• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Дијагностички постапки PDF Печати
Среда, 09 Јули 2008 11:34
Индекс на артикл
Дијагностички постапки
Инвазивни дијагностички процедури
Дополнителни испитувања
Сите страници

Дијагноза кај карцином на хранопроводникот

Дијагнозата се поставува со внимателно земена анамнеза, физикален преглед по системи, лабораториски испитувања, рендгенографски испитувања, инвазивни дијагностички процедури (за цитолошка и хистолошка дијагноза), радиоизотопски и ехотомографски испитувања.

Постојат првични и дополнителни дијагностички процедури.

Првични дијагностички процедури

Анамнеза и физикален преглед

При анамнезата, особено се обрнува внимание на присутните симптоми и знаци на болеста. Податокот за тешко и болно голтање, како и наглото губење на телесна тежина, треба да го наведе лекарот да се посомнева за присутен карцином во горните партии на системот за варење, односно во хранопроводникот. Исто така, анамнестичките податоци за пушење и ексцезивно консумирање на алкохол, неправилна исхрана, како и присуство на некои предиспонирачки состојби на хранопроводникот, може да го наведат лекарот да се посомнева за постоење на ова малигно заболување.

По земањето на детална анамнеза, искусниот лекар може да се посомнева за постоење на карцином и да назначи и други, дополнителни испитувања, со цел да се постави точна и рана дијагноза.

По анамнезата следи внимателен физикален преглед по системи.

Лабораториски испитувања

Во рутински испитувања спаѓаат: крвна слика и седиментација. Покрај рутинските испитувања, потребно е да се испитаат и хепаталните ензими, алкалната и киселата фосфатаза, уреата, креатиннот и електролитите.

Радиографски испитувања

Рендгенграфија на бели дробови

Нативната снимка на белите дробови е значајна и едноставна метода со која се одредува локализацијата и карактеристиките на туморската маса и евентуалната проширеност во регионалните лимфни јазли. Исто така, може да се приметат и други промени, како подигната дијафрагма при парализа на нервот френикус, деструкција на ребра или прешлени, воспалителни процеси и друго.

Рендгенграфијата на белите дробови е почетна и основна метода во дијагнозата на карциномот на хранопроводникот.
Езофагографија со бариумска каша

Алтернатива на езофагоскопијата е езофагографијата. Тоа е рендгенско снимање на хранопроводникот со користење на бариумска каша. Пациентот пие бариумска каша, а потоа се прави рендгенска снимка на градниот кош, при што се гледа хранопроводникот исполнет со контраст.

Контрастното рентген снимање со бариумова каша на хранопроводот дава слични податоци во однос на откривање на улкуси (чир), полипи, тумори и други абнормалности. Снимањето е безболно и не бара седација, но сепак езофагоскопијата дава многу подобар, подетален увид во реалната состојба, особено за болести кои се во рана фаза и кои можат да не се видат на езофагографијата со бариумова каша.

Компјутеризирана томографија на градниот кош

Компјутерската томографија (КТ) користи посебна опрема со рендген зраци за до¬бивање на слики од телото од различни агли. Податоците се анализираат и се обработуваат со помош на компјутер. Така се добиваат дигитални слики кои прикажуваат пресеци на телото низ органите и ткивата. На тој начин се овозможува тродимензионален детален приказ на надолжни и на напречни пресеци на сите ткива и органи. КТ е најпрецизна дијагностичка метода.

КТ дава морфолошки изглед на туморот, овозможува да се измери неговата големина, да се утврди прецизната локализација на туморот како и неговата проширеност во околните ткива и структури.

Оваа дијагностичка процедура е безболна и не дава несакани ефекти.

Таа е посупериорна метода во споредба со конвенционалните рендгенграфски испитувања, затоа што во повисок процент може да покаже проширеност или метастази во регионалните лимфни јазли.

Лимфните јазли до 1 cm се сметаат за негативни (без метастази).

Лимфните јазли со големина од 1 до 2 cm се сметаат за суспектни, а лимфните јазли поголеми од 2 cm се сметаат за метастатски.

Со преглед на горниот дел од абдоменот се евалуираат лимфните јазли во таа регија како и црниот дроб.

КТ се користи за прецизно водење на биопсијата и на другите минимално инвазивни процеду¬ри, како и за планирање на хируршкиот третман и за утврдување на опе¬рабилноста на туморот.

КТ се користи и за планирање и за соодветно администрирање на радиотерапијата со помош на КТ симулатор.