• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Канцерска болка - категоризација Печати

Постојат 5 типа на пациенти со канцерска болка, категоризирани врз база на тоа дали болката е акутна или хронична, дали резултира од присуството на самиот тумор или е последица на применетата терапија, дали пациентот имал претходно историја на хронична болка или зависност од дрога.

Дали болката е соматска, висцерална или невропатска не е фактор во класификациониот процес.

Класифицирањето на болката помага во евалуирањето како да се ублажи болката, особено земајќи ја во предвид важноста на добрата психолошка и емоционална состојба на пациентот, која игра важна улога.

Важно е да се истакне дека болката е многу индивидулано доживување и тешко е да се измери или категоризира. За секоја дадена категорија, не постои „правилен“ третман, туку се говори за адекватен третман и пациентот може и да не се вклопи во ниту една од овие наведени категории.

Група I Акутна болка поврзана со карциномот или предизвикана од дијагностичките процедури и терапијата

Група I А Болка предизвикана од туморот

Болката предизвикана од туморот е најчеста причината поради која пациентите веднаш се јавуваат на лекар, дури и пред да знаат дека боледуваат од малигна болест. Доколку пациентите биле претходно лекувани од карцином, болката може да се јави како последица на прогресија на болеста.

Овој вид на болка најдобро се лекува со отстранување на целиот или дел од туморот, доколку е тоа можно, било со хируршки зафат или со примена на радиотерапија, хемотерапија, хормонотерапија или со примена на другите расположиви тераписки опции.

Група I Б Болка предизвикана од применетата терапијата за карциномот

Оваа болка се јавува како последица на применетата терапија за карциномот. Може да биде предизвикана од хируршкиот третман, од радиотерапијата, хемотерапијата и другите видови на терапија кои се користат во лекувањето на карциномот. Докторот може да ја контролира оваа болка на повеќе различни начини, иако, за жал, тоа е нешто што повеќето пациенти мора да го издржат до одредена мерка додека нивниот третман не заврши.

Група II Хронична болка поврзана со карциномот

Пациентите од оваа група имаат одредена болка која трае повеќе од три месеци.

Група II А Хронична болка поради растење на туморот

Како што болеста напредува, болките сè повеќе се зголемуваат.

Начините за да се намали болката вклучуваат: хируршко отстранување на целиот тумор или дел од туморот кој врши притисок на нервите или на други делови на телото, примена на аналгетска медикаментозна терапија, примена на палијативна аналгетска радиотерапија, блокада на нервите (неурохируршко прекинување на нервите за болка) како и лекување на психолошките и емоционални проблеми.

Овие пациенти имаат реална физичка болка, но и психолошки и емоционален стрес, кој се јавува кога пациентот чувствува болка која со себе носи и страв од болестта и смртта.

Група II Б Хронична болка предизвикана од канцерската терапија

Ова се пациенти кои имаат болка за време на одредени тераписки процедури, како што се на пример: мастектомијата (хируршко отстранување на дојката поради рак на дојка) или ампутација на дел од екстремитетот.

Психолошките фактори кај овие пациенти се слични со оние што ги имаат пациентите од групата 2А. Се поголем број на заболени од рак се смета дека припаѓаат на IIB групата пациенти. Се предвидува дека една четвртина од сите пациенти кои се јавиле на клиниките за третман на болка припаѓаат на оваа категорија.

Група III Пациенти со претходно постоечка хронична болка

Во оваа група се пациенти кои претходно имале историја за хронична, некарциномска болка, кои подоцна заболеле од карцином. Фактот дека кај нив постои историја на поплаки за болка, во никој случај не треба да биде употребено како аргумент да не им се даде адекватен третман. Нивните симптоми обично се интензивираат кога ќе се постави дијагнозата на рак и психолошкото советување кај овие пациенти игра важна улога во третманот на болката.

Група IV Пациенти со историја на зависност од наркотици

Ова се пациенти кај кои недоволниот третман против болка се одразува најлошо. Премногу често симптомите на болка се мешаат со однесувањето на зависникот. Затоа во овие случаеви императив е да се евалуираат нивните медицински наспроти психолошки потреби најдобро што е можно.

Група V Пациенти на умирање со присутна болка

Примарната цел на третманот на оваа група пациенти е да им се овозможи комфор. За овие пациенти, ослободувањето од страдањето и болката е примарна цел и е многу поважно отколку било кој ризик, вклучувајќи ја тука и појавата на зависност од опоидните лекови.