• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Кои се симптомите и знаците на ракот на бубрегот? Печати

Ракот на бубрегот често е подмолна болест и може долго време да се развива во организмот, без да даде почетни симптоми и знаци. Затоа, во многу случаи, тој се открива во понапредната фаза, кога туморот е проширен во околните ткива, надвор од бубрегот, или кога е проширен во другите ткива и органи во телото т.е. кога е метастазиран.

Во некои случаи, симптомите се слабо изразени и неспецифични, како што се: општа слабост, малаксаност и повремени безболни хематурии (крв во мочка). Овие симптоми можат спонатно да се повлечат.

Кај некои болни заболувањето се манифестира со општа интоксикација на организмот.

Локални симптоми

За ракот на бубрегот се карактеристични следните три симптоми и знаци:

  • хематурија (крв во мочка)
  • опиплив тумор
  • болка

Хематурија (крв во мочка)

Најчест клинички знак на ракот на бубегот е безболната хематурија, која се јавува кај повеќе од 50% од болните. Таа, обично се јавува спонтано и при полно здравје и по некое време спонатно исчезнува, без лекување. Во почетокот, хематуријата ретко се јавува, но со напредувањето на болеста, таа е сè почеста. Обилната хематуријата може да предизвика згрутчување (коагулација) на крвта во бубрежните чашки и уретерот (горниот мочен канал) и да доведе до нивно запушување, кое се манифестира со болки, тешко мочање, па дури и со појава на анурија (потполна неможност за мочање).

Опиплив тумор

Втор клинички знак по честота и важност е присуство на тумор во абдоменот, кој може да се напипа при бимануелен преглед.

Болка

Трет значаен симптом е болката, која зависи од степенот на развојот на болеста. Болката може да се јави во вид на колика (јаки напади на болка). Коликата престанува со исчезнувањето на хематуријата. Но, кога туморот ќе се прошири надвор од капсулата на бубрегот, болката може да биде постојана и тапа. Оваа постојана и тапа болка се јавува кај 40% од случаите.

Симптоми од метастазите

Кај некои пациенти, ракот на бубрегот започнува со симптоми и знаци од присутните метастази. Главна локализација на метастазите се белите дробови и коските, но туморот може да метастазира во било кое ткиво и орган во телото.

Како прв знак на болеста може да биде: отежнато дишење, сува или продуктивна кашлица, плукање на крв, болки во градите (при присутни метастази во белите дробови) или болки во коските (при присутни метастази во коските).

Доколку се јават метастази во мозокот, тогаш може да постојат и карактеристични симптоми како: главоболка, вртоглавица, губиток на рамнотежа, повраќање и слично.

Појавата на тумор во двата бубрега е ретка. Ако туморот се јави прво на едниот бурег, а подоцна и на другиот, тој се смета за метастаза.

Други, не така чести симптоми

  • Појава на варикоцела (проширени крвни садови). Кај жените се шират вените на големите лабии (усни) на вулвата и тоа е знак за напреднат стадиум на болеста.
  • Покачена телесна температура, која најчесто достигнува до 38 степени целзиусови. Се смета дека температурата се јавува поради специфичните пирогени материи кои ги лачат канцерските клетки на бубрегот.
  • Екстраренални симптоми:
    • топли бранови и полицитемија (зголемен број на црвени крвни зрнца во крвта) – болеста на Vaquer. При ракот на бубрегот, се констатира зголемен број на црвени крвни зрнца (еритроцити), покачени вредности на хемоглобин и хематокрит, без промени на белите крвни зрнца (леукоцити) и на крвните плочки (тромбоцити). Полицитемијата е резултат на зголеменото количество на еритропоетин, кој го излачуваат канцерските клетки, а се јавува кај 5-10% од болните.
    • хипертензија (висок крвен притисок), која е постојана и не реагира на терапија.
    • зголемена продукција на супстанции слични на хормони, кои доведуваат до: хиперкалциемија (зголемено ниво на калциум во крвта), Кушингов синдром, феминизација и маскулинизација.