• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Дијагностички постапки PDF Печати
Среда, 09 Јули 2008 11:34
Индекс на артикл
Дијагностички постапки
Инвазивни дијагностички процедури
Дополнителни испитувања
Сите страници

Дијагноза кај карцином на хранопроводникот

Дијагнозата се поставува со внимателно земена анамнеза, физикален преглед по системи, лабораториски испитувања, рендгенографски испитувања, инвазивни дијагностички процедури (за цитолошка и хистолошка дијагноза), радиоизотопски и ехотомографски испитувања.

Постојат првични и дополнителни дијагностички процедури.

Првични дијагностички процедури

Анамнеза и физикален преглед

При анамнезата, особено се обрнува внимание на присутните симптоми и знаци на болеста. Податокот за тешко и болно голтање, како и наглото губење на телесна тежина, треба да го наведе лекарот да се посомнева за присутен карцином во горните партии на системот за варење, односно во хранопроводникот. Исто така, анамнестичките податоци за пушење и ексцезивно консумирање на алкохол, неправилна исхрана, како и присуство на некои предиспонирачки состојби на хранопроводникот, може да го наведат лекарот да се посомнева за постоење на ова малигно заболување.

По земањето на детална анамнеза, искусниот лекар може да се посомнева за постоење на карцином и да назначи и други, дополнителни испитувања, со цел да се постави точна и рана дијагноза.

По анамнезата следи внимателен физикален преглед по системи.

Лабораториски испитувања

Во рутински испитувања спаѓаат: крвна слика и седиментација. Покрај рутинските испитувања, потребно е да се испитаат и хепаталните ензими, алкалната и киселата фосфатаза, уреата, креатиннот и електролитите.

Радиографски испитувања

Рендгенграфија на бели дробови

Нативната снимка на белите дробови е значајна и едноставна метода со која се одредува локализацијата и карактеристиките на туморската маса и евентуалната проширеност во регионалните лимфни јазли. Исто така, може да се приметат и други промени, како подигната дијафрагма при парализа на нервот френикус, деструкција на ребра или прешлени, воспалителни процеси и друго.

Рендгенграфијата на белите дробови е почетна и основна метода во дијагнозата на карциномот на хранопроводникот.
Езофагографија со бариумска каша

Алтернатива на езофагоскопијата е езофагографијата. Тоа е рендгенско снимање на хранопроводникот со користење на бариумска каша. Пациентот пие бариумска каша, а потоа се прави рендгенска снимка на градниот кош, при што се гледа хранопроводникот исполнет со контраст.

Контрастното рентген снимање со бариумова каша на хранопроводот дава слични податоци во однос на откривање на улкуси (чир), полипи, тумори и други абнормалности. Снимањето е безболно и не бара седација, но сепак езофагоскопијата дава многу подобар, подетален увид во реалната состојба, особено за болести кои се во рана фаза и кои можат да не се видат на езофагографијата со бариумова каша.

Компјутеризирана томографија на градниот кош

Компјутерската томографија (КТ) користи посебна опрема со рендген зраци за до¬бивање на слики од телото од различни агли. Податоците се анализираат и се обработуваат со помош на компјутер. Така се добиваат дигитални слики кои прикажуваат пресеци на телото низ органите и ткивата. На тој начин се овозможува тродимензионален детален приказ на надолжни и на напречни пресеци на сите ткива и органи. КТ е најпрецизна дијагностичка метода.

КТ дава морфолошки изглед на туморот, овозможува да се измери неговата големина, да се утврди прецизната локализација на туморот како и неговата проширеност во околните ткива и структури.

Оваа дијагностичка процедура е безболна и не дава несакани ефекти.

Таа е посупериорна метода во споредба со конвенционалните рендгенграфски испитувања, затоа што во повисок процент може да покаже проширеност или метастази во регионалните лимфни јазли.

Лимфните јазли до 1 cm се сметаат за негативни (без метастази).

Лимфните јазли со големина од 1 до 2 cm се сметаат за суспектни, а лимфните јазли поголеми од 2 cm се сметаат за метастатски.

