• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Целијакија – хронична и доживотна болест Печати

За некои болести ретко се говори и потешко се дијагностицираат, што е голем проблем доколку вашето дете боледува од таква болест. Но, што е полошо, се случува да таа болест воопшто не е така ретка, а кај нас сеуште се третира како таква. Една таква болест е целијакијата.

Целијакијата како болест е позната веќе 2000 години, но дури во 1950-тата година е утврдено дека тоа е всушност неподнесување на некои житарици.

Целијакија или Целијачна болест е хронично автоимуно заболување, кое се карактеризира со неподносливост на организмот на глутен – белковина која ја има во житариците: пченицата, јачменот, ‘ржта и овесот. Ова заболување е доста распространето. Се претпоставува дека повеќе од 1 милион Европејци боледуваат од целијакија. На еден дијагностициран болен има најмалку седум што не се дијагностицирани.

Целијакија е болест која може да се јави во секоја возраст и кај двата пола. Може да се јави и кај доенчињата.

Кај лицата со целијакија постои неподноливост на глутен. Глутенот по градба е белковина, која кај луѓето кои не го поднесуваат, доведува до уништување на слузницата на тенкото црево, која со тоа ја губи способноста за ресорпција на хранливите состојки.

Доколку преку храна се внесе глутен, дури и во минимални количини, храната едноставно не се задржува во организмот, туку се исфрла преку течни и обилни столици, па така излегува од организмот и ништо не се задржува од хранливите материи. Столиците се со карактеристичен мирис, кашести, обилни и со несварени остатоци од храната. На оваа болест треба да се посомневаме доколку лицето има хроничен пролив проследен со губење на тежина и застој во растот.

Организмот на болниот има интензивна реакција на глутен, и таа реакција предизвикува оштетување на ресичките сместени во слузницата не тенкото црево, па варењето на храната е оневозможено. Штом глутенот се исфрли од исхраната, ѕидовите на цревата се обновуваат, но луѓето со овој проблем мора цел живот да бидат на исхрана без глутен.

Симптоми на болеста

Најчести симптоми на целијакија се:

  • Хроничен пролив
  • Губење во тежина
  • Повраќање
  • Болка во стомакот
  • Подуеност
  • Анемија

Други, поретки симптоми се:

  • главоболки и мигрена
  • чиреви во устата
  • замор/летаргија
  • болка во мускулите и зглобовите
  • бавно растење кај децата

Како се поставува дијагноза?

За да се открие болеста, се испитуваат антителата на глутен во крвта. Но, за дефинитвна потврда на дијагнозата, мора да се направи биопсија на тенкото црево по консумирање храна која содржи глутен. Пред тестирањето, во исхраната мора да биде вклучена и храна што содржи глутен, затоа што, во спротивно, цревата можат да заздрават и целијакијата нема да биде откриена.

Бидејќи болеста е трајна, болниот треба да биде на диета (храна без глутен) цел живот.

Дали постои лек за целијакијата?

За оваа болест не постојат лекови за излекување. Заболеното лице живее сосема нормално, но само ако строго се придржува на безглутеинска диета, што во наши услови може да биде проблем. Често постои „скриен“ глутен практично во сите намирници кои можат да се најдат во нашите продавници (бомбони, мастики, чоколади, пудинг, ајвар, сите сувомеснати производи, виршли, кобасици, конзервирана храна, печени кикирики, сладолед, семки, сончоглед...). Глутенот, поради своите врзувачки својства, често се додава во многу намирници.

Плус, житариците кои не содржат глутен (пченка и ориз) можат да бидат смелени во иста мелница во која се мелат и оние со глутен, па овие материи ќе бидат во трагови и во овие житарици, кои не го содржат глутенот, а тоа е доволно да кај заболениот предизвикаат реакција.

Долколку лицето кое боледува од целијакија не се придржува на безглутенската диета, може да дојде до мускулна слабост, пореметување на работата на срцето, ноќно слепило, остеопороза, дијабет, оштетување на забите, проблеми со централниот и периферниот нервен систем, а кај жените може да доведе до проблеми со плодноста и до абортуси.

Лицата со целијакија можат да јадат намирници кои не содржат глутен, како што е пченката, сојата и оризот. Во Кина, каде многу се конумира ориз, оваа болест е многу ретка.