• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Третмански опции Печати
Индекс на артикл
Третмански опции
Радиотерапија
Хемотерапија
Сите страници

За одредување на најадекватна тераписка опција за одреден пациент, се разгледуваат многу фактори, како на пример: стадиумот на болеста, градусот на туморот, возраста на пациентот, неговата општа состојба и други фактори. Секој пациент треба да се разгледува одделно и да се избере најдобрата тераписка опција за него.

Расположиви тераписки опции за карциномот на желудникот се:

  • хируршки третман,
  • радиотерапија,
  • хемотерапија.

Кој од овие тераписки опции, или нивна коминација, ќе се примени, зависи од сите претходно наведени фактори.

Хируршки третман

Хируршкиот тртман е единствена куративна тераписка опција во лекувањето на карциномот на желудникот. Хемотерапијата и радиотерапијата се применуваат како адјувантни на хирургијата или како палијативни методи.

Јапонските автори направиле поделба на оперативното лекување на четири групи:

  • апсолутно куративна оперативна постапка,
  • релативно куративна оперативна постапка,
  • релативно некуративна оперативна постапка,
  • некуративна оперативна постапка.

Апсолутно куративно лекување е можно само при отсуство на перитонеални и далечни метастази. При тоа, ресекционата линија е на 5 cm во здравото ткиво, а се спроведува и комплетна хируршка ексцизија и на следниот низ на лимфни јазли, кои се наоѓа над зафатениот (метастатски) лимфен низ.

Релативно куративната операција се спроведува во случаите кога постои зафатеност од малигниот процес и на серозата на желудникот, а е направена хируршка есцизија само на ланецот на метастатски зафатените лимфни јазли. Прогнозата на оваа група е полоша, а петгодишното преживување изнесува под 10%.

Суптоталната гастректомија и радикалната тотална гастректомија се двете главни оперативни процедури кои се користат. Која од нив ќе се примени, зависи од големината, локализацијата, хистологијата, проширеноста на туморот, и секако, од изборот на хирургот.

При спроведување на суптотална гастректомија се врши отстранување на долниот (дистален) дел на желудникот (една половина или две третини од желудникот), вклучувајќи 5 до 6 cm од нормалното, здраво ткиво околу лезијата, дел од оментумот и дел од дванаестопалачното црево. Освен во случај на сарком на желудникот, кој ретко метастазира во лимфните јазли, во сите други случаи се прави и оперативно отстранување на регионалните лимфни јазли (лимфни јазли во порта хепатис и целијачни лимфни јазли). Обично слезенката не се отстранува, освен кога постои очигледна инфилтрација или проширеност на примарната лезија и во проксималниот (горниот) дел на желудникот.

Радикалната гастректомија е оперативен зафат при кој се отстранува целиот желудник, долниот дел од хранопроводникот или горниот дел од дванаестопалачното црево (зависно од локализацијата на примарниот тумор), оментумот, а често се отстранува и слезенката. Истовремено, оперативно се отстрануваат и регионалните лимфни јазли. Радикалната гастректомија се применува доколку примарната лезија е локализирана во проксималниот дел и/или зафаќа поголем дел од телото на желудникот. Реконструкцијата на гстроинтестиналниот континуитет се спроведува со неколку постапки, а која од нив ќе се примени, ќе зависи од оперативниот наод и видот на спроведената операција.