Со преглед на горниот дел од абдоменот се евалуираат лимфните јазли во таа регија како и црниот дроб.

КТ се користи за прецизно водење на биопсијата и на другите минимално инвазивни процеду¬ри, како и за планирање на хируршкиот третман и за утврдување на опе¬рабилноста на туморот.

КТ се користи и за планирање и за соодветно администрирање на радиотерапијата со помош на КТ симулатор.


Инвазивни дијагностички процедури

Ендоскопија (езофагоскопија) со биопсија

Езофагоскопија е често изведувана процедура со која се овозможува директна визуелизација на внатрешноста на хранопроводникот (езофагус) со помош на ендоскоп, кој е флексибилен, совитлив инструмент.

Поновите езофагоскопи ги пренесуваат сликите електронски, додека постарите типови со помош на фибер-оптички систем.

ЕзофагоскопијаЕзофагоскопијата е иницијална процедура за потврдување на рефлуксен езофагит (рефлуксна болест), потврда на ерозии, диверикулуми (вреќести проширувања на sидот на хранопроводникот), но и за карцином на хранопроводникот. Езофагоскопијата се изведува со ендоскоп, кој има форма на цевка, долг е околу 100 см, со дијаметар од 9 мм. Во внатрешноста на ендоскопот се наоѓа оптичкиот системи и рaботен канал (преку кој по потреба се зема биопсија или се сопира крварење во хранопроводот или желудникот), на врвот се наоѓа камера и светло со што е овозможена директна визуализација.

Доколку лекарот при езофагоскопијата забележи некоја сомнителна промена на слузницата на хранопроводникот, тој со помош на едноскопот, кои има специјален дел за биопсија, зема дел од сомнителната промена. Материјалот земен со биопсија се праќа на хистопатолошко испитување кај лекар, специјалист-патолог. Патологот дава дефинитивна хистопатолошка дијагноза. При тоа може да се одреди хитолошкиот тип на туморот , како и степенот на диференцираноста на туморот, што е од голема важност за одредување на соодветна терапија.

Степенот на диференцираноста на туморот т.е градусот, ја одредува и неговата агресивност и е битен прогностички фактор на болеста.

Примена на езофагоскопијата

Езофагоскопијата се применува при многу состојби. Покрај тоа што со езофагоскопијата се врши детален преглед на слузокожата на хранопроводот, при оваа дијагностичка метода можат да се откријат: воспаление (езофагит), чир, стеноза (стеснување) на хранопроводот, исто така, доколку има потреба може да се отстрануваат полипи (бенигни тумори), да се сопре крварење, на пример при „прскање“ на чир на хранопроводникот и да се земе примерок од слузокожата (биопсија) за понатамошно испитување.

Припрема на пациентот

Пред прегледот пациентот не смее ништо да јаде и пие. Со тоа ќе се овозможи задоволителна визуелизација но и ќе се избегне повраќање во текот на процедурата.

Изведба на езофагоскопијата

Езофагоскопот е мека, совитлива цевка, која се преку устата внесува се до желудникот. Процедурата обично трае 5 минути и обично се изведува со истовремена интравенска (преку инфузија) седација. Алергиските реакции кон овие седативи се ретки. По изведбата на процедурата, пациентот, доколку примил седатив (средство за смирување), не треба да управува со моторни возила сé до наредниот ден.

Езофагоскопијата се изведува во болница, како амбулантска процедура, односно пациентот не се хоспитализира. Обично, доколку пациентот примил средство за смирување треба да остане уште 3 часа по процедурата во болница.

Компликации

Езофагоскопијата е непријатна за пациентите, но сепак е многу безбедна метода. Комликациите од езофагоскопиата се ретки, а најчесто може да се јават при интервентни процедури како дилатација (проширување) на стриктури (стеснувања) на хранопроводот, отстранување на полипи и сл.

