• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Ширење на ракот PDF Печати

Патологија на карциномот на желудникот

Во последниве децени забележена е измена во однос на локализацијата на примарниот карцином на желудникот. Имено, зголемена е инциденцата на лезии локализирани во горниот (проксимален) дел на желудникот, а намален е бројот на лезии во долниот (дистален) и антралниот дел.

Примарниот карцином на желудникот, локализиран во проксималниот дел на желудникот, има полоша прогноза, поради повисокиот морбидитет, кој се должи на торакалниот оперативен пристап, како и на подоцнежното манифестирање на симптомите и знаците, што доведува и до задоцнето откривање на болеста.

Најчест хистопатолошки тип е аденокарциномот, кој се јавува дури во 95-97% од сите случаи на гастричен тумор. Значително поретки се лимфомите и саркомите.

Според изгледот на лезијата, карциномите најчесто се улцеративни (75%), поретко егзофитични, полипоидни (10%), дифузни, скирусни (10%), или суперфициелни (површински).

Степенот на диференцираноста на туморот (градус) може да биде различен, од добро диференциран, па до анапластичен.

Степенот на диференцираноста на туморот е важен прогностички фактор.

Лошо диференцираните тумори се поагресивни и имаат брз локален раст и висок потенцијал за метастазирање во оддалечените ткива и органи во телото.

Според тоа, градусот на туморот игра важна улога во планирањето на терапијата на карциномот на желудникот, кај секој пациент одделно.

Директно ширење на туморот

Карциномот на желудникот започнува со абнормален, неконтролиран раст и делење на жлездените клетки на слузницата на желудникот. Со тек на време, карциномот полека продира во внатрашноста на sидот на желудникот. Пробивајќи го sидот на желудникот, карциномот директно ги зафаќа и инфилтрира околните ткива и органи.

Во најголем број на случаи, веќе во тек на поставувањето на дијагнозата, постои проширеност на туморот надвор од sидот на желудникот.

По директен пат, карциномот може да се прошири на панкреасот, дебелото црево, слезенката и другите околни структури.

Лимфогено ширење на туморот

Карциномот на желудникот брзо метастазира по лимфен пат. Лимфогеното метастазирање е често, и присутно е кај 50-60% од пациентите при поставувањето на дијагнозата.

Лимфните јазли, кои можат да бидат зафатени, се поделени во две групи:

  • регионални лимфни јазли, во кои спаѓаат: гастричните, гастродуоденалните, хепаталните и целијачните.
  • далечни лимфни јазли, кои можат да бидат зафатени со туморот, се: супраклавикуларните (над клучната коска, Virchov или Troisier), аксиларните (во пазувите) и периумбиликалните (околу папокот).

Внатре во перитонеалната празнина, можна е директна (физичка) имплантација на малигните клетки на структурите оддалечени од примарниот тумор.

На ваков начин може да биде зафтена површината на перитонеумот (абдоминалната обвивка), што доведува до појава на асцит (течност во абдоминалната празнина).

На овој начин може да дојде и до имплантација на малигните клетки на јајниците (Krukenberg-ов тумор).

Ширење на туморот по крвен пат

Хематогената дисеминација е преку порталниот крвоток и се јавува кај една третина од болните, за време на поставувањето на дијагнозата.

По крвен пат, карциномот на желудникот може да се прошири во било кое оддалечено ткиво или орган во телото.

Сепак, најчесто, со метастази е зафатен црниот дроб, поретко белите дробови, надбубрежните жлезди и панкреасот.

Карциноматозниот менингитис (метастази во мозочните обвивки) е чест облик на хематогено метастазирање.