• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Превенција и скрининг кај карциномот на хранопроводникот PDF Печати
Среда, 09 Јули 2008 11:32
Индекс на артикл
Превенција и скрининг кај карциномот на хранопроводникот
Скрининг кај карцином на хранопроводникот
Сите страници

Бидејки не е позната причината за настанувањето на кациномот на хранопроводникот, како и сите можни фактори на ризик, не е можно да се спроведе адекватно спречување на болеста. Сепак како превенција се наведува избегнување на оние фактори на ризик на кои може да влијаеме и да ги контролираме. Тоа се, секако, на прво место пушењето и прекумерното консумирање на алкохол.

Превенција на планоцелуларниот карцином на хранопроводникот

Пушење и алкохол

Бројни студии докажале дека со престанување на пушење и консумирање на алкохол значително се намалува ризикот од појава на планоцелуларниот карцином на хранопроводникот. Релативниот ризик поврзан со пушењето е 2.4. Ретроспективните студии покажале дека пациенти кои пушат и истовремено консумираат големи количини на алкохол имаат од 2 до 7 пати поголем ризик за езофагеален карцином, во споредба со оние лица кои не пушат и не пијат алкохол. Студиите, исто така, покажале висок ризик и кај пациенти кои ексцесивно консумираат алкохол, а не се пушачи.

Исхрана

Бројни клинички студии покажале дека исхраната има улога во настанувањето на карциномот на хранопроводникот. Увидено е дека оние лица кои со исхраната внесуваат повеќе масти од животинско потекло, а помалку свежо овошје и зеленчук, се со поголем ризик за настанување на карцином на хранопроводникот.

Лица кои, поради начинот на исхраната, внесуваат поголемо количество на нитрозоамини, нитрозоамиди и други нитрозо соединенија, имаат поголем ризик за развој на карцином на хранопроводникот.

Од друга страна пак, бројни студии покажале дека со внесување во исхраната на зелка, брокула, карфиол, како и друг зелен и жолт зеленчук и овошје, се намалува ризикот од појава на езофагеален карцином.

Според тоа, како превенција за карцином на хранопроводникот, се препорачува исхрана богата со свежо овошје и зеленчук.

Одржувањето на нормална телесна тежина со правилна исхрана и умерена физичка активност го намалува ризикот од настанување на ова оболување

Примена на аспирин и нестероидни антиинфламаторни лекови

Врз база на бројни епидемиолошки студии е утврдено дека аспиринот или нестероидните антиинфламаторни лекови се поврзани со намален ризик од развој или смрт од езофагеален карцином.

Инфекција со Helicobacter pylori и желудечна атрофија

Инфекцијата со Helicobacter pylori како и желудечната атрофија го зголемуваат ризикот за развој на планоцелуларниот езофагеален карцином. Затоа им се препорачува на лицата со инфекција со Helicobacter pylori и присутна желудечна атрофија, да прават редовни скрининг контроли, со цел да се открие евентуално постоење на карцином на хранопроводникот и тој да се открие во неговите почетни, рани фази, кога лекувањето е поуспешно.

Превенција на аденокарцином на хранопроводникот

Гастроезофагеален рефлукс и Barret-ов хранопроводник

Многу епидемиолошки студии покажале дека силно изразен и долготраен гастроезофагеалне рефлукс (враќање на желудечната содржина во хранопроводникот) го зголемува ризикот за настанување на аденокарциномот на хранопроводникот. Долготрајниот гастроефозагеален рефлукс доведува до развој на Barret-ов хранопроводник, состојба при која абнормален цревен епител го заменува нормалниот сквамозен епител на хранопроводникот, кој го има во долниот дел од езогфагусот.

Кај некои пациенти со гастроезофагеален рефлукс и Barret-ов хранопроводник им се препорачува превентивно хируршко корегирање на рефлуксот и Barret-овиот хранопроводник. Сепак, сеуште со сигурност не се знае дали елиминирањето на гастроезофагеалниот рефлукс по хируршки пат, ќе го намали и ризикот од развој на аденокарцином на езофагусот.

