• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Причини и ризик фактори PDF Печати

Причини и фактори на ризик за карциномот на желудникот

Како и за другите карциноми, така и за карциномот на желудникот, причините за неговото јавување не се познати. Но, постојат одредени фактори на ризик, кои ја зголемуваат можноста за појава на ова малигно заболување кај одредени лица.

Сепак, присуството на еден или повеќе фактори на ризик, не значи и сигурно заболување од овој малигном.

Исто така, заболуваат и лица, кои немаат ниту еден фактор на ризик.

Како докажани фактори на ризик за карциномот на желудникот се:

Возраст

Староста е еден од главните фактори на ризик за карциномот на желудникот. Колку што е лицето во понапредната возраст, толку е поголем и ризикот за настанување на карцином на желудникот. Така, статистиката покажува дека во групата до 35 години, инциденцата изнесува помалку од 1 на 100 000, за да достигне 96.1 на 100 000, кај популацијата со старост над 85 години. 90% од сите карциноми на желудникот, се јавуваат кај лица над 55 годишна возраст.

Пол

Карциномот на желудникот почесто се јавува кај машката, отколку кај женската популација. Според тоа, и машкиот пол е фактор на ризик за карциномот на желудникот.

Генетска предиспозиција

Бројни клинички студии укажуваат на зголемен ризик кај лица со крвна група А. Исто така, ризикот е поголем кај оние лица кои имаат член од своето блиско семејство болен од карцином на желудник Постои 2 до 3 пати поголем ризик за настанување на ова малигно заболување кај лица кои имаат роднини од прво колено со карцином на желудник.

Според тоа, позитивната фамилијарна анамнеза, е фактор на ризик за ова малигно заболување.

Исхрана

Теоријата за генетската предиспозиција не ја објаснува високата инциденца кај Јапонците. Имено, епидемиолошката студија, која ја следела инциденцата на гастричниот карцином во популацијата на јапонксите емигранти, покажала дека нема опаѓање на инциденцата во првата генерација, но веќе во следната генерација, ризикот бил намален и се изедначил со оној на локалното население. Ова укажува дека, за настанувањето на карциномот на желудникот има улога и начинот на живот и исхрана.

Деталните проучувања на исхраната утврдиле неколку фактори кои се поврзани со зголемен ризик. Имено, лица кои со исхраната внесуваат мали количини на свежо овошје и зеленчук, мали количини на масти и белковини, а поголем внес на сол, на сложени јаглени хидрати и на нитрити, имаат поголем ризик за развој на карцином на желудникот. Заштитното дејство на овошјето и зелудникот се должи на дејството на аскорбинската киселина (витамин Ц) која тие ја содржат. Присуството на аскорбинската киселина ја намалува киселоста на желудочната средина и со тоа го оневозможува претварањето на нитратите во нитрити. На тој начин, се намалува и концентрацијата на нитрозамините во организмот, за кои се смета дека се канцерогени. Кога pH-вредноста на стомачниот сок е повисока од вообичаената, бактериите преживуваат и нивната активност доведува до редукција на нитратите од храната во нитрити и до формирање на N- нитрозо соединенија. Канцерогениот ефект на N- нитрозните соединенија е експериментално докажан.

Одредени состојби на желудникот

Повеќе состојби при коишто постојат нарушувања на желудниковата слузница, се поврзани со зголемен ризик.

Во оваа група се вбројуваат:

  • хроничен атрофичен гастрит,
  • гастрична дисплазија,
  • гастрична полипоза,
  • метаплазија на цревата.

Атофичен гастрит

Атрофичниот гастрит е поделен во две групи: автоимун тип А, кој е поврзан со пернициозна анемија, и тип Б, кој се среќава во регионите со највисока инциденца на карцином на желудникот.

И во двата типа на атрофичен гастрит, присутна е прогресивна атрофија на желудниковата слузница, при што, таа може да биде заменета со цревен тип на слузница, која потоа, со тек на време може да премине во карцином (да малигнизира).

