• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Превенција и скрининг кај карциномот на желудникот Печати

Бидејки не е позната причината за настанувањето на кациномот на желудникот, не е можно да се спроведе адекватно спречување на болеста.

Сепак, некои лица имаат одредени фактори на ризик, кои ја зголемуваат можноста за појава на ова малигно заболување. На некои фактори на ризик не можеме да влијаеме, како што се: возраста, полот, генетската предиспозиција. Но, на одредени ризик фактори можеме да влијаеме и да ги избегнеме. Затоа превенцијата за карциномот на желудникот подразбира избегнување на тие фактори на ризик.

Исхрана

Деталните проучувања на исхраната утврдиле неколку фактори кои се поврзани со зголемен ризик. Имено, лица кои со исхраната внесуваат мали количини на свежо овошје и зеленчук, мали количини на масти и белковини, а поголем внес на сол, на сложени јаглени хидрати и на нитрити, имаат поголем ризик за развој на карцином на желудникот.

Најчесто, чадена и многу солена храна (месо и риба), вода во која има доста нитрати, како и оставање на приготвената храна на собна температура се спомнуваат како фактори на ризик за настануавње на карциномот на желудникот. Употребата на фрижидери и современите методи на конзервирање на храната ја намалуваат честотата на ова малигно заболување.

Многу студии покажале дека консумирањето на храна богата со витамин Ц и бета каротин, како што се овошјето и зеленчукот, го намалуваат ризикот за рак на желудникот. Исто така, храна богата со антиоксиданси (селен и други) го намалува ризикот.

Некои студии укажуваат на превентивното дејство на зелениот чај во настанување на повеќе видови на карциноми, па и на карциномот на желудникот. Откриено е дека народите кои пијат многу зелен чај имаат помала стапка на смртност од некои врсти на рак и како и од други заболувања. Неодамна е откриено дека полифенолите од некои растенија се јаки антиоксиданси. Утврдено е дека зелениот чај како напиток има најголема количина на полифенол.

Според тоа, како превенција за настанување на карциномот на желудникот се препорачува правилна и здрава исхрана, со внесуавње на поголеми количини на свежо овошје и зеленчук, а помалку месо, конзервирани производи, солена храна.

Бројни студии покажале дека со внесување во исхраната на зелка, брокула, карфиол, како и друг зелен и жолт зеленчук и овошје, се намалува ризикот од појава на карциномот на желудникот.

Заштитното дејство на овошјето и зелудникот се должи на дејството на аскорбинската киселина (витамин Ц) која тие ја содржат. Присуството на аскорбинската киселина ја намалува киселоста на желудочната средина и со тоа го оневозможува претварањето на нитратите во нитрити. На тој начин, се намалува и концентрацијата на нитрозамините во организмот, за кои се смета дека се канцерогени. Кога pH-вредноста на стомачниот сок е повисока од вообичаената, бактериите преживуваат и нивната активност доведува до редукција на нитратите од храната во нитрити и до формирање на N-нитрозо соединенија. Канцерогениот ефект на N-нитрозните соединенија е експериментално докажан.

Пушење и консумирање на алкохол

Пушењето и екцесивното консумирање на алкохол се докажани ризик фактори за многу малигни заболувања.

Клиничките студии покажале дека лицата кои пушат и консумираат поголеми количини на алкохол, се со поголем ризик за настанување на карцином на желудникот.

Затоа како превенција се препорачува престанок на пушењето и консумирање на алкохол.

Инфекција со Helicobacter Pylori

Helicobacter pylori е грам негативна спирална бактерија која е асоцирана со хроничниот гастрит, а е и докажан прекусор (претходник) за развој на гастричниот карцином. Лицата со висок ризик за карцином на желудникот покажале и висока честота на инфекција со оваа бактерија.

94% од мажите со карцином на желудник имале позитивен тест за H.pylori антитела. Како што нивото на антитела за оваа бактерија се зголемува, така се зголемува и ризикот за развој на гастричен карцином. Според тоа, бактериската инфекција со H. pylori е силно поврзана со зголемениот ризик за карцином на желудникот.

Сепак, не постои сигурен доказ дека терапијата со антибиотици, поради присуството на инфексција со H. pylori, го намалува и ризикот од развој на гастричниот карцином.

Одредени состојби на желудникот

Повеќе состојби при коишто постојат нарушувања на желудниковата слузница, се поврзани со зголемен ризик. Тоа се: хроничен атрофичен гастрит, гастрична дисплазија, гастрична полипоза, метаплазија на цревата.

Некои лекари препорачуваат оперативно отстранување на гастричните полипи, како и оперативен третман при другите предиспонирачки состојби на желудникот, со цел да се превенира настанувањето на карциномот на желудникот.

Сепак, сеуште со сигурност не се знае дали со тоа и ќе се намали ризикот од развој на карциномот на желудникот.

Скрининг кај карцином на хранопроводникот

Скрининг тестовите се прават со цел да се открие малигната болест во нејзината рана фаза, додека е сеуште асимптоматска. Сепак, не е докажано во клиничките студии, дека примената на овие тестови ќе го намали и ризикот од смрт од карциномот на желудникот

Научниците ги испитуваат скрининг тестовите за да ги откријат оние кои се со најмали ризици за пациентот, а со најголем бенефит.

Не постои стандарден или рутински скрининг тест за карциномот на желудникот.

Едноскопскиот скрининг може да резултира со низа сериозни несакани ефекти, како што се перфорација, аспирациона пнеумонија, крварење и др. Затоа, многу лекари не ја препорачуваат како скрининг метода.

Таа може да се спроведува само кај пациенти, кои веќе имаат постоечки предиспонирачки заболувања на желудникот, и кои се со висок ризик за развој на карцином на желудникот. Според тоа, скрининг гастроскопијата може да се спроведува само кај внимателно селектирани пациенти, со цел да се рано открие ракот на желудникот, но не се препорачува како стандардна скрининг процедура за останатата популација.