• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Тераписки можности кај ракот на бубрегот Печати

Третмански опции за ракот на бубрегот се:

  • хируршки третман,
  • радиотерапија,
  • хемотерапија,
  • имунотерапија,
  • таргет (целна) терапија.

Хируршко лекување на ракот на бубрегот

Прв тераписки пристап кај ракот на бубрегот е радикалната нефректомија. Таа е стандардна терапија за неметастатскиот рак на бубег, но се изведува и кај метастатскиот рак на бубрег.

Со радикалната нефректомија се отстранува целиот зафатен бубрег, надбубрежната жлезда, масното ткиво околу бубрегот и регионалните лимфни јазли.

Што после операцијата?

Радикалната нефректомија е дефинитивен третман кај пациентите со неметастатски рак на бубрег, со оглед на тоа што нема докази за ефикасноста на постоперативната радиотерапија и хемотерапија. Радикалната нефректомија се смета за единствена излечива опција за пациентите со локализиран рак на бубег. По операцијата пациентите се оставаат на следење (follow up).

Кај пациентите со локално напреднат и метастатски рак на бубрег, по направената операција, се спроведува понатамошна терапија.

Секој тумор на бубрег треба да се оперира, без разлика на стадиумот и градусот!

Секој тумор на бубрег е технички операбилен!

Единствени контраиндикации за операција се: лоша општа состојба на болниот и постоење на придружни болести. Најчеста контраиндикација за операција е постоење на акутна срцева болест!

Тераписки опции за локално напреднат и метастатски рак на бубрег

Радиотерапија (зрачна терапија) во третман на рак на бубрег

Радиотерапијата може да се применува како: предоперативна, постоперативна и како радикална (дефинитивна).

Ракот на бубрегот е отпорен на зрачна терапија.

Многубројни рандомизирани студии, меѓу нив и студијата на Dr. Finney, не ја подржуваат радиотерапијата. Студиите покажале дека радиотерапијата има минимално влијание на петгодишното преживување. Затоа, денес радиотерапијата многу ретко се користи во третманот на напреднатиот и метастатски рак на бубрег.

Индикација за постоперативна зрачна терапија се смета продорот на туморот во околното масно ткиво на бубрегот и присуството на метастази во регионалните лимфни јазли.

Хемотерапија во третман на рак на бубрег

Поради слабиот успех на хемотерапијата во лекувањето на ракот на бубрегот, таа не се применува по спроведената операција кај неметастатскиот рак на бубрег.

Исто така, денес хемотерапијата многу ретко се користи и кај метастатскиот рак на бубрег. Тој е многу отпорен на досега расположивите хемотераписки лекови. Испитувани се многу цитостатици, но ниеден од нив не дал задоволителен тераписки одговор.

Со оглед на тоа што не постои ефикасна стандардна хемотерапија, оправдано е пациентите со метастатски рак на бубрег да се вклучат во клинички студии.

Имунотерапија (биолошка терапија) кај тумори на бубрег

Биолошката терапија (имунотерапија) го засилува природниот имунолошки систем кај човекот, со што помага во уништувањето на канцерските клетки. До неодамна имунотерапијата беше најчесто применуван првичен третман за напреднат и метастатски рак на бубрег.

Специфичната имунотерапијата кај напреднатиот и метастатски рак на бубрег се спроведува со примена на цитокини. Најчесто се користат: интерферон-алфа и интерлеукин2.

Целна (таргет) терапија – нова ера во третманот на напреднатиот и метастатски рак на бубрегот

Со вклучување на моноклоналните антитела во третманот на ракот на бубрегот, во последниве неколку години постигнат е значителен напредок во лекувањето на ова малигно заболување.

Моноклоналните антитела се „целни“ лекови кои ги препознаваат и ги напаѓаат малигните клетки, а при тоа здравите ткива остануваат неоштетени. Целната терапија се покажа како најефикасна и е терапија на избор за пациентите со напреднат и метастатски рак на бубрег. Со целната терапија започна новата ера во третманот на напреднатиот рак на бубрег.

Како делуваат целните лекови?

Целните лекови го спречуваат туморот да создава нови крвни садови. Овој процес на создавање на нови крвни садови се нарекува ангиогенеза. Со спречување на ангиогенезата, како и со уништување на веќе постоечките крвни садови на туморот, се намалува неговата снабденост со крв. Туморот нема „храна“, престанува да расте и полека почнува да се намалува.

Во изминативе неколку години беа одобрени неколку целни (таргет) лекови за лекување на напреднат и метастатски рак на бубрег од страна на FDA (Американска агенција за храна и лекови).

Клиничките студии покажаа дека целните лекови значително го продолжуваат преживувањето до прогресија на болеста, во споредба со она кое се постигнува само со примена имунотерапија (интерферон).

Но, сеуште не се знае дали било кој од овие лекови може да го излечи ракот на бубрегот.

Целната терапија е нов вид на терапија која дава најголема надеж во лекувањето на напреднатиот и метастатски рак на бубрегот.

Во тек се бројни клинички студии кои ја испитуваат ефикасноста на целната терапија не само кај ракот на бубрегот, туку и кај другите видови на малигни заболувања.

Терапија на коскени метастази

Коскените метастази кај ракот на бубрегот се лекуваат со новите лекови наречени бисфосфонати. Тоа е најнова форма на третман на коскените метастази и нивните компликации.

Бисфосфонатите ја намалуваат коскената рeсорпција предизвикана од метастазите, ја намалуваат коскената болка, го спречуваат создавањето на нови метастази во коските, го намалуваат ризикот за патолошки скршеници, го намалуваат нивото на калциумот во крвта при хиперкарциемијата (високо ниво на калциум).