• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Кои се фактори на ризик за рак на бубрег? Печати

Одредени фактори го зголемуваат ризикот за развој на оваа болест кај некои луѓе. Тие фактори се нарекуваат фактори на ризик. Сепак присуството на еден, па дури и на повеќе фактори на ризик, не значи дека ќе дојде до развој на рак на бубрег. Можно е да заболат и лица кои немаат ниту еден фактор на ризик.

Сеуште неможе да се објасни зошто некои луѓе заболуваат, а други не.

Фактори на ризик за рак на бубрег се:

  • Фактори на ризик поврзани со начинот на живеење и со животните навики.
  • Други фактори на ризик.

Фактори на ризик поврзани со начинот на живеење и со животните навики

Пушење

Пушењето го зголемува ризикот за настанување на рак на бубрег. Во многу студии цигарите се опишани како сигурен фактор на ризик. Ризикот е поврзан со времетраењето на пушењето и со бројот на испушените цигари. Тој е поголем доколку лицето пушело долго време и голем број на цигари дневно, а се намалува со престанување на пушењето.

Прекумерна телесна тежина

Луѓето кои имаат прекумерна телесна тежина имаат повисок ризик за појава на рак на бубрег, во споредба со оние кои имаат оптимална телесна тежина.

Хемиски канцерогени соединенија од работната средина

Хемиските соединенија имаат големо значење за појавата на малигните тумори на бубегот. Тие може да се синтетизираат во организмот од нитритите и нитратите, да се внесат со храната или со некои лекови.

Многу клинички студии го докажале канцерогеното делување на некои професионални хемиски супстанции. Некои од нив се: азбестот, кадмиумот, пестицидите, бензенот, органските растворувачи, посебно трихлоретиленот.

Други фактори на ризик

Фамилијарна историја на болеста (генетска предиспозиција)

Доколку некој од членовите на семејството боледува од оваа болест, постои поголем ризик и неговите потомци да заболат од неа. Ризикот е поголем ако е заболен роднина од прво колено (татко, мајка, брат, сестра). Тој е уште поголем доколку има повеќе заболени роднини.

Одредени наследни и други заболувања (состојби)

Траумата, воспалителните заболувања, калкулусите (каменчиња), вродените малформации и цистичните бубрези се сметаат за можни фактори на ризик за појава на рак на бубрег.

Висок крвен притисок

Ризикот од појава на рак на бубрег е поголем кај лицата со висок крвен притисок. Тие често се под долготрајна медикаментозна терапија, па затоа е тешко да се каже дали поголемиот ризик е резултат на високиот крвен притисок или на лековите, или можеби е комбинација од овие два фактори.

Одредени лекови (медикаменти)

Одедени лекови може да го зголемат ризикот за појава на рак на бубрег. Лековите кои се користат против висок крвен притисок, но и некои други лекови, се сметаат за ризик фактори за настанување на ракот на бубрегот.

Раса

Ракот на бубрегот малку почесто се јавува кај црната отколку кај белата раса. Тоа е најверојатно поради наследените гени и влијанието на животната средина. Но, сеуште не се знае вистинската причина за неговото почесто јавување кај црната раса.

Пол

Ракот се јавува два пати почесто кај мажите во споредба со жените. Вистинската причина не е позната. Се претпоставува дека причината за разликата во честотата на ракот на бубрегот помеѓу половите е поради тоа што мажите се почесто изложени на делувањето на некои хемиски супстанции за време на секојдневната работа, како и поради тоа што има повеќе пушачи меѓу мажите отколку меѓу жените.

Долготрајна дијализа

Дијализата е третман кој се користи за да се отстранат отровите од организмот кај луѓето чии бубрези не функционираат. Лицата со напреднати бубрежни заболувања, кои се на дијализа, имаат повисок ризик за настанување на рак на бубрег.

Хормони

Сè повеќе се проучува хормонската зависност на ракот на бубрегот. Сериозни проучувања направил Dr. Bloom, кој смета дека прогестеронот, кортикостероидите и тестостеронот се во координација со бубрежниот рак.