• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Третмански опции PDF Печати
Среда, 09 Јули 2008 11:41
Индекс на артикл
Третмански опции
Радиотерапија
Планирање на 3Д
Третман на линеарен акцелератор
Постоперативна (адјувантна) радиотерапија
Предоперативна хеморадиотерапија
Палијативна радиотерапија
Хемотерапија кај карциномот на хранопроводникот
Сите страници

За одредување на најадекватна тераписка опција за одреден пациент, се разгледуваат многу фактори, како на пример: стадиумот на болеста, градусот на туморот, возраста на пациентот, неговата општа состојба и други фактори. Секој пациент треба да се разгледува одделно и да се избере најдобрата тераписка опција за него.

Расположиви тераписки опции за карциномот на хранопроводникот се:

  • хируршки третман,
  • радиотерапија,
  • хемотерапија.

Кој од овие тераписки опции, или нивна коминација, ќе се примени, зависи од сите претходно наведени фактори.

Хируршки третман

Хируршкиот третман кај карциномот на хранопроводникот може да биде:

  • куративен (цел е излекување) или
  • палијативен (нема цел излекуавње на пациентот само ублажување на постоечките симптоми и компликации од болеста).

Куративна хирургија

Хируршкиот третман е терапија на избор кај операбилните карциноми на хранопроводникот.

Куративната хирургија се изведува кај пациенти со I и II стадиум на болеста.

Карциномите на вратниот хранопроводник се третираат со отстранување на дел од ждрелото (фаринкс), целиот грклан (ларинкс), штитната жлезда и горниот дел на хранопроводникот, со истовремено спроведување на радикална дисекција (оперативно отстранување) на лимфните јазли на вратот.

Куративната хирургија за карциномот на градниот езофагус се изведува со суптотална (делумна) и тотална (целосна) езофагектомија со езофагогастростомија како реконстуктивна опција.

Ова е комплицирана, многу опсежна, мутилантна хируршка интервенција, која може да се изведе само во раните стадиуми на болеста (стадиум I и II) и само кај пациенти во добра општа состојба, кои може да ја издржат операцијата.

Овој хируршки третман бара голема стручност и треба да го изведува искусен хирург, кој има претходно направено повеќе вакви операции и кој ќе може и правилно да оцени дали пациентот може да го издржи оперативниот третман. Искуството на хирургот се состои и во тоа да може правилно да оцени дали е туморот операбилен или не.

Палијативна хирургија

Палијативната хирургија игра важна улога во третманското водење на локално напреднатиот и метастатски карцином на хранопроводникот. Таа нема за цел излекување, туку подобрување на квалитетот на животот на пациентот. Со неа се ублажуваат симптомите, како и се отстрануваат компликациите од локалното и регионалното ширење на туморот.

Ресекцијата и реконструкцијата на хранопроводникот, со кои се отстранува масивниот тумор и се спречува формирање на апсцес или фистула, како и појава на крварење, претставуваат најдобра хируршка палијација на езофагеалниот карцином.

Останатите палијативни хируршки процедури, со кои се постигнува намалување на дисфагијата (отежнато голтање), ги опфаќаат:

  • интралуминална интубација, која главно се изведува кај болни со трахеоезофагеална фистула (фистула која комуницира меѓу душникот и хранопроводникот) или при инвазија на виталните структури,
  • езофагеална дилатација (проширување) со поставување на езофагеален конвенционален пластичен или самоеспанзирачки метален стент, и
  • фотоирадијација со аргонски ласер.