Компликации кои најчесто се јавуваат:

  • перфорација (пробивање, пробушување) на ѕидот на хранопроводот,
  • инфекција на вратот, градите или стомачната празнина по перфорација (пробивање) на хранопроводникот,
  • крварење, доколку се оштетат крвните садови, но најчесто тоа се јавува при отстранување на полипи,
  • белодробни инфекции, како резултат на повраќање или аспирација (вдишување) за време на процедурата.

Постојат начини за рано откривање и следење на појавата на овие компликации. Многу ретко може да се јави потреба од хоспитализација, хируршка операција, хранење преку инфузија или трансфузија на крв. Иако може да дојде и до смртен исход од компликации при дилатација на езофагус (проширување на хранопровод), сепак тоа е екстремно ретко.

Посебни мерки на претпазливост се преземаат доколку пациентот:

  • има тешка срцева, белодробна или бубрежна болест,
  • има намален имунитет,
  • има заболување на срцевите залистоци, пејсмејкер,
  • има шеќерна болест,
  • прима хемотерапија,
  • има вештачки, имплантиран зглоб,
  • доколку пациентот лесно крвари или зема лекови против згрутчување на крвта.

Дополнителни испитувања за одредување на стадиумот на болеста

Откога ќе се постави дефинитивна дијагноза на карциномот на хранопроводникот, со цел да се разграничи дали се работи само за локализирана или локално напредната болест, или пак за метастазирана болест ,се прават и дополнителни испитувања. Тие се битни за одредување на стадиумот на болеста, а со тоа и за примена на адекватна терапија за секој пациент одделно.

Карциномот на хранопроводникот може по крвен пат да се расее во одалечените ткива и органи во телото. Може да биде зафатен било кој орган или ткиво.

Сепак, најчести метастази се во црниот дроб, белите дробови и коските.

Затоа се спроведуваат следниве дополнителни иследувања.

Ехотомографскиот преглед на абдомен

Ехотомографскиот преглед (ултразвук) користи звуци со висока фрекфенција, кои преку сонда се насочуваат кон телото на пациентот. Преку истата сонда се регистрираат од¬биените зрачни бранови и врз основа на разликата од влезниот сноп на ултра¬звуч¬ните зраци и одбиените зраци се добива слика за внатрешните органи и структури на телото. Таа слика се гледа на монитор.

Ехотомографскиот преглед на абдоменот ни дава преглед на сите органи и структури во абдоменот, а посебно е корисна дијагностичка метода за откривање на метастази во црниот дроб и лимфните јазли.

Оваа метода се користи кај карциномот на хранопроводникот, со цел да се откријат присутни метастази во абдоменот, со што помага во одредувањето на стадиумот на болеста.

Компјутеризирана томографија на абдоменот

Доколку со ехотомографскиот преглед се откријат некои суспектни метастази во лимфните јазли, во црниот дроб, или во некои други органи во абдоменот, се прави и компјутеризирана томографија на абдоменот. Таа е посупериорна метода во споредба со ехотомографскиот преглед на абдоменот.

Сцинтиграфски преглед (скен) на скелетот

Карциномот на хранопроводникот често дава коскени метастази, кои настануваат со расејување на карциномските клетки по крвен пат. Може да биде зафатена која било коска од телото, но најчесто промените се во ‘рбетот и на карлицата.

Со сцинтиграфскиот преглед на скелетот се откриваат овие промени во целиот скелет.

Овој преглед се изведува со претходно вбризгување на раствор со радиоактивен технициум кој се аплицира во вена. По 90 минути од аплицирањето се прави сцин¬тиграфскиот преглед. Радиоак¬тивниот технициум се депонира во метастатските про¬мени во сите коски од скелетот и на тој начин се добива снимка на која се гледаат метастазите како темни зони.

Методата е безболна и не дава никакви несакани ефекти.

Многу е прецизна и со неа може да се откријат и најмали промени во коските, кои не се гледаат на обична рендгенска снимка.

Првичните и дополнителните дијагностички процедури овозможуваат да се одреди прецизно клиничкиот стадиум на болеста, да се утврди дали станува збор за операбилен или неоперабилен тумор, и да се одреди адекватен третман, според стадиумот, кај секој пациент одделно.