• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Третмански опции - Лист 2 Печати
Индекс на артикл
Третмански опции
Радиотерапија
Хемотерапија
Сите страници

Радиотерапија кај карцином на желудникот

Радиотерапијата се применува како адјувантна, пред или постоперативна постапка, или како палијативна радиотерапија.

Палијативната радиотерапија нема за цел излекување на пациентот, туку пред се, ублажување на симптомите и знаците на болеста, како и отстранување на некои компликации, кои се јавуваат како резултат на локалното, локорегионалното ширење на туморот, или како последица од постоечките оддалечени метастази.

Улогата на радиотерапијата е, пред сé, функционална.

Аденокарциномот на желудникот се смета за радиосензитивен тумор, така што со зрачната терапија, со примена на средно високи дози, може да се постигне намалување на симптомите, причинети од малигната опструкција. Но, истовремено е познато дека карциномите на желудникот се релативно радиорезистентни тумори, односно, аплицирањето на дози кои би овозможиле подолготрајна контрола на растот на туморот, е ограничено од радиосензитивноста на околните ткива и органи. Вака високи дози (куративни) не би можеле да се применат, без висок ризик од сериозни оштетувања на здравите околни структури и органи.

Зрачната терапија се спроведува како надворешна радиотерапија, која е најчесто користен тип на зрачна терапија. Тоа е локална терапија, која ги уништува карциномските клетки само во регијата која се озрачува. Се спроведува со специјални машини (линеарни акцелератори), кои произведуваат рендгенски зраци со висока енергија (15 МeV). Зраците минуваат низ телото на пациентот од надвор и затоа се нарекува надворешна радиотерапија.

Во текот на изминатите неколку декади, со воведувањето на сè пософистицирани и попрецизни техники на зрачење, постигнат е огромен напредок во радиотерапијата. Со овие модерни техники на зрачење се постигнува прецизно доставување на повисока доза во пределот на туморот, а минимално озрачување на околните ткива. Исто така, се постигнува и подобра локална контрола, како и помалку акутни и доцни несакани ефекти.

Тродимензионалната конформална радиотерапија (3Д КРТ) користи компјутерски софтвер за интегрирање на КТ снимките од внатрешните ткива и органи на пациентот. Тоа овозможува попрецизно формирање на високата волуменска радијациона доза соодветно на обликот на туморот. 3Д КРТ на тој начин ги намалила како акутните, така и доцните несакани токсични ефекти врз нормалните ткива и околни органи кај пациентите со карцином на желудникот, а од друга страна се постигнала повисока кумулативна доза во самиот тумор. Овие техники на зрачење покажале дека оваа дозна ескалација е поврзана со повисок процент на долготрајна локална контрола на болеста. Колку дозата во туморот е поголема, толку и резултатите од радиотерапијата се подобри.

Постоперативна (адјувантна) радиотерапија

Примената на постоперативната радиотерапија кај карциномот на желудникот има за цел да ја зголеми локалната контрола на болеста, односно, да ја намали можноста за локален рецидив. Локорегионалниот релапс, кој се јавува по хируршкиот третман, се јавува во висок процент кај оперираните пациенти. Тој претставува проблем во понатамошното лекување.

Постоперативната радиотерапија се спроведува со надворешно зрачење, со линеарен акцелератор со користење на високоенергетски фотони. При тоа, во зрачното поле е вклучено лежиштето на туморот како и регионалниот лимфен базен.

Досегашните спроведени клинички студии, кои ја испитувале ефикасноста на постоперативната (адјувантна) радиотерапија, не се доволни да ја поддржат рутинската примена на постоперативната радиотерапија надвор од рамките на контролираните клинички иследувања и студии.

Предоперативна радиотерапија

Предоперативната радиотерапија се спроведува со цел да се намали примарниот масивен тумор, кој иницијално не е операбилен. Оваа зрачна терапија се спороведува кај внимателно селектирани пациенти. Целта е да првично неоперабилниот тумор, стане операбилен. Сепак, овој вид на радиотерапија поретко се користи. Почесто, за намалување на локално напреднатиот тумор, се применува предоперативна хемотерапија.

Палијативна радиотерапија

При палијативната радиотерапија, во зрачното поле е вклучен примарниот тумор и регионалниот лимфен базен.

Доколку се работи за лезија на проксималниот дел, во зрачното поле се вклучува и езофагогастричниот спој, односно дисталниот дел на хранопроводникот во должина од 3-9cm.

Наједноставна постапка е да радиотерапијата се спроведува преку две спротивни паралелни зрачни полиња (предно и задно), но сепак, за да се постигне подобра заштита на околните здрави структури и органи, како и за да се добие подобар дозен распоред, најчесто се применува зрачна техника со користење на повеќе влезни зрачни полиња. Во зрачниот волумен неминовно се вкучени бубрезите, дел од срцето и црниот дроб. Со цел да се максимално заштитат здравите ткива и органи, при планирањето и спроведувањето на зрачната терапија, се користат соодветни заштити за овие органи.

Зрачната терапија се остварува во дневни фракции од по 180-200 cGy до постигнување на тотална туморска доза од 45-52 Gy. По остварување на доза од 45 Gy, зрачните полиња се намалуваат. Соодветното прецизно планирање овозможува примена на повисоки дози кои се движат од 55 до 60 Gy.