Одржување на нормална телесна тежина и правилна исхрана

Одржувањето на нормална телесна тежина со правилна исхрана и умерена физичка активност го намалува ризикот од настанување на аденокарциномот на хранопроводникот.

Примена на аспирин и нестероидни антиинфламаторни лекови

Врз база на бројни епидемиолошки студии е утврдено дека аспиринот или нестероидните антиинфламаторни лекови се поврзани со намален ризик од развој или смрт од езофагеален карцином.


Скрининг кај карцином на хранопроводникот

Скрининг тестовите се прават со цел да се открие малигната болест во нејзината рана фаза, додека е сеуште асимптоматска. Сепак, не е докажано во клиничките студии, дека примената на овие тестови ќе го намали и ризикот од смрт од карциномот на хранопроводникот.

Научниците ги испитуваат скрининг тестовите за да ги откријат оние кои се со најмали ризици за пациентот, а со најголем бенефит.

Не постои стандарден или рутински скрининг тест за езофагеалниот карцином. Тестови кои можат да го откријат езофагеалниот карцином, а кои сеуште се испитуваат дали се и ефикасни како скрининг методи, се:

  • езофагоскопија,
  • биопсија,
  • Brush (четкаста) цитологија,
  • балон цитологија,
  • хромоендоскопија,
  • флуоресцентна спектроскопија.

Сепак, овие процедури се прават само кај пациенти кои имаат одредени предиспонирачки состојби на хранопроводникот, како што се: гастроезофагеален рефлукс, Barret-ов хранопроводник, и други.

Езофагоскопија

Езофагоскопија е процедура со која се овозможува директна визуелизација на внатрешноста на хранопроводникот (езофагус) со помош на ендоскоп, кој е флексибилен, совитлив инструмент.

Поновите езофагоскопи ги пренесуваат сликите електронски, додека постарите типови со помош на фибер-оптички систем.

Езофагоскопијата е иницијална процедура за потврдување на рефлуксен езофагит (рефлуксна болест), потврда на ерозии, диверикулуми (вреќести проширувања на sидот на хранопроводникот), но и за карцином на хранопроводникот. Езофагоскопијата се изведува со ендоскоп, кој има форма на цевка, долг е околу 100 см, со дијаметар од 9 мм. Во внатрешноста на ендоскопот се наоѓа оптичкиот системи и рaботен канал (преку кој по потреба се зема биопсија или се сопира крварење во хранопроводот или желудникот), на врвот се наоѓа камера и светло со што е овозможена директна визуализација.

Биопсија

Доколку лекарот при езофагоскопијата забележи некоја сомнителна промена на слузницата на хранопроводникот, тој со помош на едноскопот, кои има специјален дел за биопсија, зема дел од сомнителната промена. Материјалот земен со биопсија се праќа на хистопатолошко испитување кај лекар, специјалист-патолог

„Brush“ (четкаста) цитологија

Тоа е процедура при која се земаат клетки од слузницата на езофагусот и се гледаат под микроскоп. Ова се прави за време на езофагоскопијата, со посебен дел во вид на четка, кој ги зема клетките од слузницата на езофагусот.

Балон цитологија

Ова е процедура со која клетките се собираат од слузницата на хранопроводникот, користејќи издуван балон, кој пациентот го проголтува. Балонот потоа се надувува и се извлекува од хранопроводникот. Езофагеалните клетки на балонот потоа се гледаат под микроскоп.

Хромоендоскопија

Тоа е процедура при која за време на езофагоскопијата се внесува боја во слузницата на езофагусот. Доколку се видат места со поголема пребоеност (во вид на зони со поинтензивна пребоеност) во слузницата на хранопроводникот, тоа може да е знак за ран Barret-ов хранопроводник.

Флуоросцентна спектроскопија

Ова е процедура која користи специјално светло за преглед на ткивото во внатрешноста на езофагусот. Специјална светлосна сонда се внесува преку ендоскопот и го осветлува луменот на хранопроводникот. Малигното ткиво дава помалку светлина отколку нормалното ткиво.