• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Симптоми и знаци кај карцином на хранопроводникот PDF Печати
Среда, 09 Јули 2008 11:33

Симптомите и знаците кај карциномот на хранопроводникот се јавуваат како последица на присутниот тумор, како и поради неговото локално ширење во околните здрави структури.

Доминантен примарен симптом за карциномот на хранопроводникот е дисфагијата (отежнато голтање), која заедно со губитокот на телесната тежина, се јавува кај 90% од пациентите. Одинофагијата (болно голтање) е присутна кај 50% од болните.

Засипнатоста на гласот (дисфонија), кашлица, регургитација (враќање) на несварена храна, болка позади градната коска или во епигастриумот, ретко се присутни симптоми и знаци, во раните стадиуми на болеста.

Регионални симптоми

Симптомите кои произлегуваат од директното ширење на туморот во околните здрави структури или во регионалните лимфни јазли се разновидни.

Со текот на развојот на болеста, како што туморот, со својот локален раст ги зафаќа и околните здрави ткива и органи, може да даде различни симптоми и знаци, во зависност од тоа кои структури ќе бидат инфилтрирани со примарниот тумор.

Така, доколку дојде до компресија или инфилтрација на големата вена кава (vena cava superior) се јавува т.н. синдром на вена кава.

Горната вена кава е главна вена во градниот кош која ја носи крвта од горните делови на телото до срцето.

Синдромот на вена кава е делумна оклузија на вена кава. Делумната оклузија доведува до намален проток на крвта низ оваа вена. Симптомите на синдромот на вена кава супериор се:

  • промена на гласот,
  • кашлица,
  • конфузна состојба,
  • зголемени и проширени вени во горните делови на делото, посебно во рацете, вратот и лицето,
  • оток на рацете, вратот и лицето,
  • отежнато голтање.

Според тоа, синдромот на вена кава претставува збир на симптоми и знаци, кои настануваат поради опструкција на венската и лимфната дренажа во горниот дел на градниот кош, главата и вратот и горните екстремитети.

Клиничката слика на овој синдром прв ја опишал William Hunter во 1757 година, кога во повеќето случаи, овој синдром се јавувал како последица на туберкулозни и сифилични воспаленија на белите дробови, а само 37% бил предизвикан од малигна болест.

Современите испитувања покажале дека приближно 95% од случаите на синдромот на вена кава се последица на малиген процес во градниот кош.

Секундарната опструкција на горната вена кава (vena cava superior) кај карциномот на хранопроводникот е резултат од директната инвазија од страна на туморот или од надворешна или внатрешна компресија, или пак се присутни и двата механизми. Тежината на клиничката слика зависи од брзината на настанувањето на опструкцијата, како и од нејзината локализација.

При локално напреднат карцином на хранопроводникот може да дојде до појава на т.н. Horner-ов синдром, кои го карактеризира постоење на клинички тријас: птоза (спуштен очен капак), миоза (стеснување на зениците) и ендофталмус (вдлабнатост на очното јаболко во очната дупка).

Чести симптоми при напреднат карциномот на хранопроводникот е и дисфонијата (засипнат глас), која се јавува заради инфилтрација или компресија на нервот рекуренс.

Поради парализа на нервот френикус, поради негова инфилтрација или компресија од надвор, доаѓа до парализа на дијафрагмата и до незино подигање нагоре. Тоа ќе резултира со појава на отежнато дишење (диспнеа).

Доколку е зафатена срцевата обвивка, може да се јават знаци на срцева тампонада.

Ако со туморот се инфилтрира плеврата, може да дојде до појава на плеврален излив.

Ако туморот ја зафати и аортата и дојде до нејзина ерозија, можни се мелена (крв во столицата) и крварење во градниот кош (екстрасангвинација).

Системски симптоми

Доколку малигните клетки преку крвта се расеат во оддалечени ткива и органи во телото, симптомите и знаците ќе зависат од тоа каде кои ткива и органи се зафатени.

Така, доколку постојат коскени метастази, ќе бидат присутни јаки болки во коските, а можни се и патолошки скршеници.

Доколку постојат белодробни метастази, ќе постојат потешкотии во дишењето како кашлица, напади на гушење, хемоптизии.

Доколку постојат метастази во црниот дроб, ќе се јави болна осетливост под десниот ребрен лак и хепатомегалија (зголемен, палпабилен црн дроб). Доколку метастазите се опсежни и зафаќаат голем дел од црниот дроб, ќе се јават пореметувања на бројните метаболни функции во организмот, со појава на жолтица, општа слабост, малаксалост, па дури и појава на коматозна состојба.

При постоење на метастази во мозокот, често се јавуваат неуролошки симптоми како: интензивни главоболки, повраќање, дупло гледање, пореметена равнотежа.