Оперативно отстранување на дел од желудникот (парцијална гастректомија)

Парцијалната гастректомија, направена поради бенигно или малигно заболување на желудникот, е, исто така, поврзана со зголемен ризик за развој на карцином на остатокот од желудникот.

Една студија ги следела пациетите оперирани поради бенигни улкус (чир) на желудникот, во период од 20 години. Студијата покажала дека ризикот е 3.7 пати поголем во случаите каде била напрвена гастрична ресекција, а 7.9 пати повисок кај пациентите кај кои била направена ваготомија поради улкус на дванаестопалачното црево. Се смета дека зголемениот ризик е последица на брзото проширување на цревната метаплазија од подрачјето на гастроинтестиналната анастомоза (местото на спојот на желудникот со тенкото црево) кон желудочниот остаток.

Инфекција на желудникот со бактеријата Helicobacter pylori

Helicobacter pylori е грам негативна спирална бактерија која е асоцирана со хроничниот гастрит, а е и докажан прекусор (претходник) за развој на гастричниот карцином. Лицата со висок ризик за карцином на желудникот покажале и висока честота на инфекција со оваа бактерија.

94% од мажите со карцином на желудник имале позитивен тест за H.pylori антитела. Како што нивото на антитела за оваа бактерија се зголемува, така се зголемува и ризикот за развој на гастричен карцином. Според тоа, бактериската инфекција со H. pylori е силно поврзана со зголемениот ризик за карцином на желудникот. Сепак, многу лица со присутна инфекција со H. Pylori бактеријата, нема нокогаш да развијат карцином на желудникот. Затоа, други фактори кој го зголемуваат ризикот за карцином на желудникот, меѓу лицата инфицирани со оваа бактерија, треба да бидат идентификувани.

На кој начин H. pylori делува да желудниковите епителни клетки станат канцерски, не е сосема јасно. Се смета дека H. pylori го оштетува заштитниот мукус кој го обложува желудникот и дванаестопалачното црево, што и овозможува на желудечната киселина да продре низ овој заштитен слој и да дојде од осетливиот слој на желудниковиот sид. Желудечната киселина и бактериите со своето делување доведуваат до настанување на улцерации (ранички, чиреви). H. pylori прежувуваат во киселата желудечна средина, благодарение на секрецијата на ензими, кои ја неутрализираат киселината. Овој механизам му овозможува на H. pylori да продре во „сигурната“ зона т.е во заштитната мукозна обвивка. Кога ќе се најде во оваа заштитна мукозна обвивка, благодарение на својата спирална обвивка, тој буши како сврдел низ неа. H. pylori е способна да се насели во желудникот (уреазата, и овозможува на бактеријата да опстане во киселата средина, но под нејзино делување настанува и NH3, кој ги оштетува епителните клетки на желудникот), доведува до оштетување на мукозата и ја намалува одбраната на домаќинот односно на желудникот на пациентот.

Според тоа, Helicobacter pylori е важен фактор на ризик за настанување на чир во желудникот, за чир на дванаестопалачното црево и за карцином на желудникот.

Инфекција на желудникот со Epstein Barr-вирусот

Научниците од Торонто покажале дека Epstein-Barr вирусот ги прави клетките бессмртни и на тој начин предиспонира развој на карцином. Сите клетки содржат две белковини: p53 и USP7. Овие белковини заедно го регулираат клеточниот раст.

Протеинот p53 одредува дали ќе се клетката и понатаму дели или ќе престане нејзината делба и ќе настапи нејзина смрт. USP7 се врзува за p53 така го прави постабилен.

Epstein-Barr вирусот содржи протеин EBNA1, кој се врзува за USP7. Вака инфицираните клетки продолжуваат да се делат, што може да резултира со стварање на канцерски клетки.

Epstein-Barr вирусот е најчест хуман вирус и многу тесно е повран со Bukitt- овиот лимфом, со назофарингеалниот карцином, со карциномот на желудникот и со други видови на карцином. Оваа студија покажала дека EBNA1 учествува во процесот на клеточниот раст врзувајќи се за протеинот во клетката, овозмужувајќи им да клетките и понатаму да се делат, со што го зголемуваат ризикот за нивна малигна трансформација.