• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Ширење на карциномот Печати

Карциномот на хранопроводникот се шири по три главни механизми:

Директно ширење

Бидејќи хранопроводникот нема серозна обвивка, туморот, со локалното растење, лесно може да даде рана инвазија во околните ткива и органи, како во медијастиналните структури, поради што, многу често, во време на поставувањето на дијагнозата, или во текот на хируршкиот зафат, може да се утврди зафатеност на душникот (трахеа), левиот главен бронх, каротидната артерија, аортата и нервот рекуренс.

Лимфогено ширење (метастазирање во регионалните лимфни јазли)

Езофагусот се карактеризира со богата и разгранета лимфно-садовна мрежа. Тој поседува екстензивна мрежа од лимфни садови претставена со двоен надолжен систем на меѓусебно поврзани лимфни садови. Поради тоа, целиот хранопроводник е со висок ризик од лимфогено метастазирање во вид на супмукозно ширење на болеста долж 4 до 8 cm периферно од границите на примарниот тумор (нагоре и надоле од примарниот тумор).

Лимфната дренажа за вратниот дел на хранопроводникот се остварува во југуларните (вратни) и супраклавикуларните (над клучната коска) лимфни јазли,

Лимфната дренажа за горната и средна третина на езофагусот се остварува во перитрахеалните (околу душникот), парезофагеалните (околу езофагусот) и паракардијалните (околу срцето) лимфни јазли и во лимфните јазли долж малата кривина на желудникот.

Лимфната дренажа за долната третина на хранопроводникот се остварува во желудечните и целијачните лимфни јазли.

Хематогено ширење на карциномот на хранопроводникот

Карциномот на хранопроводникот може, по крвен пат, да се расее во одалечените ткива и органи во телото. Може да биде зафатен било кој орган или ткиво.

Сепак, најчести метастази се во црниот дроб, белите дробови и коските.