се поставува со внимателно земена анамнеза, физикален преглед по системи, лабораториски испитувања, рендгенографски испитувања, инвазивни дијагностички процедури (за цитолошка и хистолошка дијагноза), радиоизотопски и ехотомографски испитувања.

Постојат првични и дополнителни дијагностички процедури.

Првични дијагностички процедури

Анамнеза и физикален преглед

При анамнезата, особено се обрнува внимание на присутните симптоми и знаци на болеста. Карциномот на дебелото црево се манифестира со два главни симптома: појава на измени во „навиките“ на празнењето на цревото и со крварење (крв во столицата). Според тоа, анамнестичкиот податок за постоење на овие симптоми, треба да го наведе лекарот да помисли на можен карцином на дебелото црево. Исто така, податокот за нагло губење на телесната тежина, за слабокрвност, општа слабост и малаксаност, се сомнителни за постоење на карцином на дебелото црево. Анамнестички податоци за претходно постоење на некои предиспонирачки состојби на дебелото црево, бараат подетално испитување на причините за постоечките симптоми и знаци. Постоењето и на други фактори на ризик за настанување на карциномот на дебелото црево, кај одделни пациенти, исто така бара нивно детално иследување.

По земањето на детална анамнеза, искусниот лекар може да се посомнева за постоење на карцином и да назначи и други, дополнителни испитувања, со цел да се постави точна и рана дијагноза.

По анамнезата следи внимателен физикален преглед по системи.

Лабораториски испитувања

Во рутински испитувања спаѓаат: крвна слика и седиментација. Покрај рутинските испитувања, потребно е да се испитаат и хепаталните ензими, алкалната и киселата фосфатаза, уреата, креатиннот и електролитите.

Радиографски испитувања

Иригографија (рендгенолошко испитување на дебелото црево со двоен контраст)

Најчесто применувана иницијална метода е рендгенолошкото иследување со двоен контраст т.н иригографија. Методата е сензитивна, но можно е 5 до 10 % од промените да не бидат уочени и дијагностицирани. Типичен изглед на карциномот на дебелото црево, при примена на двоен контраст е сликата на „изгризено јаболко“, која е формирана од концентрична лезија, додека пак егзофитичните, карфиолести промени се прикажуват како дефекти во полнењето. Доколку постојат фистули кон соседните органи, вагината или мочниот меур, тие може да се видат на рендгенграфијата со контраст.

Сепак иригографијата не е толку детална како колоноскопија и секако со тој метод не можат да се отстрануваат полипи и земаат биопсии. Самата иригографија е поприфатлива за пациентите.